Фото: Игор Бансколиев

Што значи поимот меѓународно пријателство, колку тоа се применува во практиката, какви се искуствата на другите држави, а какви на Македонија, која од осамостојувањето до денес постојано е цел на отворени притисоци, уцени, блокади на отворената меѓународна сцена

Меѓународен ден на пријателството

Денеска, 30 јули, е Меѓународниот ден на пријателството на Обединетите нации.
Што значи, практично, поимот меѓународно пријателство, колку тоа се применува во практиката, какви се искуствата на другите земји, а какви на Македонија, која од осамостојувањето до денес наместо пријателство, постојано е цел на отворени притисоци, уцени, блокади од соседите на отворената меѓународна сцена? Токму ваквиот непријателски однос на соседите кон Македонија најилустративно е пренесен преку изјавата на холандскиот експерт за Западен Балкан, Ханс ван дер Берг.
Имено, по последните уцени и блокади, откако Бугарија побара целосно бришење на формулацијата македонски јазик, Ханс ван дер Берг рече: „Кому му требаат непријатели, кога соседи ви се Грција и/или Бугарија.“
Во едно вакво светло, со уцени и блокада од Бугарија, и вакви околности, Македонија го дочекува и овој Меѓународен ден на пријателството.
Пријателските релации меѓу државите во меѓународната политика се дефинираат како процес на меѓузависност на државите во кој се градат тесни институциски, економски, културни и општествени врски.
Во меѓувреме, искуството на Македонија е дијаметрално спротивно од светската практика за пријателските релации меѓу државите.
Наспроти светската практика за развој на добрососедството и релациите, македонското искуство со соседните држави е негативно. И тоа има историски континуитет, од памтивек, кога државата била парчосувана и делена меѓу соседите, па до денес, кога постојано сме предмет на некакви уцени и блокади.
Иако Македонија со своите соседи има потпишано серија различни добрососедски документи, токму соседите, спротивно на меѓународното право, ни го блокираа влезот за зачленување во меѓународните организации како ОН, НАТО и ЕУ. Последниот ваков пример од низата е оној со соседна Бугарија, во кој, и покрај потпишаниот договор за добрососедство со Софија, оваа земја со вето ни го спречува напредокот во процесот за зачленување во Европската Унија. Претходно, соседна Грција, поради наметнатиот спор за името, ја држеше Македонија во заложништво со години, наметнувајќи ни различни форми на ембарга, вета и слично.

Во контекст на меѓународниот јубилеј, истакнати домашни и странски универзитетските професори и политиколози велат дека во современиот свет меѓународното пријателство, како што е замислено да функционира на хартија и во практика, е неспоив термин.
Чешкиот универзитетски професор Михал Вит вели дека кога се говори на оваа тема, треба да се знае дека во научна смисла на зборот, меѓународните релации меѓу државите се градат и ги спроведуваат нивните дипломатски служби, а она што е уште поинтересно да се напомене е дека по дефиниција дипломатијата е мека форма на војување меѓу земјите.
– Меѓународно пријателство во пластична смисла на зборот не постои меѓу државите. Тоа повеќе може да се дефинира како добри релации меѓу две земји што имаат заеднички интерес, кој може да биде различен, од економски до политички. Но во оној момент кога таквиот интерес ќе прекине, двете држави стануваат ривалски сили на меѓународната политика – вели Вит.
Според него, филозофијата зад меѓународниот јубилеј се должи на напорите на меѓународната заедница да ги стабилизира напливите за деструкција на меѓународниот поредок по падот на Берлинскиот ѕид.
Професорот објаснува дека одлуката светот да започне да го празнува овој меѓународен ден почнува од 2011 година, кога Генералното собрание на ОН се обидува да спроведе политики за да ги зајакне пријателските односи меѓу сите земји во светот.
– Големиот број конфликти што по Студената војна се случија на сите континенти и најавите дека нам ни престои нестабилна иднина, со можност за избивање на трета светска војна, беа главниот мотив на овие чекори на ОН – вели Вит.
Политикологот Милан Стефаноски размислува слично со Вит и додава дека доказ колку она што е впишано во некој документ е различно од практиката на терен во меѓународната политика и меѓународното право може да се види „најчисто“ ако се анализираат нашите искуства во релациите со соседите.

– Мирот е битен на планетата, но тој не се спроведува ако за него има само формална политичка волја или меѓународен празник, како овој на 30 јули. За жал, меѓународниот поредок е најсигурен тогаш кога постои баланс на распоредот на силите меѓу крупните играчи во светот. Првиот момент кога ќе биде нарушен тој сооднос, избиваат конфликти. Такви биле искуствата и во првите две светски војни, а такви може да бидат и во иднина ако светските лидери и натаму се обидуваат да ја наметнат доминацијата на едните центри на моќ наспрема другите – вели Стефаноски.
Политикологот објаснува дека од македонска перспектива на случувањата, овие релации најдобро се препознатливи и во сегашноста и во историјата.
– Токму непостоењето на пријателството и непостоењето на фер и праведен светски поредок се главните мотиви зошто Македонија се нашла на подебелиот крај од стапот на светските настани кога била разделена од окупатори и зошто сега и натаму нашите соседи се обидуваат врз наш грб да ги остварат своите асимилаторски амбиции – вели политикологот.

[email protected]