Според повеќе специјализирани странски медиуми, полициските и воените сили на државава се „во процес на технички ремонт“. Како што анализираат истите тие, „Македонија ќе треба постепено и во скромни услови да спроведе длабока модернизација на своите расположливи борбени технолошки средства, истовремено опремувајќи ја војската со опрема што потекнува од држави-сојузнички на НАТО и заменувајќи ги постојните воени технологии што потекнуваат од некогашниот СССР и од Русија“
Борбената готовност на АРМ под лупа
Борбената подготвеност на безбедносните сили на одредена држава отсекогаш е прашање на интерес и за јавноста, но и за специјализирани безбедносни институции или други држави. Македонија и нашите безбедносни сили исто така се во фокусот на различни и сериозни анализи и безбедносни опсервации. Токму во ваквиот контекст, внимание привлече и информацијата во јавноста дека „македонските безбедносни воздухоплови во состав на полициските и воените сили на државата се во процес на технички ремонт, но и во фаза на надградба и модернизација, која неколку месеци веќе е во тек“. Што значи ваквата констатација на специјализираниот медиум?
Според информациите на порталот „Балканската безбедносна мрежа“, ремонтот и надградбата на македонските летала веќе се започнати и тие во иднина ќе се одвиваат во фабриките на неколку држави, како Шведска, Србија и Чешка.
Порталот пишува дека еден од полициските хеликоптери „АБ 212“ е веќе ремонтиран, а истото тоа наскоро ќе се случи и со хеликоптерите од типот „АБ 206 џет ренџер“ и „бел 412“, на кои како во првиот случај ќе им се замени моторот, ќе се подобри авиониката, но и ќе се надградат постојните витални агрегати и механички и компјутерски техники.
Во својата анализа на темата, порталот наведува дека во земјата е возможно да се спроведе и план, со кој сите големи хеликоптери на полицијата од типот „ми 17“ ќе се префрлат во иднина да бидат во редовите на македонската војска.
Според медиумот, спојувањето на воздухопловните ресурси под една капа ќе придонесе обуката врз леталата да се извршува поедноставно и нивната употреба на државно ниво да биде експресна и во согласност со правилата на безбедносниот систем на вредности на ЕУ.
Натаму, порталот информира дека во периодот што следува, Македонија ќе треба постепено и во скромни услови да спроведе длабока модернизација на своите расположливи борбени технолошки средства, истовремено опремувајќи ја војската со опрема што потекнува од држави-сојузнички на НАТО и заменувајќи ги постојните воени технологии што потекнуваат од некогашниот СССР и од Русија.
Во меѓувреме, безбедносните експерти и универзитетските професори со кои се консултиравме велат дека борбената готовност на Македонија во моментов е повеќе од стабилна и таа во иднина ќе се кори во состав на плановите со НАТО-сојузниците. Тие додаваат дека набавката на воена опрема, но и модернизацијата на техниката на армијата и полицијата се во фокусот на државата и тоа се очекува да продолжи со големо темпо и во наредните години.
Борбената готовност на Македонија се крои низ стратегијата на НАТО
Докторот на воено-политички науки Благоја Марковски вели дека веќе година и неколку месеци, Македонија ја крои својата безбедносна готовност во состав на дејствувањата на НАТО.
Според Марковски, нивото на кое функционираат македонските безбедносни сили е многу подобро од периодот кога не бевме членка на сојузот.
Тој објаснува дека доказ дека АРМ е подготвена да дејствува на високо ниво може да се препознае во неодамнешната масовна серија воени вежби на сојузниците, која дел се одржа и на Криволак, на која покажавме дека можеме рамноправно да дејствуваме со партнерите.
– Дополнително, ако на сето тоа се додаде и економската моќ на земјата, која е мала, но и територијалното пространство, кое исто така е мало и опкружено со сојузници, ќе се стигне до неминовен заклучок дека одбраната на земјата е „бетонирана“ ако се имаат предвид сите реални факти – вели Марковски.
Марковски потсетува дека за нотирање се информациите дека нашата армија и држава во последно време големо значење им придаваат и на модернизацијата на постојните оружени системи и на набавката на нови борбени технички средства.
– Оваа модернизација, која годинава започна, ќе мора да продолжи и сите наредни години имајќи на ум дека НАТО никогаш не мирува туку секогаш ги надградува своите капацитети – објаснува докторот на воено-политички науки.
Сопствената рака најдобро чеша
Професорот на Воената академија, Оливер Андонов, пак, смета дека нашите безбедносни структури покажуваат солидна борбена готовност, но таа секогаш може да се подобри од постојаното ниво на кое се наоѓа.
Професорот истакнува дека од осамостојувањето, па досега, во зависност од тоа која политичка гарнитура е во сила, се набавуваат оружени системи, возила и технологија без некаков стандардизиран пристап.
Тоа, според Андонов, најмногу се рефлектира во военото и во цивилното воздухопловство, во кои приближно педесетината летала што стојат на располагање, тука вклучувајќи ги и оние за противпожарната заштита, но и оние за земјоделството, се од различно потекло.
Професорот истакнува дека ако сакаме да имаме ефективни „крила“ на нашето небо, ние мораме да ги стандардизираме набавките, бидејќи на тој начин потоа нивниот сервис, ремонт, но и продолжувањето на часовите за летање се многу полесни.
– Во воениот дел ние поседуваме летала од украинско, американско и од европско потекло, а ваквата разноликост се препознава дури и во делот на беспилотните летала. Дополнително, прошарувањето на различните опреми од различните земји е присутно и во сите родови на нашата војска, а сето тоа со помошта на механизмите на НАТО во наредните години би требало да се унифицира – вели Андонов.
Професорот советува дека ако сакаме да имаме ефикасна борбена готовност на Македонија, во периодот што следува, поради турбулентноста на околностите, ние треба константно да го надградуваме системот, без притоа да „спиеме“ на увото дека единствено членот пет од договорот на НАТО може да ни ја штити државата.
– Американците имаат поговорка, која вели дека сопствената рака најдобро чеша, и истата поговорка има и своја мудрост, која треба да ја практикуваме во Македонија односно и покрај членството во Алијансата пред сѐ да сме свртени самите кон себе кога говориме за борбената готовност на армијата и полицијата и како таа во иднина ќе се развива во состав на стратегиските определби со нашите национални интереси – резимира Андонов.