Русија од 1 до 8 септември ќе одржи воени вежби во Средоземно Море во кои ќе учествуваат 25 воени брода и 30 авиони, соопшти руското министерство за одбрана.
– Во согласност со планот за обука на руските вооружени сили, вежби со големи размери на групации на силите на руската морнарица и воздухопловните сили ќе бидат спроведени од 1 до 8 септември 2018 година во Средоземно Море под раководство на главниот командант на морнарицата, адмиралот Владимир Корољов – се наведува во соопштението.
За време на вежбите во Медитеранот, планирано е распоредување на повеќе од 25 воени брода и помошни пловила на чело со ракетниот крстосувач „Маршал Устинов“.
– Во меѓународниот воздушен простор, задачите од обуката ќе ги извршуваат околу 30 авиони, вклучувајќи стратегиски бомбардери носачи на ракети „ту-160“ и „ту-142мм“, како и противподморнички воени авиони „ил-38“, ловци „су-33“ и авиони на поморското воздухопловство „су-30сд“ – додава руското министерство за одбрана.
Вежбите се организираат во период кога меѓу Русија и Западот се зголемени тензиите поради северниот сириски регион Идлиб, кој е под контрола на бунтовниците, а каде што сирискиот претседател Башар ал Асад подготвува голема офанзива за освојување на последното бунтовничко упориште во земјата.
Трамп: Ако треба ќе направиме многу поголеми воени вежби со Јужна Кореја
Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека ако е потребно ќе се организираат многу пообемни воени маневри од претходно и заеднички вежби помеѓу САД и Јужна Кореја. Но во исто време, Трамп истакна дека во моментот нема причина да се трошат милиони долари на воени вежби. Реакцијата на шефот на Белата куќа е дел од серијата негови пораки на Твитер, во кои ја обвинува Кина за недоволен напредок во убедувањето на Северна Кореја да ѝ стави крај на својата нуклеарна програма. Во јуни Трамп го прекина одржувањето воени вежби со Јужна Кореја, нарекувајќи ги скапи и провокативни.
Од друга страна, американскиот Стејт департмент соопшти дека Северна Кореја мора да се денуклеаризира пред каква било декларација за крај на Корејската војна.
– Цениме дека мора да дојде до денуклеаризација пред да се ангажираме во други области – изјави портпаролката на Стејт департментот Хедер Нојерт.
На новинарско прашање дали тие „други области“ се однесуваат и на крајот на војната, Нојерт одговори потврдно. Дел од експертската јавност наведува дека севернокорејската влада повеќе би сакала вистински мировен договор отколку едноставна објава.
Преговорите за целосна денуклеаризацијата на Корејскиот Полуостров, на што се обврза севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун на средбата со Трамп во Сингапур на 12 јуни, се наоѓаат во ќор-сокак. Трамп во петокот, во последен момент, го откажа патувањето на шефот на американската дипломатија Мајк Помпео во Северна Кореја, со што првпат јавно призна дека нема напредок во преговорите, пренесува Си-ен-ен.