Во издание на „ТИМ-прес“ од Загреб излезе романот „Азбука за непослушните“ од македонскиот писател Венко Андоновски, во превод на македонистот Борислав Павловски. Ова е трет роман на Андоновски во Хрватска, по „Вештица“ и „Папокот на светот“, кои го свртеа вниманието на читателите и критиката. Андоновски е и познат македонски кроатист, кој често пишува критички осврти и поговори за хрватските писатели. По тој повод, „Вечерњи лист“ објави големо интервју со Андоновски, не само за романот туку и за политичката ситуација на Балканот.
Во исто време, во Српското народно позориште во Бања Лука, Дејан Пројковски ја поставува претставата „Генетика на Глембаеви“, работена според текстот на Андоновски, а играна кај нас под наслов „Генетика на кучињата“. Премиерата е најавена за 4 јули.
– Овој текст настана поради тоа што јас сум опседнат со Крлежа, посебно со таа драма. Не ми е омилен писател, но таа драма ми е посебно драга, како јас да сум ја напишал. Причината да им се вратам на Глембаеви и да ги видам од еден македонски, современ агол, време на транзиција и тајкуни, причината е баш тој поим „глембаевштина“. Достоевски зад себе го остави поимот „карамазовштина“ и тоа е едно специфично зло што не може поинаку да се опише, освен со тој поим. „Глембаевштина“ е исто така машинерија на зло и ниски страсти. На некој начин тоа е и натурализам за човековата душа, а јас сакав да покажам дека денешните Глембаеви или денешните тајкуни го променија значењето на поимот „глембаевштина“. Порано да бидеш Глембај значеше да му одземеш некому нешто, да го оштетиш, да му ја одземеш невиноста, материјални работи… Денешните Глембаеви ја немаат таа аристократска жица. Тие се примитивци и паланчани. Ѝ припаѓаат на филозофијата на паланката и ним не им е целта да ви одземат нешто, туку да ве претворат во човек што на другите ќе им одзема, го претвораат човекот во себе. Тоа е мојата идеја и ако успеам да го доловам тоа со текстот, ќе бидам задоволен – вели Андоновски во едно интервју.