ОД НОВИНАРСКИОТ БЕЛЕЖНИК: ЗАБЕЛЕЖАНО, НЕНАПИШАНО (5)

Кон крајот на шеесеттите години на минатиот век, почнав да соработувам со весникот „Нова Македонија“, како постојан дописник од гостиварската општина, која се простираше на 1.350 квадратни километри, од месноста Бадовина, до селото Лазарополе, а пред тоа соработував со „Млад борец“ и со „Студентски збор“. Прва потешка и посериозна задача ми беше да направам интервју со Слободан Петровиќ, дипл. град. инж., раководител на градежната група на хидроелектричните централи „Маврово“ во Гостивар, повод беше почетокот на градбата на капиталниот хидросистем „Шарски води“. На почетокот на разговорот раководителот ми рече да бидам многу внимателен „бидејќи системот ’Шарски води‘ е сложен и тежок за изградба, треба да се изградат повеќе зафати за собирање на планинските води на Шар Планина, на непристапни терени на површина од 161 квадратен километар, работите треба да ги завршиме за околу осум години. Кога системот ќе го дадеме во употреба во Мавровско Езеро ќе се влеваат огромни количества вода што ќе овозможат хидроелектричните централи ’Вруток‘ и ’Равен‘ да го зголемат производството за 160 милиони киловат-часа електрична енергија“.
На работната маса ги распосла изведбените планови, ми објаснува дека со собирањето на планинските реки и потоци уште при нивното создавање во бетонски канал, селата на подножјето на Шар Планина (Лешница, Здуње, Зубовце, Врапчиште, Топлица, Неготино, Градец и други) и на плодниот Полог, ќе се заштитат од поплави, кои им прават големи штети на куќите и имотот. Изградбата се изведува од 1.240 до 1.357 метри надморска височина, на планинскиот масив Шар Планина, условите се тешки и геолошкиот состав на земјата е непредвидлив. Доводот „Шарски води“ ќе биде долг 62,5 км, ќе го сочинуваат: затворен бетонски канал од 59,4 км, 2.350 метри тунели, два челични сифони 625 м итн. Овие се основните карактеристики што ги забележав во шестчасовното интервју. На крајот на инженер Петровиќ му се заблагодарив и го замолив да ми појасни за зафатот на реката Враца, во близината на селото Пожаране. Одговорот за мене беше поразителен: „Вие ништо не сфативте, ќе почнеме од почеток“.

Во над петдецинската новинарска кариера, која сѐ уште трае, остварив над 1.000 интервјуја со политичари, стопанственици, државници, партиски функционери, народни херои, носители на „Партизанска споменица 1941“, учесници во НОБ, работници, земјоделци, естрадни уметници (филмски и драмски актери, пејачи, музичари), спортисти, од странство, од поранешната СФРЈ и од Македонија. Секое интервју беше посебно, значајно, актуелно, слушано и читано, во текот на разговорот се случуваше и понекоја анегдота.
Интервјуто со Ватрослав Мимица, филмски режисер од Загреб, Хрватска, го водев на три локации: го почнав на конаците на Бигорскиот манастир, за време на паузата меѓу две снимања на кадри на играниот филм „Бановиќ Страхиња“, вечерта го продолживме во хотелот „Бистра“ во селото Маврово, каде што разговаравме уште пет вечери, кога го завршив разговорот. Во гостиварското кино „Култура“, заедно со режисерот, актерите и филмаџиите, го гледавме филмскиот материјал снимен на локации во Хрватска. По разгледувањето, Мимица сакаше да го слушне моето мислење, а за впечатоците разговаравме во гостиварскиот ресторан „Тик-так“.
По многу нешта разговорот ми остана во сеќавање, како тоа да се случи пред некој месец. Интервјуто траеше шест дена по 6-7 часа, вкупно 42 часа. Во пожолтениот бележник сум забележал: на 3 ноември 1980 година, во Бигорскиот манастир, се запознав со познатиот хрватски режисер Ватрослав Мимица, потпишан на 14 играни филмови, на голем број анимирани и краткометражни филмови, ми остави впечаток на врвен професионалец и со извонредни манири на однесување. Ја прифати понудата за интервју, вечерта, по завршување на снимањето, во хотелот „Бистра“, каде што се сместени, се фотографираме и ми дозволи да фотографирам од филмските сцени на манастирскиот чардак, на Горни Палат, без употреба на блиц.

Со мало задоцнување пристигна Мимица, ми се извини, праша што пијам, струмичка мастика „грозд“, мојот посакуван пијалак, и на келнерот му нарача да ни донесе половина литар мастика, салати таратур, шопска и пинџур. Во релаксирана атмосфера разговаравме на повеќе теми и сакав пред вечерата да го снимам интервјуто. Добро ни оди разговорот, ќе продолжиме со вечера, мавровските специјалитети се одлични, ќе пиеме црвено вино „т’га за југ“, кое е по мој вкус, музиката е одлична, уживаме во амбиентот, а интервјуто ќе го направиме утре. Нешто по полноќ се разделивме. Следниот ден и наредните четири дена, повторни средби по истиот терк, а разговорот го одлагавме за следниот ден. На шестиот ден (8 ноември), пред да го почнеме ритуалот, го замолив режисерот дека повеќе нема одлагање, прво да го направиме разговорот, бидејќи со Тимчо Апостолов, уредник на „Екран“, имам договор текстот треба да го добие за два дена, утрото во понеделник, за да го планира за бројот што треба да излезе на 14 ноември.
– Кога го замислував филмот „Бановиќ Страхиња“, спонтано се сетив на Бигорскиот манастир, како единствен можен амбиент со околината, долината на реката Радика и мијачкото село Галичник – ми одговори Мимица. Со тоа ме заинтересира од каде му се познати убавините на овој крај.

– Во Македонија не дојдов случајно. Пред 10 години го режирав македонскиот игран филм „Македонскиот дел од пеколот“ и добро ја запознав Македонија, а Бигорскиот манастир има единствен можен амбиент што располага со средновековна архитектура и пејзаж, каде што можам да направам одличен филм. Како што планирав, така испадна и сум задоволен – ми одговори.
И јас бев задоволен од интервјуто и за пикантериите што ги дознав низ неврзаните разговори во шесте денови дружење. По разговорот се префрливме во ресторанската сала, релаксирано го започнавме дружењето, ни се приклучија директорот на филмот, снимателот и некои од артистите. Расположението беше на висина. Оркестарот на браќата Ибуш и Самка Ибраимовски перфектно музицираа повеќе од пет часа.
На крајот на забавата, Самка Ибраимовски, тапанар во групата и забавувач, (денес заменик-директор на ЈП „Македонија пат“, поранешен републички пратеник, лидер на политичка партија) од неговиот богат репертоар со шеги говореше и за претседателот Тито, притоа со ништо не ги навреди ликот и делото. Но само што заврши, се појавија двајца милиционери и го зедоа со нив…