За коронавирусот САРС-Ков-2 и болеста ковид-19 сега се знае многу повеќе, затоа што научниците од целиот свет интензивно ги проучуваа со месеци. Меѓутоа, во јавноста сè уште кружат одредени информации, кои просто немаат никаква врска со реалноста. Во продолжение ги претставуваме седумте најчести изјави на граѓаните што претставуваат целосни заблуди и шират невистини за вирусот, заразата, вакцинирањето и за болеста
Изјави на луѓето за коронавирусот, заразата, вакцинирањето и за болеста што се неточни и создаваат забуна
Во едно свое истражување, медиумот „Гардијан“ направи преглед на седумте најчести митови за ковид-19 што граѓаните ги пласираат како апсолутна вистина, но кои најчесто немаат никаква врска со фактите или се базираат на дискутабилни основи.
1. „Немам симптоми, па ако имам ковид, нема да заразам никого“
Ова не е точно. Луѓето што никогаш не развиваат симптоми на ковид-19 се помалку заразни од оние што ги имаат, но сепак носат големи количества на вирусот во своето тело и можат да го шират. Покрај тоа, лицата што развиваат симптоми се најзаразни еден или два дена пред да почнат да се чувствуваат лошо. Лицата со асимптоматски ковид-19 или кои допрва треба да развијат симптоми, значајно придонесуваат за ширење на болеста, бидејќи тие почесто се движат меѓу луѓето затоа што не се болни. Едно истражување покажа дека асимптоматските случаи се одговорни за повеќе од половина од новите заразени. Не претпоставувајте дека не претставувате ризик за другите само затоа што се чувствувате добро.
2. Нема да се заразам или да му го пренесам вирусот на некој друг, бидејќи бев вакциниран со две дози
Ова не е вистина. Многу целосно вакцинирани луѓе се заразија со ковид-19. Иако многумина од нив не мораа да одат во болница на лекување, имаше и такви што со недели се чувствуваа лошо. Исто така, студиите од Индија и од Виетнам покажаа дека вакцинирано лице може да му го пренесе вирусот на друго вакцинирано лице. Вакцините штитат многу добро од тешки случаи на ковид-19, но помалку од инфекција. Податоците од една студија сугерираат дека ефикасноста на вакцината во спречувањето на инфекцијата се движи помеѓу 50 и 60 отсто, без оглед на тоа дали заразеното лице покажува симптоми на болеста. Неодамна објавените податоци покажуваат дека вакцинираните луѓе во раните фази на инфекција имаат исто количество вирус во телото како и луѓето што не се вакцинирани, но дека вирусот се ослободува од него побрзо. Вакцините против ковид-19 помагаат да се спречат инфекцијата и ширењето на вирусот, но тие не се совршени и не треба да претпоставувате дека не можете да се разболите или да го ширите вирусот доколку сте вакцинирани.
3. Прележав ковид-19, па не мора да се вакцинирам
Ако сте прележале ковид, тогаш до одреден степен сте заштитени од повторна инфекција. Меѓутоа, таа заштита не е толку силна како онаа што ја обезбедуваат вакцините. Имунитетот што го даваат вакцините трае подолго, така што исто така штити од нови видови на вирусот. Ако сте имале ковид, вакцината ќе даде многу силен придонес за вашиот имунитет. Луѓето што биле вакцинирани со двете дози вакцина откако имале ковид-19, во моментов имаат највисок имунитет. Ако неодамна сте имале ковид-19, ќе можете да се вакцинирате само откако ќе поминат 28 дена од позитивниот тест за вирус.
4. Имам добар имунитет, така што не ми треба вакцина
Сигурно е подобро ако имате добар имунитет, но здравите луѓе сè уште можат да се заразат со ковид, да завршат во болница, а знаеме дека од 10 до 30 отсто од возрасните добиваат таканаречен долг ковид, дури и ако имаат поблага форма на болеста. Исто така, треба да се грижите за вашата околина. Можеби сте заразени со ковид и ќе поминете со поблага форма на болеста или без никакви симптоми, но прашањето е кого ќе заразите. Можно е да бидете во контакт со некој со послаб имунитет во продавница, јавен превоз или кафуле, а поради одговорност кон нив, ние сме должни да се обидеме да ја спречиме инфекцијата.
5. Дури и да добијат ковид-19, на децата ќе им биде добро
Многу е помала веројатноста децата да доживеат потешка форма на ковид или долг ковид, но тоа сепак може да се случи. Приближно едно на секои двесте деца што заболуваат од ковид, завршува во болница. Во периодот по заразата со ковид, децата можат да развијат мултисистемски воспалителен синдром (МИС-Ц), сериозна болест што бара интензивно лекување. Овој феномен е многу редок, па затоа влијае на околу 0,0003 отсто од децата што заболуваат од ковид. Сè уште се истражува колку деца развиваат „долг“ ковид со сериозни симптоми. Различни студии даваат различни процени, кои се движат помеѓу два и осум отсто. Во периодот од 19 април до денес, Обединетото Кралство регистрира 420.000 инфекции со коронавирус кај населението на возраст од 0 до 19 години, а повеќе од 2.000 луѓе на возраст помеѓу 0 и 17 години завршија во болница поради ковид.
6. Маските не помагаат
Сега знаеме дека вирусот што го предизвикува ковид-19 во повеќето случаи се пренесува преку воздух, преку дишење, зборување и пеење. Маските не се совршени, но помагаат да се спречи големото количество воздух што го исфрлате за време на споменатите активности да заврши на нечие лице. Ние носиме маски првенствено за да ги заштитиме другите, а не самите себе. Ако сакате да се заштитите себеси и другите, ќе треба да добиете квалитетни маски Н95, ФФП2 и ФФП3. Неодамна објавената студија покажа дека употребата на маски е поврзана со намалување на стапката на инфекција за приближно 20 отсто.
7. Овој бран ќе биде последен
Секој претходен бран на инфекција беше прогласен за последен и секое тврдење беше неточно. Експертите очекуваат дека бројот на заразени лица повторно ќе скокне во текот на есента и зимата. Малку е веројатно дека бројот на заразени значително ќе се намали пред следниот бран, а би можело да се каже дека претстојниот есенско-зимски бран е всушност дел од бранот што го имаме во моментов. Тешко е да се каже како ќе се движи овој бран. Покрај тоа, ако во иднина се појави нова варијанта на вирусот што е повеќе заразна од делтата, целата слика за пандемијата ќе се промени. Истото се случи во декември 2020 година и во мај 2021 година, кога се појавија мутациите алфа и делта. Во случај на појава на нова позаразна мутација, следниот бран може да биде доста опасен. Не знаеме колку е веројатно дека ќе се појави нов вид, но таа можност постои сѐ додека ковид-19 е меѓу нас. Затоа ниту еден бран не може да се каже дека е последен и затоа е важно што е можно повеќе луѓе да се вакцинираат против коронавирусот.