Во НУБ „Св. Климент Охридски“ под специјален режим на чување се околу триста ракописни книги и фрагменти од 13 до 19 век. Станува збор за непроценлива културно-историска вредност, скапоцени уникатни примероци, кои можат да се користат само со специјална дозвола и со посебен надзор. Во НУБ „Св. Климент Охридски“ под специјален режим на чување се околу триста ракописни книги и фрагменти од 13 до 19 век. Станува збор за непроценлива културно-историска вредност, скапоцени уникатни примероци, кои можат да се користат само со специјална дозвола и со посебен надзор. Овие оригинални ракописни книги се претежно со црковна содржина, пишувани на пергамент и хартија, со специјално нерастворливо мастило. Меѓу највредните ракописи, секако, е таканареченото Бенчевско четвороевангелие од 14 век, каде што има минијатури на евангелистите Матеј, Марко, Лука и Јован, па токму за него, за ова четвороевангелие, односно за да ги видат на слика евангелистите, во НУБ „Св. Климент Охридски“ имаат доаѓано многу научници од разни страни на светот. Бенчевското евангелие претставува огромно културно-историско богатство што го поседува само македонската национална библиотека.
Сепак, според времето на настанување, најстар ракопис е таканаречениот Посен триод до 13 век, со дел од приказната за Соломон. Впрочем, сите ракописни книги што денес се чуваат во Македонија се настанати во периодот од 13 до 18 век. Од почетокот на 13 век се зачувани претежно фрагменти од пергаментни ракописи, додека целосните пергаментни кодекси датираат од крајот на 13 век и првата половина на 14 век. Освен спомнатите два ракописа, во денешната национална „македонска збирка“ се и скапоценото Вруточко четвороевангелие од крајот на 13 век и Кратовското четвороевангелие од средината на 15 век. Со ширењето на печатените црковнословенски книги во 17-18 век, ракописната традиција во Македонија стагнира, но одново доживува интензивен развој во текот на 19 век, кога се пишуваат претежно ракописни книги на македонски народен говор преку кои се шири црковната просвета меѓу народот, зацврстувајќи го неговиот културно-религиозен и јазичен идентитет.
Таинствените патишта на книгите
Според историски извори, во македонските манастири во средновековниот период постоеле богати фондови со словенски ракописи, но, за жал, само мал дел од тоа богатство останало во татковината на словенската писменост. Голем дел од книжевното наследство било уништено, додека највредното што било зачувано било однесено надвор од Македонија, претежно во почетокот на дваесеттиот век. Во Македонија останал само мал дел од тоа богатство, а од него, од тоа богатство, највредните примероци денес се чуваат во НУБ „Св. Климент Охридски“, во Државниот архив на Македонија, во МАНУ, во Православниот богословски факултет во Скопје, во Народниот музеј и градската библиотека „Григор Прличев“ во Охрид, во библиотеката на скопскиот Филолошки факултет и во уште неколку други институции. Сепак, овој пат, овде ќе издвоиме само неколку од највредните ракописни книги што се чуваат во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје, чија збирка е најголема и најбогата со вакви примероци. Меѓу другото, во националната библиотека се чува веќе спомнатото Вруточко евангелие од 13 век, напишано на пергамент, на 157 листа. Ракописот е пронајден во селото Вруток, Гостиварско, во семејството Поповски. Меѓу ракописите и ракописните книги во НУБ е и исклучително значајното Кратовско четвороевангелие од средината на 14 век, напишано на 151 пергаментен лист. Станува збор за македонски текст од Кратовската школа. Книгата е пронајдена во Кратово во 1889 година од Ксенофонт Г. Алексиев. Подоцна таа станува сопственост на Боривое М. Вукчевиќ од Белград, од кого НУБ „Св. Климент Охридски“ ја откупила во 1968 година по препорака на професорот Владимир Мошин. Во НУБ се чува и спомнатото Бенчевско четвороевангелие од 16 век, напишано на хартија на 360 листа, со мошне важни записи на пишувачот, односно препишувачот на книгата. Ракописот е пронајден во црквата во селото Бенче кај Самоков во 1988 година. Во истата црква би пронајден и Поречкиот октоих-петогласник од 16 век, како и Празничниот минеј од 14 век, исто така напишан на хартија, на 314 листа. Станува збор за своевиден тајнопис на пишувачот со записи, кои се исклучително важни од културно-историски аспект. Во збирката на НУБ се и три минеи – за мај, јули и за септември со пролози, од 15 век. Минејот за мај има 169 листа, за јули 212 листа, а оној за септември – 191 лист. За мајскиот и за септемврискиот минеј нема податоци од каде потекнуваат и како стигнале во библиотека, но за јулскиот се знае дека потекнува од манастирот „Св. Прохор Пчински“. Мошне интересен и вреден ракопис е и таканареченото Зрзевско четвороевангелие од 16 век, напишано на 228 листа хартија, со запис на препишувачот од 1538 година, што го потврдува времето на пишувањето на книгата.
Ракописот потекнува од манастирот во Зрзе, а пронајден е во црквата „Св. Пантелејмон“ во Велес. Во НУБ се чува и Струшкото четвороевангелие од 17 век, напишано на хартија на 276 листа, со исклучително богата орнаментика. Ракописот потекнува од Струга. Пред три века на 164 листа бил напишан и Литургискиот зборник донесен во НУБ од црквата во селото Драчево, Скопско, како и фрагментот од 14 листа на Четвороевангелието од 17 век, донесено од Историскиот архив во Битола.
Како што е предвидено со законите за заштита на културното наследство, највредните ракописни фрагменти и книги со кои располага библиотеката се чуваат во специјални простории под посебен режим. Освен ракописните книги што се сместени во посебна просторија, под режим со посебни услови за чување се и одреден број изданија што спаѓаат во редот на многу ретки или единствени примероци во светот, па ваквите книги се чуваат во посебни ормани. Во оваа збирка, освен ретки и ракописни книги, библиотеката поседува и исклучително вредни примероци во ориенталната збирка, кои, исто така, имаат голема, односно непроценлива вредност. Во новиот дел на библиотеката, покрај вообичаените постапки за заштита на книжевното богатство, во две специјални простории за ретки и ракописни книги има и специјални сензори, па заштитата на книжевното наследство што се чува во НУБ „Св. Климент Охридски“ е на највисоко можно ниво.
Македонија била ограбувана од сите што поминале низ неа!
Тоа е дел од богатството што останало во Македонија. За жал, најголем дел од огромното богатство на Македонија е однесено од нашата земја во минатиот век и во вековите пред него, најмногу од странските окупаторски војски, но и од разни таканаречени истражувачи. Во еден запис на Јордан Хаџи Константинов-Џинот стои дека во некои наши манастири имало дури и „по педест товари ракописни книги“. Според она што досега е откриено, најмногу наши ракописни книги има во библиотеката во Санкт Петербург, потоа во библиотеката на Академијата на науките на Русија, во Државно-историскиот музеј во Москва, во народните библиотеки во Киев и во Одеса, но и во Софиската народна библиотека, библиотеката на Бугарската академија на науките, во Народната библиотека во Пловдив, како и во Софискиот црковен музеј. Наши исклучително вредни ракописни книги има и во Националната библиотека во Париз, во Ватиканската библиотека, во виенската државна библиотека, во Народниот музеј во Прага, во Народната библиотека во Букурешт, во Романската патријаршија, во библиотеката на Јагелонскиот универзитет во Краков, но и во Атинската национална библиотека, во Британскиот музеј во Лондон и во уште десетина други институции на Балканот и во Европа, воопшто.
Престојувајќи во нашите манастири во 19 и 20 век, многумина истражувачи од оваа област, без никаков надомест, изнесувале од Македонија цели товари стари книги, но и икони. Антон Миханович, кој бил австриски конзул во Солун, мошне често патувал низ Македонија и притоа успеал да собере исклучително вредна ракописна колекција. Тие триесет и осум наши ракописни книги, кои Миханович ги собрал служејќи се со дипломатија, но и со други средства, сега се во репрезентативната збирка од вакви ретки книги во Хрватската академија на науките и уметностите во Загреб. Речиси во исто време со австрискиот конзул Миханович, низ Македонија шетал и собирал ракописни книги и рускиот научник Виктор Григорович. Тие ракописи сега се во Државната библиотека во Москва, потоа во народната библиотека „Максим Горки“ во Одеса, во библиотеката на Казанскиот универзитет, како и во Казанската духовна академија. Повеќе од 130 македонски ракописни книги денес се наоѓаат во Народната библиотека во Петербург, а 55 се во државниот Историски музеј во Москва. Во Академијата на науките во Петербург има и скапоцена збирка од 84 ракописни книги донесени во Русија од македонските манастири. Мошне вредна збирка од шест ракописни книги има во Јегелонската библиотека во Краков. Нив таму ги однел во 1863 година Рудолф Гутовски, кој како лекар престојувал во Македонија. Ако научниците слависти од Русија во својата мисија за откривање стари словенски ракописи веројатно се служеле со таканаречени научни аргументи во полза на панславизмот, лекарот Гутовски книгите ги добивал како надомест за своите лекарски услуги. Додуша во манастирите имало и монаси што за ситни парички продавале скапоцени книги, на кои, всушност, не им ја знаеле вистинската вредност. Дури и еден Јордан Хаџи Константинов-Џинот продавал стари ракописи во Белград. Во списи од тоа време еден патописец што патувал низ Македонија има забележано дека некои монаси од манастирот „Света Богородица Перивлепта“ за две врчви вино ги продале дури и моштите на Свети Климент.
Блаже Миневски
(Продолжува)