Фатална романса, препреки во социјалниот живот, грешки од минатото – се големи теми во делата на светската книжевност, холивудските мелодрами и романтичните комедии, а најмногу се застапени кај бестселерите, посебно кај оние таканаречени викенд-романи.
Кралица на овој жанр во историјата на српската книжевност е Милица Јаковлевиќ, позната како Мир-Јам, авторка на најчитаните романи низ цела поранешна Југославија.
Речиси пет децении по нејзината смрт романите на Мир-Јам се печатат со ознаката „мегахит“ и се продаваат во големи тиражи, а сериите снимени по книгите стануваат најгледани телевизиски програми.
Прогласена за шунд-литература
Сепак, експертите по книжевност и понатаму не ѝ придаваат значење и најчесто ја сметаат за писателка на тривијална литература наменета за романтични девојки и средовечни госпоѓи.
– Хероините на Мир-Јам до вистинската љубов доаѓаат преку многу препреки, а нивниот труд се наградува со брак, што е и целата идеја на романите „бракот е суштина на животот“. Тоа се матрици што се вкоренети во културата, и нам ни се познати од најраното детство и поради тоа не ни е тешко да се поистоветуваме со нејзините хероини – вели Јелена Лалатовиќ, критичарка на Институтот за книжевност и уметност.
Бројните читателки, кои се наголем дел од нејзината публика, се имаат запознаено со пишувањето на Мир-Јам уште во детството.
– Мир-Јам со години работела како новинарка, а романите ги објавувала во продолженија во магазинот „Неделни илустрации“. Добро го познавала Белград, но и другите градови на Србија каде што се образовала, а добропознати ѝ биле и селата каде што работела како учителка. Поради тоа „имала слух за проблемите на секојдневието, за друштвените потреби не само на „отмените“, туку, пред се’ на обичните граѓани – објаснува Магдалена Кох, професорка по славистика на Универзитетот „Адам Мицкијевиќ“ во полскиот град Познањ, која посебно ги има истражувано српските писателки од почетокот на 20 век.
Таа тврди дека Мир-Јам има воведено многу женски ликови што не биле типични за српската култура – од имотни хероини, до оние економски зависни од мажите, потоа студентки, самостојни жени што работат, па се’ до необразовани девојки.
– Мир-Јам свесно се има одречено од елитниот карактер на своите романи, наменувајќи ги за просечните читатели. На тој начин има придонесено за „демократизација на читањето“ – тврди Кох и додава дека овие романи имаат и образовна функција за жените затоа што женските ликови во романите често имаат тенденција да работат и да се образоваат.
Која е Мир-Јам?
Милица Јаковлевиќ е родена на 22 април 1887 година во Јагодина, а семејството често ѝ се селело. Виша женска гимназија има завршено во Крагујевац, а Учителска школа во Белград. Има работено како учителка, а после Првата светска војна доаѓа во Белград и работи како новинарка, првин во „Новости“, а потоа во „Неделни илустрации“, каде што и ги објавува нејзните романи.
Во монографијата за два века на српското новинарство (1791-1991), меѓу сто најзначајни новинари само три се жени – Мага Магазиновиќ, Деса Глишиќ и Милица Јаковлевиќ – Мир-Јам.
Иако хероините во нејзините романи секогаш имаат среќен крај во кој стапуваат во брак, Мир-Јам никогаш не се омажила.
Напишала осум романи и четири збирки раскази и била најчитана писателка пред Втората светска војна.
По завршувањето на војната не успеала повторно да работи како новинарка и последните години од животот ги минала во беда, а нејзините книги биле заборавени. Починала во 1952 година.
Успех на малите екрани на српската Џејн Остин
Прва екранизација по дело на Мир-Јам направи режисерот Милош Радовиќ во 1991 година, снимајќи го филмот „Бродот плови за Шангај“, по романот „Самец во бракот“.
Голем телевизиски успех на овие љубовни романи се случи дури три децении подоцна со екранизација на романот „Ранет орел“ во продукција на „Коштуњак филм“.
Уште пет телевизиски серии се снимени во продукција на „Коштуњак филм“: „Ранет орел“ (2009), „Гревот на нејзината мајка“ (2009), „Непобедливо срце“ (2012), „Една летна ноќ“ (2015) и „Самец во бракот“ (2019).
– Популарната форма на романите во продолженија многу добро се вклопува со поетиката на современите ТВ-серии – смета Магдалена Кох и додава дека тие ги содржат сите елементи на мелодрама, идеални за серии.
Поради тематиката во романите Мир-Јам често ја споредуваат со Џејн Остин.
Меѓутоа критичарката Јелена Лалатовиќ не е согласна со ваквата споредба.
– За разлика од Мир-Јам, Џејн Остин пишува со поголема суптилност и со иронија кон социјалните норми на своето време, ја исмева културата на додворувањето, запросувањето и бракот. Важна е позицијата од која авторката им пристапува на темите и како ги обработува – вели Лалатовиќ.