Во Холандија, која се граничи со тешко погодените од поплави подрачја во Германија и во Белгија, состојбата е значително поинаква, иако и оваа држава ги почувствува ефектите од екстремните врнежи. Сепак, холандските градови не се потполно потопени и немаат ниту една пријавена жртва, објавува „Си-ен-ен“.
Надлежните служби во Холандија беа подобро подготвени и во состојба за брза комуникација со луѓето, според универзитетскиот професор Џероен Аерц.
– Ние подобро го видовме доаѓањето на бранот, како и тоа каде ќе оди – вели Аерц.
Напишаното на интернет-страницата на холандската агенција за управување со водните ресурси најдобро ја опишува нејзината улога и цел.
– Врне повеќе, нивото на морето расте и потребно е реките да носат повеќе вода. Заштитата од водата што надоаѓа останува егзизтенцијална – се наведува од страна на агенцијата.
Холандската инфраструктура за управување со водните ресурси спаѓа меѓу најдобрите во светот, вклучувајќи големи ѕидови и засилени крајбрежи насипи. Но силата на холандската одбрана се наоѓа во нејзината организираност. Инфраструктурата е менаџирана од оддел на владата посветен исклучиво на водата и управувањето со водните ресурси, кој се грижи за одбранбените механизми кои зафаќаат површина од 1.500 километри. A за заканите од поплавувањето се грижат и локално избрани тела кои претставуваат дополнителна линија на одбраната.
Холандскиот успех во ваквата ситуација е резултат на долгогодишно искуство (холандската влада соопшти дека 60 отсто од територијата е под ризик од поплави) и може да понуди лекција за справувањето со поплавите, особено кога се очекува екстремните врнежи да станат почеста појава поради климатските промени.