Виктор Бивел зборуваше за методите со кои се служи Грција, повикувајќи се на голем број примери на дискриминација на Македонците од егејскиот дел, наведени во извештајот на „Хјуман рајтс воч“ од 1994 година. Тој се обрати на меѓународната онлајн конференција на темата „Геноцид и негова превенција во дигиталната доба: Предизвици во 21 век“, која се одржа неделава во организација на Универзитетот во Барселона. Бивел е активист и издавач роден во Австралија, кој со години се бори против грчката пропаганда, со цел светот да ја осознае неправдата што ѝ се нанесува на Македонија
Силни одеци по меѓународната КОНФЕРЕНЦИЈА НА ИАГС
Негирањето на македонскиот идентитет, практиките со кои се служи Грција за таа цел и тешкотиите со кои се соочуваат Македонците од Егејска Македонија беа претставени на онлајн конференцијата на Меѓународната асоцијација на истражувачи на геноцид (ИАГС), на која првпат излагање имаше Македонец со потекло од Егејска Македонија. Станува збор за Виктор Бивел, кој во својот говор се повика на голем број примери на дискриминација, наведени во извештајот на „Хјуман рајтс воч“ од 1994 година. Бивел е активист и издавач роден во Австралија, кој со години се бори против грчката пропаганда, со цел светот да ја осознае неправдата што ѝ се нанесува на Македонија.
– Постои долга историја во која владите, а особено грчката, го користат јазикот во обид за менување на идентитетот на Македонците во нешто што е помалку македонско или немакедонско. Одличниот извештај на „Хјуман рајтс воч“ од 1994 година, насловен „Негирање на етничкиот идентитет: Македонците од Грција“, вклучува речник на зборови што се негираат, што грчката влада го разви во текот на повеќе од еден век, за да им го негира идентитетот на Македонците од Грција – се наведува во излагањето на Бивел, чија цел е да прикаже како грчката влада ја претставила ваквата практика и во други држави, односно и на меѓународен план.
Во извештајот на „Хјуман рајтс воч“ е истакнато дека „грчката влада го негираше идентитетот на малцинството етнички Македонци, прекршувајќи ги меѓународните закони и договори за човекови права“, како и дека нејзините методи ги негираат македонскиот идентитет и култура, како што посочува Бивел. Во извештајот се забележува и постоењето на „клима на страв во која многумина Македонци се колебаат да го истакнат македонскиот идентитет или нивните сфаќања отворено“. Грчката влада не ги ословува етничките Македонци како Македонци, туку како „славофони Грци“, „словени“, „славомакедонци“… Згора, се нагласува оти грчката влада ги смени имињата на топонимите, како и личните имиња, од македонски во грчки, додека забрането е и изучувањето на македонскиот јазик.
Извештајот прикажува и повеќе репресивни мерки, двојни стандарди и случаи на малтретирање на Македонците во поглед на политиката, религијата, вработувањето, културолошкото изразување, слободата на изразување… Речиси сите овие репресивни мерки важат и денес, категорично тврди Бивел. Тој додава дека на сите владини нивоа, на ниво на организации и индивидуалци, постојат илјадници примери за тоа како грчката влада, нејзините поддржувачи и националистите од грчката дијаспора, го блокираат или се обидуваат да го блокираат изразувањето на македонскиот идентитет. Во излагањето се споменува дека „западните сили истакнале оти Преспанскиот договор ќе стави крај на спорот помеѓу Македонија и Грција“. Но од таа гледна точка, мнозинството Македонци во светот сметаат дека Преспанскиот договор е недемократски и оти претставува неуспех. Се наведува дека „грчките двојни стандарди опстанале“ бидејќи Македонците не можат да имаат држава наречена Македонија“. Згора, токму како што стравувале повеќето Македонци, зборовите користени за опис на нивниот идентитет сега честопати се заменети од термините „северномакедонски“ и „северномакедонци“. Македонците посочуваат вакви примери и од Австралија, која има голема македонска дијаспора, но уште поголема и поактивна грчка заедница. Бивел смета дека ниту еден друг идентитет не е подложен на критики и на двојни стандарди, како што е случај со македонскиот идентитет.
– Време е да се стави крај на балканскиот мит, односно на идејата од 19 и од 20 век, според која, народот што живеел во Македонија не знаел дека е македонски, и оти на овој народ му биле потребни странци, политичари и академици од далечни места за да му кажат кој е – заклучува Бивел во неговото излагање на меѓународната онлајн конференција на темата „Геноцид и негова превенција во дигиталната доба: Предизвици во 21 век“, која се одржа неделава во организација на Универзитетот во Барселона.