Секаков вид агресија врз поморскиот сообраќај треба да биде причина за загриженост, без оглед на далечината, пишува магазинот „Политико“

Нападите на бродскиот транспорт во Персискиот Залив нова закана за глобалната економија

На почетокот од месецов, нафтен танкер што поминуваше во Оманскиот Залив беше нападнат од осомничен самоубиствен дрон, при што загинаа двајца членови на екипажот. Во средата, неколку брода што се движеа низ Ормутскиот Теснец пријавија ненадејни инциденти, додека друг брод бил нападнат и преземен од оперативци за кои постојат сомнежи дека биле дел од иранските сили, како што пишува порталот „Политико“.
Ваквиот развој на настаните предизвика загриженост кај некои од големите сили, како САД и Велика Британија. Глобалниот транспорт е неверојатно ефикасен, со тоа што дури 80 отсто од светската трговија зависи од него, додека потрошувачите го земаат здраво за готово. Како што покажа сегашниот напад на бродот „Мерсер стрит“, товарниот сообраќај исто така е изложен на нарушувања, а зголемената поморска агресија може да им наштети на обичните потрошувачи.

Низа напади

Американската, британската и израелската влада го обвинуваат Иран за нападите во Оманскиот Залив и велат дека се сигурни во тврдењата во однос на настаните поврзани со бродот регистриран во Либерија, кој е во сопственост на јапонска фирма со која управува британска компанија што му припаѓа на израелскиот милијардер Ејал Офер. Техеран негираше секаква поврзаност со нападите на бродот „Мерсер стрит“, а исто така не е објавена видеоснимка од инцидентот, но повеќето аналитичари се сомневаат дека Иран стои зад настаните. Во средата беше забележано дека уште еден танкер, „Асфалт принцес“, регистриран во Панама, бил цел на напади на вооружени лица, за кои се смета дека се ирански оперативци токму во Ормутскиот Теснец, додека исто така товарни бродови пријавиле дека имале проблеми со навигацијата.
Наводниот напад на бродот „Мерсер стрит“ и неколкуте од средата се најновите инциденти што вклучуваат товарни бродови што поминуваат низ Оманскиот Залив и Ормутскиот Теснец, низ кои минуваат огромни количества нафта и други основни добра, па поради тоа претставуваат витална артерија на глобализираната економија. Низ нивните води секојдневно поминуваат неколку десетици товарни бродови во сопственост на разни компании, од кои повеќето се од западните држави, а пловат под знамињата на земји од Филипини до Либерија.

Заткулисна војна

Со интензивирањето на војната од сенка меѓу Иран и Израел, како и Иран и Саудиска Арабија, комерцијалните бродови, без чиј товар компаниите низ светот ќе мора да престанат со своите операции, се соочуваат со ризик да претрпат посериозни штети само затоа што се поврзани со одредена земја. Во изминатите неколку години се смета дека Израел користел мини за да нападне неколку ирански танкери што превезувале нафта во Сирија, додека низа напади за кои се смета дека се извршени од страна на Иран биле насочени кон бродови поврзани со Израел. Пред две години се сметаше дека нафтениот танкер „Стена имперо“ беше запленет од страна на Иранската револуционерна гарда, не поради какви било сериозни поморски прекршоци, туку како очигледен застапник на Велика Британија, која сама заплени ирански танкер поради прекршување на европските санкции против Сирија кратко претходно.

Колку е сериозно нарушувањето на трговијата?

Бродовите имаат цел да превезуваат транспортни стоки, но исто така треба да бидат подготвени да се одбранат од напад на пирати. Токму поради тоа бродот „Мерсер“ имаше обезбедување како дел од екипажот, но сепак, генерално, танкерите немаат капацитет за одбрана од напади на непријателски држави. Поморскиот аналитичар Кормак Мекгери за „Политико“ истакна дека „ако Иран навистина сакал да предизвика сериозни нарушувања на синџирот на испорака, можел да ги ескалира нападите во Ормутскиот Теснец“. Ваквото нарушување би нанело многу поголема штета од хакерскиот напад на „Колонијалниот нафтовод“ и дури од нафтеното ембарго на ОПЕК од 1973 година.
На почетокот од летово, појавата на ковид-19 на кинеското пристаниште Јантијан исто така покажа колку е ранлива глобализираната трговија на нарушувањата. Во мај, кога нов бран зарази почнаа да се шират на третото најпрометно пристаниште во светот, директорите мораа да ги намалат операциите. Со тоа што од Јантијан секоја година се увезуваат и извезуваат стоки во вредност од над 13 милијарди долари, делумното затворање предизвика огромно доцнење, поради што глобалните трговци сега стравуваат дека може да се загуби празничната сезона околу Божиќ.
Фактот што ширењето на вирусот на едно кинеско пристаниште би можело да го наруши божиќното купување треба да ги загрижи сите вклучени во глобализираната економија и исто така ги истакнува ризиците поврзани со можната платеничка војна меѓу Израел и Иран, во која се вклучени товарните бродови. Оттаму, состојбата во Ормутскиот Теснец треба будно да се следи.