Во својот патопис „Во внатрешноста на тајната“, португалскиот писател Пеишото пишува за малите работи од секојдневниот живот на луѓето. Како на пример, за тоа дека секое домаќинство во Северна Кореја мора да има ѕид на кој се наоѓаат портрети на водачите и на него не смее да има ништо друго
Патопис на португалскиот писател Хозе Луис Пеишото за Северна Кореја
Во текот на изминатава деценија многу се пишуваше за затвореноста на севернокорејското општество, така што нам, европските лаици, ни се чинеше дека веќе сосема добро го разбираме менталниот склоп на севернокорејската нација и дека за оваа земја знаеме доволно за да не мора никогаш да ја посетиме. Патувањето во Северна Кореја, токму поради многубројните информации што ни пристигаа за тамошниот начин на живот, изгледаше како обично клише. Можеби и затоа никој од нашиве домашни патописци не се реши на таков чекор. Со оглед на тоа дека сепак постои одредена разлика помеѓу стилот на пишување на професионален патник и оној на еден писател, поубаво е во рацете да имате книга напишана од писател патник, одошто од патник писател, т.е. патописец.
Пеишото, мајсторот за кратки раскази
Иако името на овој португалски писател – Хозе Луис Пеишото – можеби звучи непознато за пошироката јавност, оние малку поупатените ќе се сетат на него од Европскиот фестивал на кратките раскази, но и по двете негови најпознати книги, „Галвеијас“ и „Книга“. Во 2001 година, Пеишото стана добитник на наградата „Хозе Сарамаго“, која секоја четврта година им се доделува на автори што пишуваат на португалски јазик и која го лансира меѓу најпопуларните современи писатели во Португалија. Патописот „Во внатрешноста на тајната“ ги раскажува доживувањата на авторот од мегатурата низ Северна Кореја во 2012 година, веднаш по смртта на вториот корејски водач Ким Џонг-ил – татко на сегашниот водач Ким Џонг-ун и син на Ким Џинг-сун, зачетникот на династијата Ким, која настапи на сцена во 1948 година, по крајот на јапонското владеење.
Мобилните телефони остануваат на граница
Уште на самиот почеток, авторот објаснува дека тој има неколку опсесии во животот, а дека Северна Кореја долго време му била една од нив, па затоа толку многу сакал да ја посети. Веќе на влезот во земјата, патниците морале да ги остават своите мобилни телефони, но, како што пишува авторот, „беа забранети и уметнички и културни дела, а во земјата не смееше да се влезе со каков и да било вид печатен материјал“. Сепак, авторот решил да го прошверцува својот примерок од „Дон Кихот“ и успеал во тоа. Исто така, на странците не им е дозволено поседување и користење вон – севернокорејската валута, на која никој не ѝ го знае тековниот курс. Малкуте работи што им се на располагање на странците, можат да се купат со евра или со кинески јуани. Меѓутоа, авторот пишува дека за време на посетата на Северна Кореја, ниту еднаш не видел некого со пари во рака, ниту некого што плаќа за нешто. На голем број прехранбени производи што може да се купат, истечен им е рокот на траење. Она што во голема мера и денес ѝ овозможува на Северна Кореја да преживее, особено затоа што земјоделството е многу застарено (на пример, жителите ја ораат земјата со дрвени плугови и волови), всушност се пратките со меѓународна помош, кои режимот ги претставува како подароци што народите и владите од другите земји ги испраќаат во чест на севернокорејските водачи и нивните супериорни доблести. Северна Кореја – земја со 24 милиони жители – ја има четвртата најголема армија во светот, со повеќе од 1.100.000 активни војници, што изнесува околу 20 отсто од вкупниот број мажи во земјата. Освен тоа, зачестено се организираат грандиозни манифестации во чест на водачите и паради со илјадници совршено координирани луѓе, кои изразуваат „роботска“ лојалност кон својот водач. За него се смета дека има натприродни моќи, а негов еквивалент во западниот свет би биле титулите крал и кралица. Она што авторот на патописот го забележал веднаш по влезот во државата било отсуството на реклами, графити и ѓубре на патиштата. Сѐ што се наоѓа во јавниот простор е од утилитарна природа: пешачките патеки, автобуските постојки, сообраќајните знаци… Улиците се беспрекорно чисти, на нив нема да најдете ниту едно фрлено парче хартија, а луѓето во јавниот простор се однесуваат со беспрекорно чувство за организација.
Хотелот дух остана не завршен
Во времето на големата финансиска криза кон крајот на 1980-тите и почетокот на 1990-тите, кога Северна Кореја престана да добива помош однадвор (најмногу поради почетокот на распаѓањето на Советскиот Сојуз), во неа почна да се гради највисокиот хотел на светот, чија изградба требаше да биде израз на државна моќ, но наедно и доказ дека Северна Кореја е еднакво напредна или дури и понапредна од Јужна Кореја. Само за изградба на темелната конструкција и надворешниот дел на хотелот „Рјангјунг“, вложени се 750 милиони долари, но објектот што е повисок дури и од Ајфеловата кула никогаш не беше завршен. Дизајниран да наликува на вселенски брод со широка база и зашилен врв, тој мораше да има токму ваков дизајн, бидејќи во целост е изграден од бетон. Хотелот требаше да има 3.000 соби и пет ротирачки ресторани на врвот. Но иако основната конструкција беше завршена во 1992 година, во следните 16 години хотелот зјаеше без прозорци, како некое чудовиште од армиран бетон со ’рѓосан кран, заглавен на врвот. Токму затоа што се работи за национален срам, денес Корејците проаѓаат покрај овој хотел на духови – никогаш завршен ниту отворен за гости – како да е невидлив. Хотелот го нема на ниту една официјална слика или леток од градот, иако заради својата големина буквално паѓа в очи. Истовремено, се проценува дека токму во тие рани 1990-ти, во земјата од глад починале помеѓу 240.000 и 3.000.000 луѓе.
Што се однесува до овој патопис, одвишно е да се зборува за литературните особености на книгата – кои се на високо ниво – кога во нив има толкав број неверојатни информации, изнесени за оваа земја од страна на авторот.
Не станува збор за шокантни информации, бидејќи авторот всушност таму и не видел ништо во таа смисла. Се работи повеќе за мали работи, ситници од секојдневниот живот на тамошните луѓе. Како на пример, за тоа дека секое домаќинство во Северна Кореја мора да има ѕид на кој се наоѓаат портрети на водачите и на него не смее да има ништо друго. Или за тоа дека луѓето, и покрај сеопштиот недостиг од сѐ и сешто и скромните услови за живот, сепак веруваат дека живеат во една од најразвиените земји во светот. „Продавницата беше голема, но во неа речиси и да немаше артикли. Освен неугледното купче од пластични вреќички со цвеќе во едниот агол и три полици со неколку тегли, целата преостаната стока беше поставена на пултот. Во очите на продавачката, која стоеше со рацете зад грбот, видов дека прометот е многу слаб“, пишува авторот на патописот. Што се однесува до странците што живеат во земјата, се работи исклучиво за дипломати и службеници во невладини организации. Во некои уште посиромашни места, како оние на северот на земјата, странци никогаш и не стапнале. Во секој случај, доколку годинава решите да прочитате барем еден патопис, нека биде тоа овој на Пеишото. Имено, станува збор за (во вистинската смисла на зборот) прозорец кон светот на една држава, за која, без оглед како ни изгледа, знаеме навистина малку.
Од објавениот патопис во хрватски „Експрес“