Пред две години беше прогласена „нова ера“ во односите со Грција, која САД ја гледаат како столб на стабилноста во нестабилниот регион, а во последно време Атина пројавува засилена дипломатска активност во решавањето на билатералните спорови меѓу Србија и Косово и меѓу Бугарија и Македонија
Во изминатите неколку месеци може да се забележат идентични ставови што се изречени од официјални лица од Вашингтон и од Атина кога станува збор за прашања поврзани со стабилноста на Западен Балкан и неговата интеграција во Европската Унија. Последната изјава е од заменик-министерот за надворешни работи на Грција, Костас Франгојанис, кој повтори дека „долгорочна стратегиска цел на Грција е интеграција во Европа на регионот на Западен Балкан во Европа“. Оваа политичка реторика, која се користи сѐ почесто од грчките дипломатски претставници, станува сѐ поизразена по Преспанскиот договор, кој беше постигнат со нагласено посредништво на американската администрација, што го покажуваа во решавањето на долгогодишниот спор меѓу Македонија и Грција. Во текстот објавен во „ЕУ обсервер“ се отвора прашањето за тоа дали Грција може да стане главен регионален играч во решавањето на клучните и отворени политички прашања, кои го држат регионот на постојана дистанца од ЕУ, со што се отвора и ризикот од поголемо влијание на Русија, Кина и Турција во овој дел на европскиот континент.
Во овој момент постојат неколку главни отворени прашања за Балканскиот Полуостров, кој беше споменат и како еден од главните приоритети по стапувањето на должност на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден. Тоа е продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина, што би требало да заврши со заемно признавање, како и спорот меѓу Бугарија и Македонија околу различните сфаќања за минатото, а кое беше и причина за бугарската блокада за почнување на нашите преговори за зачленување во ЕУ.
Од висок интерес за САД, во овој момент, се и случувањата во Босна и Херцеговина, но ова е од помало значење за официјална Атина, при нејзиното евентуално поактивно вклучување во расплетување на босанско-српско-хрватскиот спор околу идното уставно уредување на оваа земја. Затоа, и поголемо ангажирање на Грција се очекува во однос дипломатското дејствување во нејзиното непосредно соседство, а тоа да биде неформален посредник во „политичкиот“ дијалог меѓу Србија и Косово, односно меѓу Бугарија и Македонија.
Во изминатите недели во медиумите беа проследени неколку информации што упатуваат на тоа дека Грција полека се обидува да се наметне како главен регионален играч на Балканот. Едната се однесува на веста објавена во српските медиуми дека Атина „се подготвува да го признае Косово“. Во исто време, косовскиот премиер Албин Курти побара од шефицата на Канцеларијата за врски на Грција во Приштина, „нејзината земја да им се приближи на блокот земји што го признале Косово“. Досега Грција се придржуваше до меѓународното право во врска со независноста на Косово, пред сѐ поради позицијата на Северен Кипар, кој беше окупиран во 70-тите години на минатиот век и е основан како независна држава од Турција.
Нагласена дипломатска заинтересираност од Атина во решавањето на „балканските проблеми“ беше изразена и при посетата на македонскиот премиер Зоран Заев, кој побара помош од Грција, за која рече дека е „веќе наш стратегиски партнер“, да се најде решение за проблемите со Бугарија. Како што е познато, Грција побара од ЕУ да ги одржи ветувањата и да ги почне преговорите со Македонија и со Албанија без доцнење, а ставот на грчката влада е да нема разделување на пакетот за почеток на преговори со ЕУ.
По смената на власта во Грција и поразот на левичарската партија СИРИЗА и доаѓањето на власт на Нова демократија, под раководство на Киријакос Мицотакис, односите меѓу Вашингтон и Атина добива своевидна „преродба“. При посетата на Атина во октомври 2019 година, американскиот државен секретар Мајк Помпео прогласи „нова ера“ во односите со Грција, која САД ја гледаат како столб на стабилноста во нестабилниот регион, пренесе тогаш „Гардијан“.
– Дојдов во Грција да го проширам партнерството, кое веќе е на најдоброто ниво – кажа Помпео по потпишувањето на договорот за одбранбена соработка помеѓу САД и Грција.
Ова беше искористено од Грција, која побара одредени безбедносни гаранции, како и добивање воена опрема од Пентагон. Со спогодбата, САД може да ја прошират поморската база користена од Шестата флота на Крит, да отворат капацитети за пилоти и бази за дронови. Грчките сили исто така ќе имаат придобивки од договорот. А унапредувањето на договорот ќе влијае и врз подобрување на меѓусебната економска соработка, како и на полето на енергетиката. Меѓународните политички аналитичари изнесоа мислења дека договорот е резултат на заладувањето на односите помеѓу САД и Турција.
Рускиот претседател Путин се обиде да го исфрли од „употреба“ договорот меѓу Атина и Скопје, бидејќи Москва се противи на идејата малите нации од Западен Балкан да бидат целосно инкорпорирани во ЕУ и во НАТО, Мицотакис ги отфрли Путин и неговите грчки националисти по прашањето за Северна Македонија. Сега тој има можност да преземе вистинско европско водство за Западен Балкан. По зачленувањето на Хрватска и Словенија во ЕУ, остатокот од Западен Балкан беше оставен настрана, а ЕУ не можеше да понуди никаков напредок, бидејќи нејзините земји-членки беа затворени во сопствените национални егоизми, пишува меѓу другото во анализата на „ЕУ обсервер“.