Изјавата на португалската министерка, Ана Паула Закаријаш, за македонскиот јазик била „прилично несреќна“, за него лично, како што кажа вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, додавајќи дека тој и шефот на дипломатијата Бујар Османи искажале негодување и протест во комуникацијата со Лисабон, во текот на вчерашниот ден.
– Јас лично вчера разговарав со Лисабон, исто како и МНР и министерот Османи. Тоа што беше потврдено и од португалската амбасадорка што нè покрива од Белград, е дека Португалија никогаш нема да направи нешто што ќе штети на изнаоѓањето решение. Португалија останува цврсто на својот предлог и нема намера да влегува во содржинска дебата околу културолошки, идентитетски прашања… – рече Димитров, нагласувајќи дека тие добиле и уверување од Португалија оти изјавата не го отсликува ставот на Лисабон.
Тој се осврна и на португалскиот предлог, за кој наведе дека се потпира на предлог-преговарачката рамка што ја предложи Европската комисија. Тоа значи, како што посочи Димитров, дека параграфот околу македонскиот јазик останува со чиста формулација – македонски јазик и предвидува унилатерална изјава на Бугарија во однос на нивната позиција.