Стомачните вирози почнуваат со мачнина, грчеви во стомакот и повраќање, а можни се и дијареја и малку покачена температура. Лекарите советуваат да се внимава на хигиената и да не се пијат многу ладни пијалаци, за да не се предизвикува шок на организмот
Мачнина во стомакот, изразена премаленост, со три-четири ретки столици во денот, потење, општа слабост на организмот, се симптомите на оние што деновиве се појавиле во амбулантите и се пожалиле на овие тегоби кај своите матични лекари. Стомачните вирози се актуелни периодов, откако живата во термометарот се искачи високо, велат медицинските работници. За да не дојде до вакви тешкотии во организмот, лекарите препорачуваат да не се земаат премногу ладни пијалаци, но, секако, најважно е да се зачува хидратацијата на организмот. Хигиената е клучен фактор, па поради тоа советуваат почесто миење на рацете, добро миење на зеленчукот и на овошјето и особена претпазливост при приготвувањето на храната. Особено да се внимава на миењето раце кај децата пред секој оброк, бидејќи тие многу полесно може да бидат подложни на стомачните вирози. Лекарите советуваат на овие мошне високи надворешни температури да се избегнува порачувањето храна однадвор.
Во последниве денови доаѓаат пациенти со изразена премаленост, со три-четири ретки столици во денот, потење, слабост на организмот. Некои велат дека дошле од пат, а други, пак, консумирале нешто ладно, што е несоодветно на овие високи надворешни температури. Со електролити и совети некако ги регулираме овие состојби. За да се заштитат граѓаните од стомачните вирози, доколку имаат сомнеж за исправноста на водата што ја пијат, тогаш нека купуваат амбалажирана вода и нека не порачуваат храна однадвор. Препорачувам лесна исхрана, салати и лесен ручек. Зеленчукот и овошјето треба многу добро да се мијат, да се внимава особено на хигиената на рацете. Доколку, пак, имаат сомнеж за труење со храна и почувствуваат стомачни мачнини, тогаш добро е да земат електролити и медицински јаглен, а ако симптомите се поизразени, да побараат лекарска помош. Поради тоа советувам помалку да се користат кечап и мајонез на отворено во продавниците со храна – вели д-р Мирјана Спасовска, матична лекарка во поликлиниката „Чаир“.
И нејзината колешка д-р Јованка Костовска, матична лекарка во здравствениот дом „Бит-пазар“, потврдува дека во овие топли денови има пациенти што се жалат на стомачни тегоби.
Стомачните вирози почнуваат со мачнина, грчеви во стомакот и повраќање, а можни се и проливи, и тоа е резултат на топлото време. Во зависност од организмот, кај некои луѓе се појавува и лесно покачена температура. Затоа би требало добро да се мијат овошјето и зеленчукот, а и да не се пијат многу ладни пијалаци, бидејќи тоа е веќе како шок на организмот, пијалаците треба да бидат барем на собна температура. И во ова време многу е битно одржувањето на хигиената, особено миењето на рацете и складирањето на храната во фрижидери, да не биде оставена долго на собна температура, зашто може да дојде до нејзино расипување и до проблеми на гастроинтестиналниот тракт. Самата вироза може да трае еден-два дена, а потоа да се стабилизира состојбата, но најбитно е да не дехидрира организмот, да се пијат течности, пробиотик задолжително да се зема во овој период. Исхраната треба да биде полесна, а не мрсна, бидејќи знаме дека ние повеќе сме обожаватели на мрсна храна. За дехидрација, да се пијат течности, се купуваат електролити, може и готови супи во ќесички, да се избегнуваат вештачки сокови и повеќе да се консумираат чаеви од шипка, камилица и нане и да се избегнува ладно. Најбитна е хигиената, миењето на рацете, зеленчукот и овошјето, а кај децата да се внимава на миењето на рацете пред секој оброк. Доколку дојде до дехидрирање на организмот, мора да се побара лекарска помош, да се дадат инфузии. За разлика од вирозите, труењето со храна може да е со висока температура, јаки проливи и крвави столици, значи со многу полоша клиничка слика – објаснува д-р Јованка Костовска, матична лекарка во здравствениот дом „Бит-пазар“.