Поради најавите за можно влошување на здравствената слика на населението, во Грција се најавува задолжителна вакцинација за сите граѓани, додека во другите земји се насочени кон приближување на вакцинацијата до граѓаните во секое населено место. Српската влада најавува и воведување лотарија за вакцинираните граѓани
Порастот на новозаболени лица од коронавирусот ги принуди властите во државите од регионот да ги интензивираат активностите за забрзана вакцинација на населението. Во соседството, пораст на бројот на нови случаи со ковид-19 има во Грција, во Албанија е регистриран прв случај на заразен со делта-сојот на вирусот, додека во Србија има мало зголемување на бројот на заболени. Во Македонија повторно бројот на заболените лица е над двесте. Поради најавите за можно влошување на здравствената слика на населението, во Грција се најавува задолжителна вакцинација за сите граѓани, додека во другите земји се насочени кон приближување на вакцинацијата до граѓаните во секое населено место. Српската влада најавува и воведување лотарија за вакцинираните граѓани.
– Ги повикувам луѓето да се вакцинираат. Мораме наскоро да почнеме со трета доза. Моментално имаме на располагање 1,3 милион слободни вакцини. Со примена вакцина имаме 95 отсто сигурност дека ќе се одбраниме од коронавирусот. Морате да сфатите дека тие што се вакцинирани немаат никакви последици. Бројките на новозаболени повторно растат и да не дозволиме да ја затвораме целата земја – изјави српскиот претседател Александар Вучиќ, кој последните денови се обидува да ги мотивира граѓаните да се вакцинираат во поголем број.
Тој изјави дека бројот на граѓани што се имунизираат не е доволен и дека зголемениот број новозаболени нема да биде загрижувачки за една или две недели, но дека тоа ќе биде „за еден месец и половина“. Вучиќ рече дека луѓето што не сакаат да се вакцинираат покажуваат неодговорност.
Засега во Србија нема да се воведува задолжителна вакцинација, а за поголема имунизација на населението ќе се организира и лотарија. Како една од мерките е тоа што болниците во земјата почнале да воведуваат правило, според кое, здравствените работници што не се вакцинирани или не го прележале коронавирусот, мораат по враќањето од годишен одмор да донесат негативен ПЦР-тест, што сами ќе го платат, пишува „Политика“. Оваа мерка ќе биде воведена од септември, затоа што постои стравување вирусот да се внесе меѓу пациентите.
Во Грција со олабавување на препораките за заштита од епидемијата се регистрирани високи дневни скокови на заболени лица од ковид-19, со што ги принудија властите да размислуваат за воведување задолжителна обврска за вакцинација на граѓаните. Но овие најави предизвикаа голем револт кај граѓаните. Со слогани против вакцините и задолжителната вакцинација, против Владата и грчкиот премиер, но и против новинарите, стотици граѓани, без маски, дистанца и какви било заштитни мерки, протестираа пред грчкиот парламент. Овие протести беа искористени од националистите, кои извикуваа и навредливи слогани.
Протестот против вакцинацијата беше организиран преку социјалните мрежи. Се протестираше во повеќе грчки градови, но и два беа во Атина, под пораките „Не за задолжителна вакцинација“, „Не за вакцините“.
– Задолжителната вакцинација нема да се поврзува со отпуштања – рече портпаролката на грчката влада, Аристотелиа Пелони, на вчерашниот редовен брифинг со новинарите и додаде дека во следниот период ќе се донесе законска рамка што ќе ги регулира конкретните прашања. Вакцинацијата во Грција ќе биде задолжителна за здравствените работници и вработените во центрите за грижа на лица, а за оние што ќе одбијат да се вакцинираат, а работат во приватните центри, како што објасни Пелони, предвиден е принуден неплатен одмор.
Вакцинацијата во Грција и понатаму е доброволна и не е задолжителна за општата популација, а исклучок се здравствените работници и вработените во одредени центри за грижа на лица. Досега 5,3 милиони граѓани примиле најмалку една доза, а 4,4 милиони се целосно вакцинирани.
Во Албанија вчера пристигна пратка од 340.000 вакцини и тоа е најголемо пристигнато количество досега во земјата. Со процесот на имунизација, кој во земјата, под мотото „Албанија се насмевнува“, почна на 11 јануари, досега се опфатени над милион и 40 илјади граѓани, а половина од нив се ревакцинирани.
Според националната стратегија, целото население во Албанија треба да биде вакцинирано до пролет следната година. За да се постигне целосна имунизација, предвидена е вакцинација на 2,2 милиони луѓе, за кои се потребни 4,4 милиони дози вакцина. Здравствените власти почнаа да функционираат со мобилни екипи што ги посетуваат жителите во руралните средини, како и по домови немоќните и стари лица и лицата со попреченост.
Во Хрватска последното деноноќие се регистрирани 139 нови случаи на заразени од коронавирусот. Националниот штаб на цивилна заштита на Хрватска ги продолжи постојните препораки за две недели, со дополнувања што се однесуваат за работа на автошколите и професионалните уметнички настани.