ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (210)

Никола Илиевски-Џиџи – поради повредите недоискажан фудбалски талент Кога се појави на фудбалскиот терен во 1967 година, беше еден од најголемите таленти, заедно со Лазар, најмладиот од тројцата браќа Мојсови. Честите повреди беа причина за недоискажаните квалитети. За разлика од играчката, тренерската кариера, пак, му беше извонредна, а како селектор го водеше македонскиот тим на оној незаборавен меч со Англија, 2-2, во Саутемптон

Еден до најпознатите македонски фудбалски тренери, кој имаше и забележителна меѓународна кариера, секако е Никола Илиевски-Џиџи. Неговата желба како млад беше да создаде една убава фудбалска кариера, но не секогаш желбите се исполнуваат. Некогаш и судбината си поигрува, па така иако популарниот Џиџи, кој беше оценет од стручњаците како голем талент, наместо фудбалска, создаде една прекрасна тренерска кариера. Но битно за него е што остана во фудбалот, во кој како тренер го постигна максимумот и се вбројува меѓу најквалитетните македонски стручњаци. Можеби и како играч ќе постигнеше многу повеќе, доколку повредите не го спречеа да го искаже својот талент.
– Со голем ентузијазам и желба за афирмација запливав во фудбалските води. Почетокот ми беше импресивен. Како младинец селектиран од Ванчо Трпевски бев рангиран во групата на најталентирани играчи заедно со Лазар Мојсов, најмладиот брат од познатото фудбалско семејство. Првите тренинзи во Вардар ми беа со Трпевски, а потоа поминав „низ рацете“ на Божиновски, Шулинчевски и на Мирко Иливски. Во периодот од 1967 до 1974 година, кога бев член на Вардар, низ него поминаа три генерации. Прво тренирав со Груевски, Зубац, Андреевски, потоа дојде втората генерација со Оџаков, Јовановски, Мицевски, Тодоровски, Тргачевски, па третата предводена од Влатко Димитровски и Љ. Димовски. Сите тие, без оглед на возраста, се вклопуваа во еден тим на чие чело беше незаменливиот, би рекол иконата на Вардар, Мето Спасовски. Тренирав со сите нив и почувствував дека е тоа вистинска средина за мој напредок како фудбалер. Но повредите го сторија своето. На еден пријателски натпревар со Тетекс, кој го добивме со 5-1, тренерот Дончевски ми даде шанса да играм наместо Кочо Димитровски, кој поради болест не можеше да настапи. Дотогаш најчесто играв на позиција на лево крило, овој пат бев уфрлен во средниот ред како играч за врска. Сѐ добро одеше до моментот кога по еден лизгачки старт на противнички играч бев сериозно повреден и морав да ја напуштам играта.

Настрада коленото и таа повреда постојано ме следеше. Малерот да биде поголем и кога во 1972 година требаше да настапам против Хајдук на еден тренинг пред средбата се повредив и пропадна шансата да заиграм за првиот тим на еден прволигашки натпревар. Тогаш многу се разочарав и да не губам време заминав во војска. Кога се вратив требаше да одам на операција на коленото, но не се осмелив. Тренирав и натаму, но тоа беше вистинско мачење – вели од оваа временска дистанца Илиевски.

Потоа Илиевски играше за неколку клубови во кои имаше забележителни настапи, но интересно е да се вратиме на неговите денови како младинец, кога сите му предвидуваа убава играчка кариера.

ПРОТИВ БОРУСИЈА ПОБЕДА СО 7-1

Младинците на Вардар, за кои се грижеше еден навистина силен стручен штаб составен од поранешните играчи, имаше богата програма на натпревари и учества на турнири. Во клубот беа свесни дека тоа е единствен начин, талентираните момчиња да напредуваат и полека да стасуваат за влез во првиот тим.
– Во рамките од програмата беше и учество на еден турнир во Германија. Таму, можеби ги доживеав моите најубави играчки денови, кога меѓу другите екипи ги совладавме и младинците на Борусија дури со 7-1. Ѓоре Јовановски и јас постигнавме по три гола, а Мицевски беше стрелец на еден. Тоа беше незаборавен натпревар на кој и денес се сеќавам. Игравме феноменално, домаќините беа изненадени и просто не можеа да веруваат дека постигнавме дури седум гола. Ние, пак, бевме горди на она што го сторивме. Знаевме дека оваа победа ќе ги зарадува и вардаровите симпатизери, кои во секој момент очекуваа некој од нас да „долета“ во првиот тим.

Моите соиграчи од тој младински тим на Вардар навистина стигнаа до првата екипа и станаа стандардни, јас, пак, иако се најдов заедно со нив меѓу сениорите ја немав таа среќа, повторно ќе кажам, поради честите повреди да станам стандарден првотимец. Така, морав да барам друг пат по кој ќе чекорам и ќе ги задоволам моите фудбалски страсти. По сите незгоди што ги доживеав бев свесен дека приказната со Вардар за мене е завршена – се сеќава Џиџи.

Инаку, во младинските денови Илиевски, како 16-годишно момче, доби покана од Милјан Милјаниќ да замине во Црвена звезда.
– Ако отидев таму, можеби сѐ ќе беше поинаку и немаше да ме следи малерот со повредите. Но сѐ уште бев млад и не можев да претпоставам како ќе изгледа сето тоа, на тие години да заминам и да се оддалечам од семејството. Тоа беше едно друго време, во кое многу бевме приврзани кон средината во која растевме и живеевме – вели Илиевски-Џиџи.
Затоа, пак, Џиџи, кој не можеше без фудбалот, го најде своето задоволство настапувајќи како сениор за клубовите од нашето опкружување.

ПРЕКУ РАБОТНИЧКИ ПОЧЕТОК НА ФУДБАЛСКОТО ПАТЕШЕСТВИЕ

– Со оглед на тоа што решив кариерата да ја градам на нашите простори, прв избор ми беше Работнички. „Романтичарите“ ми беа најпривлечни зашто негуваа фудбал каков што и јас посакував. Тука немаше некои шеми, туку се оставаше најчесто фудбалерите сами да ги решаваат ситуациите. Еден таков Работнички, во кој ни беше дозволена слобода во играта, беше опасен за сите ривали. По извесен период во тимот од Дебар Маало, почна моето патешествие низ други клубови. Прво играв за Тетекс, потоа со Рајчевски заедно заминавме за Приштина, која се натпреваруваше во Втората лига.

Направив еден излет и во Раднички од Пирот, кој во тоа време беше еден од најстабилните второлигаши. За да не останам само на нашите простори ја прифатив понудата од Касторија, во која прв од нашите фудбалери заигра еден од моите први тренери Шулинчевски. Таму поминав еден убав период, но, сепак, она фудбалското сакав да го демонстрирам и пред нашите гледачи, па така моја следна дестинација беше Охрид. Таму одиграв навистина одлично и со моите соиграчи успеавме да го спасиме клубот од испаѓање од Првата лига. Радоста за опстанокот на охриѓани во елитното друштво беше голема, но и покрај нивните настојувања да останам во нивната средина, решив да ставам крај на мојата играчка кариера. Навистина повеќе не можев да издржам, бидејќи во текот на сите тие години повредите постојано како Дамоклов меч стоеја над мојата глава. Замислете почнувајќи од мојата 19-та година имав дури седум операции. Затоа бев некако преморен и реков доста е. Ставив крај на активното играње и се насочив кон тренерската работа – вели Џиџи.

ТРЕНЕРСКИ ПОЧЕТОК СО МИРКО ИЛИЕВСКИ

Првото тренерско искуство го стекнуваше заедно со вардаровата легенда Мирко Илиевски, кој беше тренер на Маџари.
– Ми беше чест да му бидам помошник на едно толку познато фудбалско име. Во Маџари имав одврзани раце и голем дел од тренинзите ги реализирав сам, зашто Илиевски уште имаше обврски кон Вардар, во кој практично и беше вработен. Мора да кажам оти и мене тешко ми одеа тренинзите и многу се чував, зашто претходно имав двојна скршеница на ногата и бев подложен на последната, седма операција. Беше навистина напорно, но не можев без фудбалот во кој ја поминав сета моја младост. Затоа, решив да ги стиснам забите и да работам како тренер – вели Џиџи.

Сега почнува оној вистински тренерски пат на Никола Илиевски-Џиџи. Маџари беше само почетната станица. Потоа дојде многу корисната соработка со Јово Никушев во Работнички. Откако Никушев си замина, по 1,5 година, Џиџи стана прв тренер на „железничарите“. Помошник му беше Баже Лазаревски, кој и денеска е во клубот и е одговорен за младите селекции на Работнички.
– На половина од сезоната бевме четврти. Работевме навистина напорно, но потоа тимот почна да се растура. Од него, меѓу другите, си заминаа и двајца клучни играчи В. Мицевски (Пелистер) и Каранфиловски (Македонија ЃП). Кога видов дека она што го создававме со Лазаревски се распаѓа, и јас си заминав. Отидов во Куманово, кое го спасив од испаѓање. Ова сѐ се случуваше во сезоната 1990/91, кога се наѕираше распадот на поранешната држава. Тоа беше еден турбулентен период, а кога поранешна Југославија дефинитивно се распадна, јас отидов во Металург со кој влеговме во новоформираната Прва македонска фудбалска лига – вели Џиџи.
За сето она што следуваше во тренерската кариера на Никола Илиевски-Џиџи, како и за селекторските денови со репрезентацијата на Македонија ќе читате идната недела.