Предложената тема нуди широк дијапазон за претставување трудови и истражувања за творечкиот момент на создавањето на музичките дела, нивната анализа и перцепција, велат организаторите
„Музиката помеѓу творецот и публиката“ е тема на годинешната манифестација „Струшка музика есен“, која почнува на 21 и ќе трае до 23 септември во хотелот „Дрим“ во Струга.
– Осврнувајќи се кон процесите на творештвото, оваа година се насочуваме кон разгледувањето на музиката помеѓу творецот и публиката. Предложената тема нуди широк дијапазон за претставување трудови и истражувања за творечкиот момент на создавањето на музичките дела, нивната анализа и перцепција.
Претставувајќи своевидна дефиниција, артикулација и организација на одредени состојби и размисли на самиот автор, музичкото дело опстојува во поглед на неговата рецепција и разбирање преку изведбата. Неговото толкување и повторно создавање, преку изведувачите, институциите-посредници (концертни сали, театри и сл.) и музичката критика, ширејќи ја мрежата на уметничко-социолошкиот мобилитет, претставува поврзувачка нишка помеѓу музичката творба, нејзиното прифаќање и публиката. Во овој контекст посочената тема отвора прашања што би резултирале со нови истражувања во областа на музикологијата, етномузикологијата, музичката византологија, танцовата уметност, музичкото образование и педагогија, културната политика и улогата на медиумите во процесот на музичкото дело од авторот до публиката – велат организаторите на манифестацијата.
Како и секоја година, во рамките на конференцијата на СМЕ ќе бидат презентирани трудови што ќе ги одбележат јубилеите на македонските творци и институции, и тоа: Александар Линин (110 години од раѓањето и 20 години од смртта), Богдан Шиндиловски (100 години од раѓањето), Драгослав Ортаков (90 години од раѓањето), Кокан Димушевски (60 години од раѓањето), Петре Богданов-Кочко (30 години од смртта), Димче Николески (20 години од смртта), Стојче Тошевски (10 години од смртта), Васил Икономов (170 години од раѓањето), Атанас Бадев (110 години од смртта).
Меѓу учесниците на манифестацијата е и м-р Викица Костоска-Пенева, која во рамките на конференцијата ќе презентира „Осврт кон делата за соло-пијано од македонските композитор Драгослав Ортаков, Стојче Тошевски и Димче Николески“. Трудот е напишан во контекст на одбележувањето на јубилеите – 90 години од раѓањето на Драгослав Ортаков, 10 години од смртта на Стојче Тошевски и 20 години од смртта на Димче Николески.
– Во историјата на македонската музичка култура имињата на композиторите Драгослав Ортаков, Стојче Тошевски и Димче Николески имаат оставено длабока трага во сите сфери на нивното дејствување. Во 2018 година одбележуваме значајни јубилеи за нив и во прилог го посветуваме овој труд, осврнувајќи се на еден сегмент од нивниот творечки опус – делата за соло-пијано. Преку анализата на делата: „Детска свита“ за пијано од 1961-та, „Суита“ за пијано од 1960-та и „Соната“ за пијано од 1990-та од Драгослав Ортаков; „Три минијатури“ за пијано од 1961-та, „Суита“ за пијано од 1964-та и „Капричо за Тодор Светиев“ од 1999-та од Стојче Тошевски и „Пет фолклорни игри“ за пијано од 1964-та, „Тажен танц“ за пијано од 1964-та и „Свита“ за пијано од 1965-та од Димче Николески, ќе ги издвоиме обележјата и спецификите на нивниот композиторски стил и ќе повлечеме паралели и заклучоци за времето во кое се создадени овие дела за соло-пијано – пишува Викица Костоска-Пенева во својот труд.
На конференцијата ќе учествува и д-р Тихомир Јовиќ, кој во својот труд ќе се осврне на полифонијата во творештвото на Димче Николески, создадено во периодот 1960 – 1980 година.
– Целта на овој труд е да го образложи пристапот на авторот кон полифониот слог како принцип на организација на музичката материја. Конкретно, истражувањето ќе биде насочено кон утврдување на видот, начинот и обемот на употреба на полифонијата во творештвото на Димче Николески, создадено во наведениот дваесетгодишен временски период. За оваа цел беше формиран корпус од достапните дела (партитури и снимки) од опусот на авторот – вели Јовиќ за својот труд.
Во рамките на медијавистичкиот тематски блок од научниот симпозиум на годинашнава „Струшка музичка есен 2018-та“ ќе биде функционално да се изложат средновековните музички и книжевни химнографски жанрови што ја обележувале духовната и културната традиција на просторот на Македонија и пошироко на Балканот. На тој начин ќе се изложат основните карактеристики на овој вид жанровски ансамбл преку популарна форма на претставување, при што за пошироката научна и културна јавност ќе се изнесат основните сознанија за текстолошките, стилско-изразните, музичко-структурните и културолошките интроспекции на химнографското музичко и книжевно творештво. Еден значаен дел од современото македонско музичко и поетско-книжевно творештво инспиративно се напојува токму од традиционалните средновековни химнографски жанровски видови, а сѐ понагласено се забележува и нивното место во современото македонско црковно пеење.