Секторот на микро, мали и средни претпријатија како целина е доминантен во македонската економија и опфаќа 99,8 отсто од сите претпријатија, а исто така тие се најголемите работодавци, со 76,6 проценти од сите вработувања. Со таква фактичка состојба, во околности на пандемиска економско-финансиска криза, упатените велат дека речиси во сите шест пакети на мерките за поддршка на стопанството
малите и средните претпријатија беа третирани, но никогаш не доволно јасно,
педантно и прецизно, со доволен обем, квалитет и брзина на нивните потреби…
Клучот за економски раст на земјава е во развојот на приватниот сектор, особено на малите и средните претпријатија. Тие би можеле да креираат производи и услуги со повисока додадена вредност, кои ќе бидат конкурентни на глобалниот пазар, и да ги задоволуваат стандардите на земјата во која се извезува. Но истите тие беа и најмногу погодени од здравствено-економската криза што се наметна со ширењето на ковид-19. Прашањата што се наметнуваат се како да се поттикнат малите и средните претпријатија, како да им се помогне да ја надминат што побрзо кризава, бидејќи се мотор на економијата.
Професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, вели дека несомнено е дека малите и средните претпријатија претставуваат движечка сила на развојот и со најголема додадена вредност и факт е дека и тие беа повеќе погодени од здравствената криза.
– Речиси во сите шест пакети на мерките за поддршка на стопанството, малите и средните претпријатија беа третирани, но никогаш не со доволен обем, квалитет и брзина на нивните потреби. Најголем проблем за нив претставува недостигот од ликвидноста, за што мерките и политиките треба посебно да се имплементираат. Финансискиот капацитет на овие претпријатија секогаш е недоволен, а и според нивните биланси кредибилитетот секојпат е послаб од поголемите и помоќните корпорации, поради што и пристапот до извори на финансирање или е потежок или е поскап – објаснува Беџети.
Тој смета дека Владата и институциите треба за оваа категорија да се фокусираат посебно на финансирањето, како и преку субвенционирање на цената на капиталот (каматите) или преку кредитирање од страна на развојните кредити на Банката за поддршка на развојот.
– Се разбира, Владата со надлежните министерства треба да биде во постојана консултација со стопанските комори и нивните асоцијации и за други мерки од типот на олеснување на нивните бизниси сѐ додека тие се оспособуваат од „заспаниот“ период – додава Беџети.
Секторот на микро, мали и средни претпријатија како целина е доминантен во македонската економија и опфаќа 99,8 отсто од сите претпријатија, а исто така тие се најголемите работодавци со 76,6 проценти од сите вработувања.
Од Сојузот на стопански комори на Македонија велат дека малите и средните претпријатија се од клучно значење за постигнување одржлив економски раст и дека се важен фактор за одржување на конкурентноста и постигнување економски просперитет, за создавање отпорност кон надворешните шокови на економски план, за постигнување повисока вработеност.
– Но истовремено, малите и средните претпријатија се најподложни на потреси, како во случајот со кризата предизвикана од пандемијата, поради што сите активни чинители треба да работат на креирање на добро деловно опкружување за поддршка и развој на овие правни субјекти. Како организации, работиме на различни начини што се приспособени на националните услови, за да им обезбедиме на малите и средните претпријатија сѐ што е потребно за да растат и да се развиваат, но потребна е поголема ангажираност од институциите, носителите на одлуките и креаторите на политиките – посочија од ССК.
Оттаму споменуваат дека е потребно да се создаде сериозна стратегија за нивен развој и одржливост, која ќе предвидува конкретни мерки и активности со поставени рокови за реализација.
– Со имплементација на стратегијата треба да се постигне значително зголемување на бројот на мали и средни претпријатија што се занимаваат со одржливи деловни практики, како и да се зголеми бројот на тие што користат дигитални технологии. Ова е особено клучно во постпандемискиот период, бидејќи малите и средните претпријатија се клучот за побрзо надминување на кризните состојби и за постигнување на одржливиот економски развој.
Исто така е неопходно да се намали регулаторниот товар и да се подобри пристапот до меѓународните пазари, како и да се осигури дека претпријатијата ги користат институционалните механизми за успешни прекугранични активности – појаснуваат од ССК.
Надлежните од Комората потенцираат дека е неопходно да се преземат мерки за олеснување на пристапот до финансирање, како и да се обезбедуваат континуирани информации за достапност и пристап до извори на финансирањe.