На Кина и треба стабилност за успешно да ја спроведе својата економска иницијатива за новиот пат на свилата на пазарот на ЕУ

Западот без јасна визија за геополитичката превласт во светот

За Западот би било попаметно да ги остави Русија и Кина да сфатат колку се всушност некомпатибилни партнери. Порано или подоцна, двете земји на светот ќе му претстават нова верзија на кинеско-советскиот идеолошки судир што може да ја натера Русија да извлече поуки од кинеско-американското зближување од 1972 година, велат Реуф Бајровиќ и Ричард Кремер од „Нешенел интерест“

Во Вашингтон и во европските метрополи стануваат актуелни два поврзани наративи за Москва. Еден од нив е дека Русија е светска сила во опаѓање, не претставува опасност и веројатно нема да предизвика значителни проблеми. Другиот наратив е дека оваа ослабена Русија може и треба да биде убедена да се приклучи на трансатлантската заедница како дел од една поголема коалиција за ефикасно спротивставување на подемот на Кина. Но двата наративи имаат свои заблуди. Наместо да губи драгоцено време во обидот да ги убеди пасивните во Континентална Европа во спротивното, американскиот претседател Џо Бајден треба да остави наследство од решителна соработка против Владимир Путин и Си Џинпинг. За да го стори тоа, тој треба да ги повика сите демократски сојузници од Европа до Пацификот кои ќе бидат подготвени да одговорат на апетитите на Москва и на Пекинг за наметнување на своето влијание.

Русија не треба да се потценува

Но Русија не е светска сила која ја губи моќта. Со над 600 милијарди долари во девизни резерви и распон на федералниот буџет во приходи и расходи од 248 до 284 милијарди долари за периодот од 2021 до 2023 година, Русија има добри ресурси за да ја проектира моќта во своите области од интерес. Со оглед на тоа што е долга патеката која е потребна за премин кон зелената енергија, светската побарувачка за нафта и гас нема драстично да се намали во блиска иднина. Бидејќи светското население и економија продолжуваат и натаму да растат, Кремљ ќе има многу пари во своите куфери за да ја реализира својата агенда во странство во догледна иднина.

Исто така, не постојат докази дека Путин се грижи премногу за трошоците поврзани со воените авантури на Русија во Грузија, Украина, Сирија, Либија и во Централноафриканската Република. Санкциите наметнати од САД и од Европската Унија (ЕУ) по анексијата на Крим и на источна Украина од страна на Русија имаат некакво влијание, но во целина, Москва многу добро се справува со нив. Кому му е потребен Брисел кога можете да бидете пријатели со Виктор Орбан, Башар ал Асад и Александар Вучиќ? Кремљ има долга листа на соработници кои се подготвени да му излезат во пресрет.

Но носителите на одлуки во Вашингтон, Париз, Берлин и на други места ги игнорираат овие реалности, бидејќи тие го прифаќаат ставот за „опаѓањето на моќта на Русија“ за да ја оправдаат стратегијата за соработка со Путин, бидејќи Си претставува поголема опасност. Народна Република Кина е навистина поголема закана. Нејзиното игнорирање на светските норми во управувањето и трговијата, основните човекови права на нејзините граѓани и тајванскиот суверенитет сериозно го загрозуваат светскиот поредок, што на човештвото му донесе досега невидена безбедност и просперитет.

Колку се компатибилни
Русија и Кина?

Москва и Пекинг се во сојуз од интерес. Двете страни сакаат да ги видат САД доволно ослабени. Што и да е „лошо“ за Америка, без разлика дали станува збор за поделеното општество, латентните спорови со европските сојузници или ослабената волја да се вклучи на светско ниво како суперсила, всушност оди во прилог на Путин и на Си. Сепак, имањето заеднички непријател е недоволна основа за вистински сојуз. Агендите за надворешна политика на Русија и на Кина во крајна линија се некомпатибилни. Москва и натаму е загрижена за економските упади на Кина на нејзиниот далечен исток и сè уште се свежи сеќавањата за војната што изби меѓу двете комунистички сили во 1969 година. Во Европа, Русија упорно промовира нестабилност на Западен Балкан и на други места за да ги поткопа европската интеграција и трансатлантските институции. На Кина, од друга страна, ѝ треба стабилност за успешно да ја спроведе својата економска иницијатива за новиот пат на свилата на пазарот на ЕУ. А во најлошото сценарио на избивање на војна меѓу Кина и САД и нивните сојузници во Пацификот или во други региони, Вашингтон не треба да се грижи дека рускиот народ ќе ја жртвува својата младост заради Пекинг.

За Западот би било попаметно да ги остави Русија и Кина да сфатат колку се всушност некомпатибилни партнери. Порано или подоцна, двете земји на светот ќе му претстават нова верзија на кинеско-советскиот идеолошки судир што може да ја натера Русија да извлече поуки од кинеско-американското зближување од 1972 година.

Играта на САД

Во меѓувреме, администрацијата на Бајден треба мудро да одигра и да ги обедини сојузници во обидот да го спречат подемот на Кина и на рускиот авантуризам низ целиот свет. САД треба да соберат посебна група демократски држави што ги сочинуваат британските, пацифичките, средноевропските и балтичките сојузници. Ова партнерство, кое се темели на заеднички интереси и вредности, може побрзо и попрецизно да реагира на заканувачките интервенции, политичките измами и потенцијалните воени агресивни мерки што произлегуваат од Кина и од Русија.
Во моментов е недостижен широк демократски консензус за заканите што ги претставуваат Русија на Путин и Кина на Си. Преовладува чувството дека постои скоро свесно незнаење за тоа што го покажа историјата. Без разлика дали е царска, советска или современа, Русија никогаш не барала ништо друго освен хегемонистичка доминација во нејзиното блиско соседство. Додека кинеските амбиции за регионална хегемонија се илузорни во моментов, амбициите за кинеско-ориентираната сфера на влијание се сосема друга работа.

Времето е од суштинско значење. Руските и кинеските операции за ширење на дезинформации, наметнувањето на економската соработка како и дипломатските и воени притисоци ефикасно принудуваат некои актери да работат против националната безбедност и економските интереси на САД. Ослабувањето на нивното влијание станува значително потешко со текот на времето. Колку побрзо Западот преземе насочени, одговорни активности со сојузниците-истомисленици во Европа и во Пацификот, толку ќе биде посилен.


„Западот е во криза, а не Кина“

Кинескиот подем е една од најневеројатните приказни во историјата, вели во интервју за ДВ, британскиот автор Мартин Жак, кој пред десет години го предвиде порастот на Кина. Тој тврди дека Западот не разбира што се случува. Мартин Жак пред десет години на многумина им оставаше впечаток на ексцентрик гладен за внимание. Овој британски новинар и научник, со својот бестселер „Кога Кина ќе владее со светот“, уште во 2009 година го предвиде кинескиот подем, тврдејќи дека оваа земја до 2027 година ќе прерасне во најголема економија и ќе ги надмине САД. Книгата е продадена во 400.000 примероци, но многумина не беа убедени од аргументацијата на Жак. Тој пишува дека кинескиот систем на управување, во кој одлуките се носат на врвот и се спроведуваат без демократски процедури, всушност е супериорен во однос на западните либерални демократии. Жак, кој работи на Универзитетот Кембриџ, во време на издавањето на книгата одеше спротивно на струјата. Пишуваше дека Кина нема да се угледа на Западот, како што мислат многумина, туку ќе се обиде да го обликува светот според своите потреби.