Во процедура во македонскиот парламент влегува закон за управување со отпад, со кој, доколку биде изгласан и ги мине сите собраниски процедури, ќе се овозможи увоз на отпад што ќе се користи како енергент.
Ова законско решение со „европско знаменце“, заради усогласување на регулативата во оваа сфера со европските директиви, минатата недела веќе го мина првото читање, а за денеска е најавено второ читање во Комисијата за европски прашања.
Според процедурата, објаснуваат соговорници од Собранието за „Нова Македонија“, кога ќе се надгради четивото со амандмани на законот на второто читање, потоа во наредните неколку недели се очекува законот да се најде на пленарна седница. Тогаш пратениците ќе може да ја гласаат новата верзија на Законот за управување со отпад. Инаку, минатата година со законски измени беше забранета можноста за користење на отпадот како извор на енергија во индустријата, но таа сега повторно се отвора, поради потребите за изедначување на домашните и европските директиви по овие прашања.
Во меѓувреме, актуелноста на настаните иницира потреба од објаснување што всушност претставуваат енергентите што се добиваат од отпадот насловени „Остаток од дериватно гориво – резидуал дериват фјул (РФД)“ и „Цврсто дериватно гориво – солид рековери фјул – (СРФ)“, кое се користи како алтернативно гориво во големата индустрија.

Што претставуваат алтернативните горива

Во стручна публикација на оваа тема, насловена „Анализа во искуствата производството и употребата на РДФ во Југоисточна Европа“, изготвена од Германската организација за меѓународна соработка (ГИЗ) и Машинскиот факултет во Зеница се истакнува дека алтернативните горива имаат повеќеслојна придобивка и за економијата и за државата.
Имено, според публикацијата, со преработката на индустрискиот и комуналниот отпад, поточно текстилот и старите гуми, се добива можност овие состојки да се употребат за производство на цемент. Дополнително, во самиот процес на производство и употреба се намалува употребата на фосилни горива користени во цементната индустрија и истовремено се намалува комуналниот отпад во депониите.
– За да се произведат алтернативните горива од отпад, неопходни се специјализирани погони за механичко-биолошка обработка – вели студијата.
Според документот, составот на ѓубривото што може да се преработува варира во зависност од годишната доба.
– Може да се употребуваат суров отпад и отпад со висока концентрација на влага, отпад со ниски калорични вредности и отпад што не може да се рециклира – пишува студијата.
Според стручната анализа, во преработката на отпадот што се откупува од депониите и домаќинствата може да се користат амбалажен отпад, картони собрани во посебни контејнери, отпадни автомобилски гуми, кожи и отпаден текстил, непотребна биомаса, како и остатоци од преработувачките погони на разни индустриски гранки.
Во суштина, напоменува студијата, РДФ-енергентот во себе содржи хартија, пластика, дрво и текстил, односно материи што имаат висока енергетска вредност, кои откога ќе бидат употребени во специјализирани согорувања безбедно се филтрираат остатоците.
Физичките карактеристики на РДФ се движат од 10 до 300 мм и нивната густина во идеални услови изнесува од 100 до 300 кг на кубен метар.

Полза од воведување алтернативни енергенти

Во економска и научна смисла на зборот постои и полза од воведување на алтернативните горива РДФ. Во германско-босанската научна документација се подвлекува дека се врши максимален поврат на енергијата и гарантирана употреба на специјализираните категории отпад, се постигнува општа корист од чиста емисија на гас во воздухот каде што нема загадување на животната околина, се смалува емисијата на јаглерод диоксид, не се трошат фосилни горива и се заштедува на просторот во депониите каде што се складира отпадот.


Светски и регионални искуства

Во Европската Унија, но и во нашиот регион, постојат држави во кои со строги законски норми е дозволено да се преработува РДФ и СРФ-отпадот и тој потоа да се користи во индустриските гранки, имено според порталот „Вајлд економи“, во цементарници во Шведска, Финска, Италија, Британија, Чешка и во Норвешка алтернативните горива РДФ и СРФ се употребуваат како доминантен извор на енергија во работата на овие постројки. Овие европски компании своите потреби за енергија до 60 проценти ги задоволуваат од употребата на РДФ и СРФ. Од друга страна, во регионот во индустриите на Хрватска, Албанија, Босна и Херцеговина, Романија и Бугарија, во голема мера се активни корисници на оваа алтернативна енергија.

[email protected]