Мини-шенгенот сѐ повеќе се наметнува како потреба за сите земји во регионот што сѐ уште се надвор од Европската Унија. Тоа е реалност, исцртана од меѓународната заедница за реализирање на една иницијатива како алтернатива за земјите од Западен Балкан, што, според нивните актуелни калкулации и убедувања, имаат сѐ уште отворени прашања што би пречеле доколку се придружат кон клубот на привилегираните…

Малиот шенген не е ЕУ, но, сепак, нуди алтернација за подинамичен развој

Изминува втората година од конкретизирањето на некои чекори на она што значи иницијативата за мал (мини) шенген, а официјално поттикната од Македонија, Албанија и Србија. Но се чини дека другите земји од Западен Балкан, а сите со амбиции за полноправно членство во ЕУ, и понатаму се воздржани во довербата и потребата за уште еден начин на регионално поврзување.

Секој од свои причини неодлучен за
посериозно придружување кон овој проект

По резервираноста, па и отвореното противење на Црна Гора и на Косово, сега и Босна и Херцеговина е неодлучна за посериозно придружување кон овој проект. Имено, неодамнешната вонредна телефонска седница на државната влада на БиХ, само со една точка на дневниот ред – влегување во регионалниот сојуз, сепак, не даде резултати. Причините за воздржаност на регионот се различни, но познавачите на политичките состојби во регионот во контекст на евроинтеграциите, проценувајќи ги аргументите „за“ и „против“ оваа иницијатива, заклучуваат дека „регионалното поврзување е апсолутна потреба за сите земји предвидени со овој проект“.
Мини-шенгенот е апсолутна потреба за сите земји во регионот што сѐ уште се надвор од Европската Унија. Тоа е реалност, исцртана од Вашингтон, за која на почетокот беа воздржани и во ЕУ, но САД не попуштија во притисокот за реализирање на иницијативата. Меѓутоа, верувале или не, проектот го поткопа Косово, бидејќи со него се релативизираа границата со Србија, а нејзиното поставување со прогласувањето независност во 2008 година тие го сметаат за историско достигнување. Во Црна Гора се колебаат за оваа иницијатива зашто сметаат дека таа може да го девалвира нејзиниот напредок кон ЕУ, а неодлучноста на Босна и Херцеговина е засега од нејасни причини. Но поради фактот дека влезот во ЕУ ќе биде исклучително долгорочен процес за сите земји од Западен Балкан, малиот шенген е начин како тие забрзано да се подготвуваат. Значи, тоа не е замена за ЕУ, но е утешна награда за побрз успех на сите. Тоа е реална шанса регионот да почне да функционира како мала Европска Унија, пред полноправното членство, до кое очигледно претстои долго патување за Македонија, со оглед на најавените опструкции од соседите – вели поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски.

Целта не е да се укинат граничните премини, туку да се олесни преминувањето на границите

Иницијативата на трите балкански држави, популарно наречена мини-шенген, не го претставува тоа во вистинската смисла на зборот. Всушност, иницијативата може да се нарече мала поради бројот на држави што сакаат да учествуваат во неа, како и обемот на правата што би биле загарантирани за граѓаните, но државите учеснички сè уште не се подготвени за укинување на внатрешните граници. И со мини-шенгенот, предвидено е да постои некаков вид гранична контрола, без оглед на подлабокото поврзување на државите во однос на сегашната состојба.
Што, всушност, значи оваа иницијатива? Првиот чекор за воспоставување мал шенген би требало да биде патување без пасоши. Сепак, тоа не значи дека преминувањето на границите ќе биде можно без никаков документ за идентификација, туку дека ќе биде овозможен влез во земјите и со лична карта. Целта не е да се укинат граничните премини, туку да се олесни преминувањето на границите, по што оваа иницијатива се разликува од големиот шенген. Но приказната не завршува тука. Државите учеснички постигнаа договор за воведување 24-часовно работно време на сите инспекциски служби, како и обединување на документацискиот пакет потребен за транзит на стока, важење на дозволите за работа од една територија на териториите на другите држави учеснички и движење на работната сила со признавање на квалификациите. Ова се само неколку од областите за кои се преговараше. Сепак,сите учесници во иницијативата јасно кажуваат дека политичка унија не е опција, како ни откажување од членството во ЕУ, а сите земји учеснички од претходно се потписнички на документот за регионален економски простор и учествуваат во Берлинскиот процес, што би требало дополнително да ја зајакне оваа иницијатива.

Иницијативата за отстранување одредени административни бариери што стојат на патот на слободното движење на луѓе, стоки, услуги и капитал на Балканот, се поведе набрзо откако Франција го блокира почетокот на пристапните преговори со ЕУ за Македонија и Албанија, во октомври 2019 година.
– Притисокот во јавноста за интензивирање на активности во спроведувањето на иницијативата за мини-шенген ќе се зголемува, како во Македонија, така и во Албанија, како што ќе минува времето без напредок во почеток на преговорите за членство во ЕУ. Секако, слободното движење на луѓе, стоки, услуги и капитал е добро од економски аспект, па дури предност претставува и заедничкиот настап, од политички аспект за членство во ЕУ. Но и понатаму останува отворено прашањето дали ќе се најде консензус за заедничкиот политички интерес на државите учеснички во проектот, со оглед на ставот на Србија во однос на НАТО. Друга „опасност“ е мини-шенгенот да не се претвори во замена за ЕУ, односно општествата да не помислат дека тоа им е доволно – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.


Саботирање на мини-шенгенот со националистичка реторика

По Косово и Црна Гора, уште една регионална земја е против проектот што го туркаат Заев, Вучиќ и Еди Рама. За Босна и Херцеговина, една од клучните причини за големите резерви е, секако, фактот дека министерот за полиција на Србија, Александар Вулин, неодамна објави дека „мини-шенген е лозинката за обединување на сите Срби“. Претходно и албанскиот премиер, Еди Рама, со свои изјави создаде причина за сомневање дека неговите мотиви за оваа регионална иницијатива се реализација на големоалбанските државни идеи.
– Кога тогашниот косовски премиер Хоти и српскиот претседател Вучиќ беа во официјална посета кај поранешниот американски претседател Трамп, во одвоените документи што ги потпишаа, Косово на некој начин се обврза дека ќе се вклучи во иницијативата за мини-шенген. Но досега гледаме дека не се случи тоа. Сепак, за спроведување каква било регионална иницијатива на Западен Балкан не се потребни националистички и големодржавни провокации. Ако се искрени во намерите за олеснување на регионалното поврзување, сите учесници во иницијативата треба да се воздржат од провокативни изјави со големодржавни атавизми – вели амбасадорот Ристо Никовски.