Фото: Маја Јаневска-Илиева

Одредени општини веќе алармираат за недостиг од вода за пиење и воведуваат рестриктивни мерки, а загрижува фактот што дождови, кои би можеле реално да ги наполнат резервите од кои се обезбедува водата за пиење, наскоро не се очекуваат
Индикатори за животна средина на МЖСПП за 2020 година посочува дека 97 отсто достигнува пристапот до безбедна вода за пиење во Македонија, а овој процент во градовите е 100 проценти. Сепак, во руралните средини, 78 отсто од населението има исправна вода за пиење, а остатокот е изложен на повремен ризик од бактериолошко загадување

Неопходни се планови за долгорочно снабдување на населението со чиста вода

Исклучително сушното лето донесе многу проблеми во Македонија, но и во нашето соседство. Пожарите оставија пустош низ земјата, а поради недостигот од дожд, големи загуби и штети има и во земјоделството. Но недостигот од дождовна вода се заканува да донесе проблеми и во водоснабдувањето. Некои од општините веќе алармираат за недостиг од вода за пиење и воведуваат рестриктивни мерки, но загрижува што дождови не се очекуваат наскоро. Нерамномерноста на дождовите, наметната со климатските промени, упатува на потреба од добра организација и точен увид во состојбите со водните резерви во земјава, но анализите покажуваат дека нема институција што има целосен увид во водните ресурси.

Македонија има задоволителни водни ресурси, но со нерамномерна распределба и нерационална употреба

Претставниците на Општина Карбинци за „Нова Македонија“ посочија дека за секое населено место имаат посебни бунари и резервоари за вода и дека забележуваат значителна потрошувачка во четири населените места, каде што, како што потенцираат, „има енормно зголемена потрошувачка и во периодот од 16 до 20.30 часот имаа намален притисок“.
– Делови од општината остануваат без вода за пиење, бидејќи водата не се користи само за пиење туку и за наводнување, бунарите во Плачковица пресушија. За во иднина да обезбедиме вода за жителите, особено поради опасноста од намалување на резервите поради климатските промени, во тек е изградба на филтер-станица со ултрафилтрација од хидросистемот „Злетовица“, со 42 литри во секунда повеќе од потребите на потрошувачката во општина Карбинци, која можеби до крајот на оваа 2021 година ќе биде пуштена во употреба и проблемот со водата ќе биде решен, барем кај нас – посочуваат од ЈП „Плачковица“, Карбинци.
Оваа општина не е единствената со проблеми со водоснабдувањето овој период. Енормна потрошувачка на водата за пиење поради екстремно високите температура може да доведе до секнување на чешмите во Штип и околните населени места, алармира и ЈП „Исар“. Оттаму посочуваат дека се соочуваат и со големи загуби на вода во водоснабдителната мрежа, од над 60 проценти, поради застарената инфраструктура и дивите приклучоци и кражбите.
– Граѓаните треба да се повнимателни при користењето на водата за пиење, особено да се избегнува да се користи за наводнување тревници и бавчи, да не се користи за непродуктивни цели, туку да се користи во овие сушни времиња за пиење и за лична хигиена. Доколку продолжи енормното трошење на водата, ќе дојдеме во ситуација не да правиме рестрикции, туку само по себе ќе снема вода – изјави Здравко Коцев, директор на ЈП „Исар“.
Историски гледано, источниот дел од државата, поради нееднаквата дистрибуција, е поизложен на недостиг од вода за пиење. Околу два процента од територијата на Македонија се под водна површина, има 35 реки и 53 природни и вештачки езера. Генерално, земјата има задоволителни водни ресурси, но и нерамномерна распределба и нерационална употреба.

Треба да научиме да менаџираме со поројните дождови и поплавите, но и со сушите

Раководителот на Одделението за хидрологија при Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), Васко Стојов, за „Нова Македонија“ укажува дека земјата располага со доволно резерви на пивка вода и потенцира дека високите температури влијаат на зголемената потреба од вода и така индиректно се влијае врз намалувањето на резервите.
– Зголемената потреба за вода ги спушта нивоата на водните резервоари, како кај површинските така и кај подземните, и реално има опасност некои делови од земјата да се соочат со недостиг од вода за пиење и рестриктивни мерки, некои реони веќе и го чувствуваат тоа поради зголемената потреба од вода за пиење и наводнување, како поради појавата на суша, но и поради непланското зголемено градење и димензионирање на водоснабдителните системи – укажува Стојов.
Тој објаснува дека како последица на климатските промени, врнежите нема да се намалат, но нивната распределба ќе биде променета, т.е. се очекува врнежите да се јавуваат во периоди кога најмалку се потребни, но и кога не ги очекуваме.
– Особено ќе биде зачестена појавата на екстремни поројни врнежи на разни делови од земјата, кои можат да донесат поројни поплави и катастрофи, како што има примери од други делови на Европа и светот. Овие екстремни појави носат повеќе количества на вода во водните резервоари, затоа треба да научиме да живееме со поплавите, тие не може да се спречат, но со паметно и организирано водостопанство и хидролошки мониторинг ќе може да се ублажат последиците, а вишокот вода ќе може да се задржи во горните сливни подрачја, од каде што во текот на целата година ќе може да се хранат површински и подземните резервоари. За да може да се оствари тоа, државата треба да инвестира во хидролошки инженеринг, ова не е работа на една генерација, ова е работа во континуитет. Сите општества што правилно пристапиле кон водите, денес може да се пофалат со добра организација на водните резерви, како за наводнување, така и за вода за пиење, но и за заштита од поплави – потенцира Стојов.
Извештајот за индикатори за животна средина на Министерството за животна средина и просторно планирање за 2020 година, во делот вода, во кој се содржани податоци за периодот од 2001 до 2019 година, посочува дека 97 отсто достигнува пристапот до безбедна вода за пиење во Македонија, а овој процент во градовите е 100 проценти. Сепак, во руралните средини 78 отсто од населението имаат исправна вода за пиење, а остатокот е изложен на повремен ризик од бактериолошко загадување на водата за пиење. Според индикаторот, при водоснабдувањето со здравствено исправна вода за пиење во руралните населени места, во континуитет се провлекуваат пропусти од типот на недефинирани санитарни заштитни зони околу извориштата на водата за пиење, непостоење на соодветна опрема за пречистување и дезинфекција на водата за пиење, како и несоодветно стручно одржување.

Освен странска финансиска поддршка, потребно е интегрирано управување со водните
ресурси

Активистката за животна средина Петра Поп Христова, докторка на науки по акватична екологија, вели дека нефункционалноста со водоснабдувањето во државата е проблем на целиот сектор води, односно на водоснабдувањето и одведувањето и третманот на отпадните води.
– За секторот води се потребни огромни финансии, се работи за инфраструктурни зафати, а за подобрување на целокупниот сектор на води се потребни 1,5 милијарда евра. Овие пари се недостижни за нашата држава и потребна е помош од странски инвестиции. Следен фактор што влијае врз управувањето со секторот води е што надлежностите над водните ресурси ги имаат повеќе министерства во државата и тоа спречува да се постигне поедноставно и интегрирано управување со водните ресурси. Негативно кон подобрувањето на управувањето со води всушност влијаат и недоволните капацитети на самите институции, како на национално, така и на локално ниво. Доколку се преземат активности за решавање на овие три проблеми, верувам дека значително може да се подобри секторот води, односно од моменталната покриеност од 78 проценти со водоводна мрежа на популацијата во Македонија, да се постигне едно задоволително ниво од 90 и нешто проценти – вели Поп Христова.
Обезбедувањето пристап до вода за сите треба да биде приоритет за државата, но исто така неопходен е мониторинг на резервите на вода со цел институциите да добијат јасен увид во состојбите и опасностите од можностите за недостиг од вода. Потрагата на „Нова Македонија“ до информации за резервите на вода во земјава ни покажа дека нема едно тело што има увид каде и кога има недостиг од вода за пиење, ниту, пак, колкави се моменталните резерви на вода за пиење, или, пак, на другите подземни и надземни резерви на вода. Ваквата состојба упатува на потреба од централизирање на надлежностите во управувањето со водите во посебна институција, за да се обезбеди заштита на јавниот интерес, но и за понатамошни планови за заштита на резервите или, пак, за спречување несакани појави како поплавите.