Последнава година пораснаа трошоците за задоволување на основните потреби, како храната, и трошоците за одржување на домовите, поради што на граѓаните им остануваат сѐ помалку средства, со што се намалуваат и нивните можности да одвојат дел од семејната заработка за вложување во образование или во разни обуки со кои ќе можат да најдат подобро платена работа
Со растот на трошоците за задоволување на основните животни потреби се намалуваат можностите работоспособното население да вложува во своја наобразба заради пронаоѓање или промена на работното место. Последнава година пораснаа трошоците за задоволување на основните потреби, како храната, и трошоците за одржување на домовите, поради што на граѓаните им остануваат сѐ помалку средства, со што се намалуваат и нивните можности да одвојат дел од семејната заработка за вложување во образование или во разни обуки со кои ќе можат да најдат подобро платена работа. Поради тоа, но и поради големите проблеми на пазарот на трудот, упатените укажуваат дека насочувањето на работоспособното население кон изучување нови вештини треба да го поттикнува и креира државата.
Анализа изработена од Државниот завод за статистика, насловена „Северна Македонија во бројки“, посочува дека семејствата во Македонија речиси 70 проценти од примањата трошат за храна и домување.
– Просечното домаќинство во Северна Македонија наменува околу 66 отсто од својата потрошувачка за задоволување на основните потреби, како храна, облека, домување и покуќнина. Во структурата на приходите, во 2020 година преовладуваат примањата врз основа на редовна и повремена работа со 66,2 проценти, пензиите учествуваат со 21,3 отсто, примањата од земјоделството со 6,7 проценти, социјалните бенефиции со 1,7 отсто и примањата од странство со 1,2 процент – се наведува во публикацијата на ДЗС.
Податоците што ги објавија покажуваат дека во последниве три години значително растат трошоците за храна и тие во 2018 одземале 38,7 проценти од примањата на домаќинствата, додека во 2019-та достигнале 43,1 отсто, а минатата година само за храна и безалкохолни пијалаци граѓаните намениле 45 проценти од примањата.
– Поради фактот што платите се минимални и поголем дел се троши за основните потреби, кои стануваат сѐ поскапи, на граѓаните не им остануваат пари за надградби, за обуки што ќе им овозможат да најдат подобро платена работа. Македонија денес спаѓа меѓу најсиромашните земји во Европа, а незадоволните граѓани се нервозни, несигурни, недоверливи, сомничави и сето тоа се рефлектира и на она што го остваруваат – укажува професорот по социологија Илија Ацевски.
Претставникот на агенцијата за вработувања „Партнер“, Раде Ненадиќ укажува дека има повеќе ограничувачки фактори што ги оневозможуваат работниците сами да инвестираат во нови обуки, дообразование или разни курсеви со кои ќе ги подобрат работните вештини или ќе ја променат дејноста со друга, каде што ќе бидат подобро платени.
– Речиси е невозможно работниците сами да инвестираат во обуки или други форми на учење, бидејќи платите се многу ниски, па дури и двајца членови од семејството да се вработени. Ако некој зема плата од 18 илјади денари, тешко дека ќе одвои 6 илјади денари за курс или обука, бидејќи со сумата што му останува одвај ќе ги покрие трошоците за живот. Дополнително, ретко кој би одвоил од малата плата за надградба или за промена на струката без да е сигурен дека потоа ќе најде нова и подобро платена работа.
Никој не гарантира дека дури и да се обучат за нова дејност, ќе најдат работа што е подобро платена од сегашната. Ние немаме бизнис-клима, нема развиен пазар на труд каде што граѓаните транзитираат од една во друга фирма, нема можности за менување на работата, а немаме ниту правна сигурност. Сето ова влијае и врз одлуките на граѓаните за дополнителни инвестиции во нивните вештини – вели Ненадиќ. Наедно, како претставник на агенција што посредува при вработување, Ненадиќ посочува дека ограничувачки фактор за адаптации се и годините, од една страна младите не се насочуваат кон стручни дејности, додека пак повозрасните не се во можност во подоцнежните години да изучат дејност што бара неколку години учење и вложување.
– Ако сакаме граѓаните да следат обуки и да вложуваат во своите вештини и знаења, треба државата преку разни мерки и обуки да ги примами граѓаните да ги подобрат вештините и да работат подобро платена дејност од која бенефиција ќе има и самата држава – потенцира Ненадиќ.