И студентите и професорите сакаат да одат на предавања на факултет, бидејќи онлајн наставата не може да ја замени традиционалната, велат нашите соговорници
ЕПИДЕМИОЛОШКАТА СЛИКА ЌЕ ОДРЕДИ КАКО ЌЕ СЕ ОДВИВА НАСТАВАТА ДО ЕСЕН
Во зависност од тоа каква ќе биде епидемиолошката слика во септември, односно во октомври, наставата во високообразовните институции ќе се одвива онлајн или со физичко присуство или, пак, комбинирано. Она што го покажа изминатата година, како што велат професорите со кои разговаравме, е дека објективноста во процесот на оценувањето е намалена кога се полагаат испити од дома. Сепак, намален е и успехот што го постигнуваат, затоа што не се доволно мотивирани како што се кога одат на факултет.
И студентите и професорите сакаат да одат на предавања на факултет, бидејќи онлајн наставата не може да ја замени традиционалната.
Проф. д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет, вели дека е пожелно за професорите, но и за студентите наставата да се организира со физичко присуство.
– Некои придобивки од функционирањето на далечина ќе ги искористиме, на пример состаноци, консултации ќе одржуваме онлајн, но наставата би било добро да е со физичко присуство. Ние имаме услови и за едното и за другото сценарио, но, главно, сѐ ќе зависи од тоа дали ќе ги отворат студентските домови. Студентите сакаат да доаѓаат, бидејќи не можат да функционираат од дома затворени. Ние на факултетот начелно договоривме дека ќе почнеме со физичко присуство, но, сепак, крајната одлука е на Комисијата за заразни болести – вели Дуев.
Во однос на објективноста на оценките од испитите организирани на далечина, тој вели дека од 50 студенти, на тестот 25 положуваат, а 25 „паѓаат“.
– Тоа кажува дека ако кандидатот не учел, тој паднал, односно не се ни обидел да препишува, иако можел. Објективноста е генерално намалена, но студентите иако можат од дома да препишуваат ако сакаат, сепак не го прават тоа. Ако не учеле, не можат да положат. Мислам дека сѐ е до мотивацијата, а тие не се мотивирани за учење. Седат дома, ги фаќа депресија, целава ситуација влијае на нив и си го зема данокот – вели деканот.
Тој додава дека, според анализите и анкетите што се правени на Филозофскиот факултет, студентите не се задоволни од онлајн наставата.
Проф. д-р Иван Чорбев, декан на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), вели дека професорите и другите вработени се подготвени за онлајн настава, но и за хибриден начин, односно дел физички, дел онлајн.
– Зависи што ќе ни кажат од Министерството за здравство, односно Комисијата за заразни болести. Истото тоа важи и за организацијата на испитите и на колоквиумите. Ние, секако, сме подготвени за секоја варијанта. Физичкото присуство со построги мерки ќе биде тешко да се организира, бидејќи ФИНКИ нема своја зграда.
Сега споделуваме објекти и простор со Електромашинскиот факултет и Технолошкиот факултет. Но ако има мерки и ако треба да се помалку луѓе во сала, ќе имаме проблем. Предавалниците и без тоа се пренатрупани, па ќе биде отежнат целиот процес за организација – вели Чорбев.
Тој додава дека предност на онлајн наставата е тоа што предавањата се снимени, па со тоа им се достапни на студентите во секое време. Предностите на физичкото присуство се помногубројни. Во однос на објективноста на испитите, Чорбев вели дека се трудат колку што можат да обезбедат што пореални оценки.
– Сигурно имало препишувања и во јунската сесија, но за тоа си има дисциплински постапки. Има дисциплинска комисија што казнува. Најчесто казните се поништување на испитот и забрана за полагање наредната сесија – информира деканот.