Евроатлантските сојузи во своето членство имаат кочничари што го забавуваат развојот на демократијата
За жал, и НАТО, но и самата ЕУ меѓу своите членки имаат земји со голем дефицит на визија и перцепција за тоа што значи и како да се дојде до постигнување сеопшт просперитет и благосостојба, односно за начинот на кој светот треба да чекори нанапред. Таков беше случајот во 2008 г. со Грција и таков е актуелниот случај во ЕУ со Бугарија. Овие земји, заглавени во минатото, обременети со големодржавни хегемонистички стремежи, ги одбегнуваат европските темелни вредности, утврдените демократски принципи и меѓународното право, па поради тоа тие се еден вид кочничари што го забавуваат развојот на НАТО и на ЕУ
НАТО на последниот самит креираше идни футуристички безбедносни политики и кроеше планови за „освојување“ на вселената. Од друга страна, една од неговите членки, односно Бугарија, се чини како сѐ уште да е заглавена во минатото, водејќи анахрони, недемократски, болшевички, па дури и политики со елементи на националсоцијализам, кои впрочем и беа државни политики на официјална Софија, пред и за време на Втората светска војна. Политичките структури во Софија очигледно ја немаат визијата на Брисел и нашите источни соседи се преокупирани со прашања и настани од историјата, кои се однесуваат на времето на цар Самуил, Отоманската Империја итн. Притоа во својот однос кон Македонија, Бугарија од петни жили се труди да ги преиначи историјата и општо познатите и признаени факти и себеси да се претстави во сосема поинакво светло, односно дека навистина била поранешен сојузник и поборник на нацизмот и фашизмот. И додека НАТО генерално и неговите членки како САД, Британија, Германија и Македонија грабаат напред со погледи свртени кон иднината, земјите како Бугарија се заглавени во минатото во ретроградни процеси, со кои ги влечат назад и Европа и НАТО.
Во контекст на актуелните случувања, универзитетските професори и политички аналитичари со кои се консултиравме велат дека моменталните состојби се такви бидејќи одредени членки на НАТО, како Бугарија, не умеат да размислуваат прогресивно и да гледаат кон иднината по која се движат сојузниците, а властите во Софија замаглени од нивната визија со спорот со нашата земја покажуваат дека не се подготвени да ја разберат визијата за безбедноста во вселената.
Професорот на Воената академија, Оливер Андонов, вели дека актуелните процеси каде што фокусот е на некои минати времиња се должат на шизофренијата на некои држави-членки на НАТО.
– Имено, НАТО предводено од развиените демократски држави како САД, Британија и Германија, на самитот заедно со Македонија планираа безбедносно-политички процеси што допрва ќе следуваат, односно се изготвуваа стратегии за 22 век и за наредните педесет до сто години. Тоа е така бидејќи во дипломатијата и во „нормалната“ светска политика секогаш се гледа нанапред и проблемите и состојбите не се решаваат ад хок од година на година. Од друга страна, за жал, НАТО-сојузот, но и самата ЕУ се полни и со земји што, за жал, немаат перцепција дека светот треба да чекори нанапред. Таков беше случајот во 2008 г. со Грција и, за жал, таков е актуелниот случај во ЕУ со Бугарија. Овие земји се заглавени во минатото и поради тоа тие се вид „сидро“ што ги држат НАТО и ЕУ приземјени – вели професорот.
Тој смета дека веројатно во Брисел каде што е командата на НАТО и центарот на ЕУ сега постојат и каења, зашто е дозволено одредени земји како Бугарија да станат многу лесно членка на моќните сојузи.
– За жал, сојузите немаат механизми да ги исфрлат кочничарите од своите редови, бидејќи оние што ги осмислувале сојузите не можеле ни да веруваат дека некој во одредена точка во иднината ќе се обиде да решава антички и средновековни историски прашања на места каде што не им е местото да се решат. Овие проблеми се решаваат во историските кругови, а не во процесите за членства во меѓународни организации – вели професорот.
Андонов подвлекува дека иако историјата е круцијален и битен сегмент на секоја земја и на секоја меѓународна организација, воена, економска или политичка, таа сепак не е главниот двигател на процесите, туку составен елемент на разноликоста на модерниот свет.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека Македонија во моментов се соочува со парадокс во политичка смисла на зборот, бидејќи државата истовремено учествува во политики за безбедносно „освојување“ на вселената, а истовремено е дел од ирационален спор од средниот век.
– Проблемот во овие состојби лежи во тоа што самото НАТО е составено од два типа сојузници, едните предводени од САД, од кои Македонија очигледно е дел, се посветени кон иднината и едни што се ретроградни како на пример Бугарија, кои се заглавени во 19 век – вели Арсовски.
Тој од политиколошка гледна точка вели дека дејствувањето на Доналд Трамп во НАТО предизвика состојби во кои одредени членки престанале да чекорат со времето.
– Таков доказ е олицетворен во дејствувањето на бугарскиот шеф на државата Румен Радев, кој очигледно како Трамп е едноставно демоде во политичка смисла на зборот. Тој не практикува политики за движење на неговата држава кон иднината и кон модерни политики, туку очигледно подготвува политички процеси што се демоде, ретроградни, старомодни и заглавени во историјата – вели Арсовски.