Русија и Сирија го обвинија Израел дека бомбардирал сириска база по тврдењата дека Асад дека извршил нов хемиски напад

Асад е обвинет за нов хемиски напад врз својот народ, а Трамп му се закани дека ќе плати „висока цена“, по што е бомбардирана сириска воздухопловна база. Сирија прво ги обвинија САД за нападот, а тие негираа вмешаност, по што Дамаск и Москва прстот го вперија кон Израел, кој одби да коментира

Седумгодишната војна во Сирија би можела да добие уште една пресвртница по најновите обвинувања против претседателот Башар ал Асад за хемиски напад врз цивили, по што е бомбардирана воздухопловна база во провинцијата Хомс, а Дамаск и Москва прстот го вперија кон Израел. Руската армија соопшти дека два израелски авиони „ф-15“ извршиле напад врз сириската воздухопловна база Т4 во Хомс, во кој настрадаа најмалку 14 лица. Според руската војска, нападот е извршен од либански воздушен простор, а сирискиот противракетен систем соборил пет од осумте истрелани ракети. Израелската армија, која и претходно гаѓаше сириски цели, одби да ги коментира обвинувањата за нападот, за кој Сирија прво ги обвинија САД.

Во меѓувреме, Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон посочи дека повеќето настрадани во ракетниот напад врз базата се Иранци или припадници на групите што ги поддржува Техеран. Оттаму велат дека најверојатно станува збор за американски напад, иако од САД негираа дека бомбардирале цели во Сирија. Имено, американското министерство за одбрана прво реагираше по ракетниот напад, нагласувајќи дека силите на САД не ја бомбардирале сириската база во кои се напаѓаат сили на Русија, Иран и на либанската шиитска милитантна организација Хезболах.

Франција исто така нагласи дека не стои зад нападот во Сирија, додавајќи дека францускиот претседател Емануел Макрон во телефонскиот разговор со неговиот американски колега Доналд Трамп се согласил координирано да ја следат ситуацијата по обвинувањата дека Асад употребил хемиско оружје во Дума, последното бунтовничко упориште близу Дамаск, и дека во нападот се убиени најмалку 40 лица. Во Њујорк вчера се очекуваа две вонредни средби во Советот за безбедност (СБ) на Обединетите нации (ОН) бидејќи Русија и САД упатија „ривалски“ барања за одржување итни седници по тврдењата за хемиски напад во Сирија. Москва побара итна седница на СБ поради „меѓународни закани по мирот и безбедноста“, иако прецизната тема се уште не е соопштена.

Веднаш потоа, САД и уште осум други земји побара состанок на кој би се разговарало за наводниот напад со хемиско оружје во Дума. Како што наведува Ројтерс, итна седница на СБ на ОН побарале САД, Британија, Франција, Полска, Холандија, Шведска, Кувајт, Перу и Брегот на Слоновата Коска. Претседавачот со СБ, претставникот на Перу, прво закажал состанок по американското барање, а потоа и по руското, на што Москва реагирала прво да се одржи состанокот по нејзино барање бидејќи прва го упатила.

САД и ЕУ во неделата ги обвинија сириските власти под водство на Асад дека извршиле хемиски напад врз Дума, град во источна Гута, под контрола на бунтовниците Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека Асад ќе плати „висока цена“ за „безумниот хемиски напад“. Сириските власти ги отфрлија обвинувањата за напади со хемиско оружје. Руското министерство за надворешни работи оцени дека наводите за хемиски напади во Сирија се лажни и дека секаква воена интервенција преземана врз основа на „измислени и лажирани изговори“ би можела да доведе до тешки последици.


Сложена и опасна ситуација

Западни медиуми и експерти велат дека нападот врз сириската воздухопловна база можеби е дел од стратегијата на Израел да го ограничи военото присуство на Иран во Сирија и да спречи достава на напредни ирански ракетни системи за либанската шиитска воена организација Хезболах, која исто така дејствува во Сирија. Истите тие посочуваат дека Москва засега не се меша во наводните израелски воздушни напади, но самото присуство на руски сили во Сирија ги усложнува можните западни воени операции како одговор на обвинувањата за најновиот хемиски напад, пренесува Би-би-си.