Инволвираните сметаат дека корона-кризата ги забрзува промените во индустријата, кои се вообичаени со развојот на земјите, додека, пак, експертите советуваат дека промени и кај работниците и кај работодавците се неопходни и неминовни поради развојот на технологијата и поради потребата да се остане во тек со новостите
Корона-кризата сериозно ја разболи домашната реална економија
Неизвесноста и стравот од нов бран на коронавирусот и неговите соеви, проследени со нови рестриктивни мерки, создаваат несигурност кај работодавците, кои деновиве алармираат дека се можни нови отпуштања на работници поради корона-кризата.
Промени се нужни и кај работниците и кај работодавците
Инволвираните сметаат дека корона-кризата ги забрзува промените во индустријата, кои се вообичаени со развојот на земјите, додека, пак, експертите советуваат дека промени и кај работниците и кај работодавците се неопходни и неминовни поради развојот на технологијата и поради потребата да се остане во тек со новостите.
Поради страв од ширењето на новиот делта-сој на коронавирусот и нови затворања од септември, бизнисмените предупредуваат дека во текстилната индустрија се можни нови отказни решенија од септември. Дали во вакви неизвесни услови се можни реструктурирања на производството, потрага по нови пазари, или, пак, нови обуки за вработените за приспособување на производството кон она што се бара на пазарот е енигма што би му помогнала на стопанството полесно да ја надмине оваа криза.
– Не верувам дека во вакви околности кога цела Европа стравува од новиот делта-сој на вирусот, некоја наша текстилна компанија ќе најде нови партнери. Продажбата полека почнува да се зголемува, но ризикот од индискиот сој и нови затварања во Европа е многу висок. Без враќање на оптимизмот кај купувачите што повеќе нема да стравуваат по своето здравје, но и за задржување на работното место – нема да има зголемување на продажбата на текстилни производи – вели Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија.
Димитров укажува дека сопствениците на текстилните фабрики полесно го гледаат спасот во вложување во други дејности отколку во зголемување на бројот на вработени во текстилната индустрија.
– Ваквата одлука ја темелат на состојбата со демотивираност на младите да работат во оваа индустрија и трендот на постојано покачување на платите, промена што со овие цени на услугите не можат да ја издржат. Треба да е јасно дека текстилната индустрија пропаѓаше и во Хрватска и во Словенија, и во Чешка и во Словачка и во Полска, и тоа е нормален процес со влегувањето во ЕУ и подигањето на стандардот на вработените. Но се плашам дека кај нас корона-кризата ќе го забрза тој процес малку предвреме. Поради ваквите промени, се зголемува опасноста поголемиот број работници, особено повозрасните, да не можат да се преквалификуваат и да најдат ново вработување. Ова значи дека тие ќе бидат на товар на државата најпрвин со паричен надомест за невработеност, а потоа како социјална помош. Затоа вреди да се размисли дали овие пари што ќе се даваат во вид на паричен надомест за невработеност да се искористат како субвенционирање на придонесите од плати за да можат работници да работат до пензија – укажува Димитров.
Непредвидливоста на пазарот е една од најголемите закани
Универзитетскиот професор Ванчо Узунов посочува дека состојбата со пандемијата е многу неизвесна поради што стравот од нови рестриктивни мерки ги става во неизвесност бизнисмените што се во попогодените индустрии.
– Деновиве гледаме дека има повеќе различни, можеби и контрадикторни информации, што секако е резултат на неизвесноста што и понатаму е присутна поради коронавирусот и ширењето на новите соеви. Некои од фирмите не знаат дали ќе имаат нарачки, како што се дел од компаниите во текстилната индустрија, а ако немаат нарачки нема да имаат работа, а бидејќи не знаат кога ќе се стабилизира ситуацијата, од септември се стравува од нови рестриктивни мерки низ европските земји, не знаат ни тогаш дали ќе имаат нарачки, што на крајот резултира со страв од нови отпуштања на работниците – вели Узунов. Професорот посочува дека вообичаено во неизвесни ситуации, компаниите и газдите се навикнати да се пожалат дека немаат нарачки и дека се можни отпуштања, додека во периоди кога работата се одвива тековно не излегуваат во јавност. Наедно потенцира дека и компаниите и работниците мора да се адаптираат на промените бидејќи секој тип помош има краток рок и е многу помала отколку редовните плати.
– Текстилната индустрија сѐ помалку и помалку ќе работи како порано. Младите се ориентираат кон други работни дејности, не сакаат да работат за ниски плати, но проблематично е за повозрасните лица што многу години работат во текстилната индустрија, за кои ќе биде неопходно да се преориентираат, односно да се адаптираат кон она што го бара пазарот. Мора да се свесни дека доколку останат без работа, социјалната помош се добива неколку месеци, дополнително е мала, па ќе мора да бараат работа во нова струка, иако тоа е навистина тешко на 50 или повеќе години, или, пак, на неколку години пред пензионирање.
Од друга страна, за компаниите да најдат нови пазари исто така е тешко, станува збор за комплициран и тежок процес и во нормални услови, а не, пак, сега со пандемијата. Потребни се едуцирани и посветени тимови само за барање нови пазари, што ретко која од домашните компании го има. Од друга страна, кога станува збор за препознатлив бренд, кај нив се отвораат работни понуди, но кога самата компанија пред нови клиенти нуди свои производи или соработка со ниски цени, тешко може да успее на нов пазар, потребно е време, но и многу финансии, а по пандемијата тешко дека компаниите имаат вишоци. Можна опција за компании што се наоѓаат во влошена економска позиција е да станат дел од некој светски синџир, но прашање е колку бизнисмените би сакале да ја продадат својата компанијата и таа да стане дел од поголем синџир, и што можат да им понудат на тие светски препознатливи брендови, а што некој друг не им го нуди веќе – посочува професорот Узунов.