„Макстил“ и Факултетот за ликовни уметности имаат воспоставено континуирана соработка, која постојано се продлабочува со разни активности, како дел од исклучително важната корпоративна вредност на компанијата и нејзиниот значаен општествен придонес
Старото железо не секогаш мора да заврши во отпад, загадувајќи ја животната средина, туку може да се искористи и за креативни цели, како материјал за изработка на уметнички дела. Оваа идеја доведе до соработка меѓу компанијата „Макстил“ и Факултетот за ликовни уметности, на задоволство на студентите од насоката вајарство, кои го искористија железото за изработка на своите дела, претставени на Годишната завршна изложба на студентите од ФЛУ.
Изложбата е отворена на две локации во рамките на факултетот, во ателјеата на Катедрата по сликарство, вајарство и ликовна педагогија на Педагошката академија и во „Сули-ан“ во Старата чаршија. Годишната изложба на ФЛУ е сумирање на резултатите и процесите на студентите, постигнати низ целата година на студиите.
Компанијата „Макстил“ кон крајот на минатата година донираше материјали и апарати за обработка и за изработка на скулптури и за изучување на скулпторските техники. Иван Бановски, генерален директор на „Макстил“, денеска ја посети изложбата на студентите, ги разгледа делата и зборуваше за материјалите од кои се направени.
– „Макстил“ како компанија, која доаѓа од челичната индустрија, со донацијата на материјалите, но и со реализацијата на оваа изложба, овозможи на старото железо да му се даде нов живот и тоа да добие уметничка вредност. Со ФЛУ имаме долгогодишна соработка, но импресиониран сум гледајќи ги овие скулптури изработени од вештите раце на студентите, нашите идни скулптори. Убеден сум дека со градење на нивните кариери, овие скулптури ќе имаат сѐ поголема вредност. Се надевам дека помогнавме во создавање автентичен уметнички израз кај секој од студентите, а со тоа и за нивна натамошна професионална промоција и афирмација. „Макстил“ останува посветена општествено-одговорна компанија, која го поддржува образовното и интелектуалното надградување на младите – рече Бановски.
Деканот на ФЛУ, Беди Ибрахим, професорот Жарко Башески, раководител на Одделот по вајарство, и студентите му се заблагодарија на директорот на „Макстил“ и посочија дека и во иднина ќе продолжат да работат во овој дух, со цел со своите дела да придонесат во развојот на современата македонска уметност.
– Кон крајот на минатата година добивме донација од „Макстил“ во материјали, алати и машини за изработка на уметнички скулптури. Студентите веднаш добија идеи како да ги преточат овие материјали во скулптури. И навистина направија квалитетни уметнички дела. Оваа изложба е доказ за тоа. Особено во едно вакво тешко време на пандемија, ваквите активности многу значат за студентите и за факултетот. Донацијата треба да биде пример и за другите приватни компании, како што можат да помогнат во образовниот систем, во реализација на студиските програми, особено во уметноста – рече деканот на ФЛУ, Беди Ибрахим.
„Макстил“ и Факултетот за ликовни уметности имаат воспоставено континуирана соработка, која постојано се продлабочува со разни активности, како дел од исклучително важната корпоративна вредност на компанијата и нејзиниот значаен општествен придонес.
Влезот на изложбата е бесплатен, велат организаторите, а истовремено додаваат дека при посета на ателјеата, потребно е да се почитуваат безбедносните мерки за заштита од коронавирусот. Р.З.