По Престон Македонија, Оџаков ја продолжи фудбалската кариера во Сиднеј Кроација – Јунајтед. Имаше и убава репрезентативна кариера, одигра 13 официјални и осум пријателски натпревари за сениорскиот тим на Австралија. Играше и на првото Светско првенство во футсал во 1988 година, но најубавите моменти ги доживеа во Блектаун
Жарко Оџаков (2)
По настапите за Вардар во Првата и во Втората фудбалска лига и турбулентните години, кога кариерата на Жарко Оџаков одеше час горе, час долу, во Австралија дојдоа најубавите моменти во неговиот фудбалски живот. Откако во 1983 година му сатана јасно дека заменикот на Стјепан Бобек, Вукашин Вишњевац, нема да му дава којзнае колкава минутажа, Оџаков реши да замине. Прво играше мал фудбал во Америка, а потоа се пресели во Мелбурн и стана фудбалер на Престон Македонија. Тука 80 отсто од фудбалерите беа Македонци, предводени од неговите поранешни соиграчи од Вардар, Џони Тодоровски, Владо Тортевски и Златко Настевски.
– Ова како да беше мој прв фудбалски почеток. Меѓутоа, брзо се адаптирав на средината и дадов придонес во подигнување на квалитетот на играта на целата екипа, која се натпреваруваше во најквалитетната лига на Австралија. Првата година откако дојдов го освоивме третото место, што претставуваше голем успех. Јас бев особено среќен што бев прогласен и за најдобар фудбалер на годината на Викторија. Тогаш брзо добив документи за постојан престој, а подоцна и австралиско државјанство. Подоцна кариерата ја продолжив во Сиднеј Кроација (Јунајтед), по покана на поранешниот фудбалер на Хајдук и југословенски репрезентативец Ведран Рожиќ, со кого се познавав уште од деновите кога двајцата трчавме по југословенските фудбалски терени – вели Оџаков.
ВО КРОАЦИЈА ПОЧУВСТВУВАВ КОЛКУ ВРЕДАМ
– Во клубот на Хрватите веднаш заиграв, Рожиќ беше презадоволен, а јас тука почувствував дека вредам. Сите во клубот, од тренерот до играчите, а и навивачите, гледаа кон мене со почит. Во овие мигови бев пресреќен и си помислив дека моето доаѓање во Австралија не беше само авантура, туку одличен потег. Со Сиднеј освоивме две првенства, а бевме носители и на Купот. Така, со трите трофеи, клубот стана хит во земјата, а јас за своите игри една сезона бев прогласен и за фудбалер број еден во Нов Јужен Велс – продолжи Оџаков.
По одличните игри во Сиднеј Кроација, Жарко Оџаков доби покана од селекторот на сениорската репрезентација Ференц Арок, инаку Југословен од унгарско потекло, да ги брани боите на најсилниот тим на Австралија.
– Тоа беше уште една чест за мене и од тие моменти како пред мене да се отвори една врата, низ која можев да се вивнам во австралискиот фудбалски врв. Тоа и се случи, од 1984 до 1986 година бев стандарден репрезентативец и одиграв 13 официјални и осум пријателски средби. Но пријателските средби не беа со некои наивни противници. Напротив, тоа беа големи тимови како Васко де Гама, Лацио, Удинезе, Црвена звезда, против која постигнав и еден гол. Сите тие беа тимови за респект. Инаку, на официјалните натпревари играв во квалификациите за СП во Мексико во 1986 година. Тогаш бевме во група со Израел, кого го победивме со 2-1 дома, а игравме 1-1 на гости. Потоа го победивме Тајван со 7-0 и со 8-0, а јас на овие средби постигнав три гола. Со Нов Зеланд игравме 0-0 на гости и победа со 2-1 дома. На крајот бевме први во групата и во мајсторката загубивме од Шкотска, но ќе се памети дека во квалификациската група бевме први и по тој повод ни беше приреден прием од англиската кралица – вели тој.
Што се однесува до репрезентативната кариера, Оџаков играше и во квалификациите за Олимпијадата во Сеул. Австралија успеа да се пласира за олимпискиот фудбалски турнир, но поради повреда на коленото, Оџаков не беше во составот. Инаку, Австралија уште во првиот круг ја елиминира Југославија, за која настапија Станојковиќ и Савевски.
НЕЗАБОРАВНИ ДВЕ ГОДИНИ ВО БЛЕКТАУН
Популарноста на Оџаков во Австралија беше голема и за него беа заинтересирани многу клубови. Но тој помислуваше полека да се повлече од професионалната сцена и во 1987 година му пристапи на второлигашот Блектаун. Со овој потег тој стави крај на репрезентативната кариера. Како член на второлигаш, Арок не можеше да го земе во најсилниот тим на земјата. Но затоа, пак, Оџаков, кој повремено играше и мал фудбал, а беше и еден од најдобрите во Австралија, се најде во составот на репрезентацијата што настапи на првото Светско првенство во футсал во 1988 година во Холандија.
– Ако ги додадам моите игри и за футсал-репрезентацијата, можам да кажам дека сум наполно задоволен од репрезентативните години во Австралија. Откако сево ова мина, комплетно се насочив кон настапите за Блектаун, чија цел беше експресно да се врати во Првата лига. Во тоа успеавме и им приредивме големо задоволство на симпатизерите на клубот, кои ме нарекуваа „херојот“ на Блектаун. Тука поминав три убави години, а благодарејќи на мене, пред да се збогувам со активното играње, во 1990 година Блектаун остана во лигата. Во последниот натпревар ни беше потребна само победа за да останеме во елитното друштво. Меѓутоа, во финишот од средбата при резултат 2-2, требаше да изведеме слободен удар. Тренерот спас гледаше во мене и ми довикна јас да го изведам ударот. Тоа и го направив и за моја среќа постигнав гол, кој значеше победа и опстанок во Првата лига. На радоста ѝ немаше крај, а за мене во Блектаун и натаму велат дека сум нивниот херој – вели тој.
Потоа, доаѓа крајот на активното играње во кое имаше уште едно големо доживување, кога во Етничкиот куп, Македонците го освоија првото место.
– Во финалето ги победивме Аргентинците, и тоа со 7-1. Игравме феноменално, а покрај мене во тимот беа уште двајцата мои соиграчи од Вардар, Владо Тортевски и Злате Настевски. Сите бевме заслужни за големиот триумф, кој нашите сонародници го прославија со песни, кои долго во ноќта ечеа во Рокдал, македонскиот дел од Сиднеј – вели тој.
ВРАЌАЊЕТО ДОМА – ГОЛЕМА ГРЕШКА
Откако постигна сѐ што можеше да се постигне во Австралија, според зборовите на Жарко Оџаков, решението да се врати во Македонија беше голема грешка. Зошто?
– Таму имав многу понуди да останам и да почнам со тренерска кариера. Во Блектаун ме молеа да останам во клубот, и тоа да избирам на која позиција сакам да бидам. Но јас ги одбив оние што ме сметаа за нивни херој. Во Рокдал, исто така, можев да останам како тренер. Впрочем во сезоната 2007/2008 дојдов тука и бев тренер, но тоа беше едно друго време, време во кое бев подзаборавен од тамошниот фудбалски свет, зашто минаа речиси 20 години откако настапував за репрезентацијата на Австралија. Друго ќе беше ако не се вратев во Македонија. Во тој случај ќе ми се отвореа многу перспективи, па можеби ќе бев и во стручниот штаб на репрезентацијата или, пак, тренер на некој од најпознатите клубови. Но, тоа е што е, направените грешки остануваат во минатото – вели тој.
По враќањето во Македонија, тој му беше помошник на Никола Илиевски- Џиџи во Металург. Но за да напредува во струката, ја завршува Вишата тренерска школа во Белград во 1997 година.
– Во овој период една година, во 1996, бев во Вардар, а потоа станав селектор на младинската репрезентација на Македонија. Тогаш за неа заиграа Ацо Стојков и Горан Пандев и уште тогаш се виде оти им претстои убава фудбалска кариера – вели тој.
Со младинците по успешните игри со Азербејџан и со Финска, дојде мечот со Шпанија за која настапуваа Иниеста и Торес.
– Во овој меч на сцена стапи и судијата што нѐ „уби“ со црвени картони и поразот беше неминовен. Потоа ја водев младата репрезентација, од која по три порази се разделив. Имаше многу нешта што спречуваа слобода во работењето и разочаран бев од односот на ФФМ, во 2003 година ставив крај на работата во Федерацијата – вели Оџаков.