Наместо на исламскиот тероризам, безбедносните служби на САД ќе му дадат приоритет на „домашниот тероризам“
Стратегиските документи на Белата куќа поврзани со опасностите од тероризмот идентификуваат предизвик на американските власти дека најмногу стравуваат од „растот на екстремната десница и заканите од т.н. домашен тероризам“
Речиси првпат по повеќе од дваесет години, американската стратегија за борба против тероризмот е насочена кон домашен наместо кон исламскиот тероризам, кој е поврзан со настаните од јануари, кога приврзаниците на Доналд Трамп упаднаа во Конгресот. Во земјата има пораст на екстремно десничарски организации, а некои од нив учествуваа и во настаните крај Капитол и сѐ уште сеат страв по безбедноста на државата и граѓаните.
Ова, меѓу другото, го наведува Белата куќа во својот извештај за справување со тероризмот објавен неделава, во кој се посочува дека Америка веќе подолго време повеќе стравува од домашните нереди и екстремистички организации отколку од странските муслимански фундаменталисти во минатото.
Според споменатата стратегија, Министерството за правда и Федералното биро за истраги (ФБИ) во периодот што следува ќе добијат околу сто милиони долари и ќе ангажираат дополнителни истражители за да спречат идни напади и нереди од групите со екстремистичка идеологија во земјата. Според извештајот, исто така планирана е и поблиска соработка со технолошките компании во насока на спречување на ширењето радикални пораки на социјалните мрежи, чии платформи често служат за пропагирање омраза и расизам за кој, според пишувањата во тамошните медиуми, се проценува дека е основа за порастот на десниот екстремизам.
Во тој контекст владата на Бајден има намера и да инвестира повеќе во образованието и менталното здравје, како и да го реши прашањето со лабавите правила за купување оружје во земјата. Така, луѓето со екстремистички ставови би биле сопрени во иднина да можат легално и лесно да дојдат до оружје, што, пак, многупати се потврди дека придонесува за масовните убиства низ земјата.
Интересно е што во извештајот на Белата куќа, за разлика од претходната политика насочена кон тероризмот што доаѓаше однадвор, сега се посочува дека во годините што следуваат администрацијата на Бајден ќе се сврти кон проблемите внатре, односно тој ќе се обиде да ги средува прашањата со расната дискриминација, тема што, пак, според американските медиуми, на големо ја подели јавноста во земјата.
Во меѓувреме, иако претходната стратегија на поранешниот претседател Доналд Трамп ги споменуваше врховистите со европско потекло како ризик за националната безбедност, сегашните власти му замеруваат на поранешниот претседател што тој честопати ги изедначувал белите екстремисти што се собрани во организацијата „Горди момчиња“, со левичарските и афроамерикански движења. Ова првенствено се однесува на движењето „Важни се црните животи“, кое организираше протестите против полициската бруталност кон Афроамериканците и чии припадници ги нападнаа полициските сили и ги запалија полициските станици во изминатите месеци. Исто така организацијата „Антифа“ е оценета како опасност за Американците и е позната по тоа што често се судира со поборниците на идеологијата за „белата надмоќ“, која најчесто се споменува како крајна левица во документот.
Инаку, американските критичари и експерти посочуваат дека стратегијата на Белата куќа за борба против тероризмот е неурамнотежена бидејќи ја става во преден план десницата, додека таа го занемарува движењата како „Антифа“, чиј поддржувач минатата година уби еден од приврзаниците на поранешниот претседател Трамп.
Според конзервативните медиуми како „Фокс њуз“, стратегијата била насочена кон поддржувачите на поранешната администрација на Трамп, со цел да ги заплаши. Оваа телевизија проценува дека најголемото злосторство што го извршиле напаѓачите во Капитол во јануари е тоа што тие се фотографирале во Конгресот, а не дека пукале куршуми кон полицијата. Од таборот на критичарите на последниот извештај на Белата куќа, исто така, предупредуваат дека Фејсбук ќе стане уште помоќен затоа што, под слоганот на борбата против домашниот тероризам, ќе ја цензурира содржината објавена од критичарите на администрацијата на Бајден.
Сепак, како што забележува „Уса тудеј“, стратегијата на Бајден не подразбира дека ќе се донесе закон што ќе го криминализира домашниот тероризам и ќе ги изедначи локалните американски екстремисти со радикалните групи од странство. Според медиумот, претпазливо треба да се донесе добар закон за „домашен тероризам“ додека некои либерални организации за слобода на говор „се спротивставија на овој извештај на Белата куќа“. Експертите стравуваат дека државата со носење ваков тип закон може во иднина да ги забранува непожелните организации со едноставно прогласување дека тие се терористички.