Или промена на Уставот и признавање на Mакедонците или надвор од Советот на Европа за Бугарија!
За време на својот последен состанок посветен на човековите права од 7 до 9 јуни оваа година, вршејќи ја својата супервизорска функција над извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), која ја сочинуваат групата пресуди насловени „Обединетата македонска организација Илинден (ОМО Илинден) и други против Бугарија“, Комитетот на министри на Советот на Европа донесе одлука со која тој од бугарските власти побара до 1 декември 2021 година да обезбедат информација во поглед на прашањата, односно извршувањето на нивната домашна задача јасно наведена во неговата привремена резолуција CM/РесДХ (2020) 197 од 1 октомври 2020 година, одлучувајќи притоа (аналогно) да го продолжи своето испитување на оваа група пресуди за време на својот состанок во месец март 2022 година. Со оваа своја одлука Комитетот на министри, повторно јасно и децидно ја потсети Република Бугарија на нејзината обврска да го почитува темелниот принцип на „Pacta sunt servanda“ во контекст на нејзините клучни обврски што произлегуваат од Европската конвенција за човекови права, вклучувајќи ја тука обврската за извршување на пресудите на Европскиот суд донесени против неа во случаите опфатени со наведената група случаи на македонски здруженија од Република Бугарија.
Како потсетување, со својата претходно наведена привремена резолуција Комитетот на министри побара од бугарските власти (меѓу другото) да усвојат легислативни или други соодветни мерки со цел да се обезбеди поширока и поефикасна обврска за бугарската агенција за регистрација да им дава инструкции на македонските здруженија заради санирање, односно коригирање на нивните досиеја на регистрација, секогаш кога тоа е објективно можно, заради помирување на праксата на оваа агенција на стриктна примена на формалните услови со ефикасното вршење на правото на Македонците од Р Бугарија на слобода на здружување, поканувајќи ги со тоа бугарските власти да ја финализираат својата работа околу дополнувањето на насоките за регистрационите службеници со покривање на прашањата испитани во оваа група случаи, како и својата работа околу изготвувањето на лесни (user-friendly) инструкции за македонските здруженија, како и да обезбедат дека, регистрационата агенција исцрпно ги идентификува недостатоците на секое регистрационо досие, во согласност со домашното право, дозволувајќи им на македонските здруженија во краток рок да достават барање за своја регистрација, кое би ги исполнувало сите законски услови.
Иако со својата завчерашна одлука Комитетот на министри на некој начин го призна значењето на во меѓувреме изменетиот бугарски владин Акционен план за извршување на групата пресуди „Обединетата македонска организација Илинден (ОМО Илинден) и други против Бугарија“,измена што се однесува на фактот дека бугарските власти ѝ испратиле на бугарската регистрациона агенција (на ден 10 мај 2021 година) Водич со инструкции за дополнување на методолошките насоки за регистрационите службеници, кои се однесуваат на прашањата испитани со оваа група стразбуршки пресуди, како и лесни инструкции за „здруженијата“ во поглед на условите на постапката за регистрација, охрабрувајќи ги бугарските власти во краток рок да ги финализираат овие документи со адресирање на неодамнешните тешкотии наведени во својата погоре наведена привремена резолуција, одлагањето на своето испитување на оваа група на случаи за месец март 2022 година Комитетот на министри во никој случај не го поврза само со финализацијата на овие документи на бугарската влада, бидејќи тоа видно претставува само дел од домашната задача на Бугарија во овој поглед, кој дури и да биде финализиран, однапред е осуден на неуспех видено од перспектива на главната цел на извршувањето на секоја стразбуршка пресуда, вклучувајќи ги тука пресудите што ја сочинуваат групата пресуди „Обединетата македонска организација Илинден (ОМО Илинден) и други против Бугарија“.
Како потсетување: во согласност со правилото 9 од Правилникот на Комитетот на министри за супервизија на извршувањето на пресудите и пријателските решенија на Европскиот суд за човекови права, со општите мерки содржани во своите акциони планови, државите – одговорни за извршување на секоја конкретна стразбуршка пресуда треба да спречат нова повреда слична на онаа што веќе била констатирана од страна на Европскиот суд или да стават крај на континуираните повреди на Европската конвенција.
Основаноста на овој мој став е сосема јасно децидно потврдена од страна на самиот Комитет на министри, кој, во вториот став на оваа своја одлука, не случајно ја изрази својата загриженост за неимплементирањето на своите препораки содржани во претходно наведена привремена резолуција од страна на Република Бугарија. Сето ова видено во светлината на одбивањето на најнеодамнешните барања за регистрација поднесени од страна на македонските здруженија, која пракса (според Комитетот) „ПОВТОРНО обелоденува проблеми што се однесуваат на очигледно неконзистентна примена на формалните законски услови или повикување на причини што се однесуваат на целите на здруженијата баратели, пристап што (од своја страна) е постојано критикуван од страна на Европскиот суд“. Со поедноставни зборови, со оваа своја одлука Комитетот на министри фактички ја задолжи Владата на Бугарија на нејзината обврска за ИНТЕГРАЛНО имплементирање на сите препораки содржани во привремената резолуција на Комитетот на министри, вклучувајќи ја тука нејзината обврска „да испрати јасна порака и да ги продолжи своите напори за зголемување на свеста дека на здруженијата што сакаат да го остварат признавањето на македонското малцинство во Бугарија не треба да им биде одбиена регистрацијата врз основа на причини поврзани со целите на тие здруженија и средствата на следењето на тие цели, причини што се спротивни на пресудите на Европскиот суд во овие случаи, како и дека, таквите здруженија не треба да бидат предмет на постапки на распуштање врз основа на слични причини. Ова, односно ваква порака во моментов не е ниту индицирана во најновиот изменет бугарски владин Акционен план за извршување на групата пресуди „Обединетата македонска организација Илинден (ОМО Илинден) и други против Бугарија“.
Политиката и праксата на одбивање од страна на Република Бугарија не можат да се сменат само со претходно наведениот водич, бидејќи вистинските причини за одбивањата е фактички негирањето на постоењето на македонско малцинство во Република Бугарија, што е официјална политика на Софија во текот на изминатите 60 години, политика што е прогресивно експлицитно осудувана од страна на неколку надлежни инстанци на Советот на Европа. Ова најпрво се однесува на актуелниот комесар на Советот на Европа за човекови права, г-ѓата Дуња Мијатовиќ, која во својот најнеодамнешен извештај за Република Бугарија (од 10 март 2020 година) алармантно ја забележа неконтролираната нетолерантност манифестирана спрема малцинските групи во Бугарија, афектирајќи ги особено лицата што себеси се идентификуваат како етнички Македонци, препорачувајќи им притоа на бугарските власти да ги регистрираат македонските организации, да се воздржат од одбивање на регистрацијата на македонските организации врз основа на негирањето на постоењето на македонско малцинство, како и да започнат дијалог со Македонците.
Ова е комплетирано со четвртото мислење на Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства (од 26 мај 2020 година, каде што овој комитет им препорача на бугарските власти да започнат дијалог со Македонците заради целта од примена на оваа конвенција спрема нив, да не ја злоупотребат дефиницијата заснована на објективни критериуми за постоење или непостоење на наведеното малцинство со цел да го ограничат правото на самоопределување. Истовремено ги советуваат бугарските власти во поглед на спроведувањето на идните пописи да ја вклучат графата за идентификување на помалкубројните малцинства, како што е македонското.
Република Бугарија не ставила ништо ново на супервизорската маса. За да има нешто „ново за испитување“, во конкретниот случај може да биде само евентуално нов или изменет акциски план за извршување на овaа група пресуди, што Република Бугарија (како одговорна држава – договорна страна на ЕКЧП во конкретниот случај) би можела евентуално во меѓувреме да му го достави на Комитетот на министри. Но и ваквото „ново“ нема во никој случај да биде ново доколку содржината на „општите мерки“ (кои треба да бидат дизајнирани за спречување на идни исти или слични повреди на Конвенцијата, или за окончување на континуираните повреди на Конвенцијата) содржана во таквиот нов или изменет акциски план, повторно не е во согласност со веќе доволно јасните напатствија на Комитетот на министри содржани во неговата привремена резолуција од 1 октомври 2020 година.
Имено, како потсетување, во својата претходно наведена привремена резолуција од 2020 година, Комитетот на министри јасно нагласи дека освен определени дополнителни законодавни и административни мерки, извршувањето на случаите опфатени со претходно наведената група пресуди (од своја страна) бара испраќање на јасна порака од страна на бугарските власти и континуирани напори заради зголемување на свеста дека, на „ОМО Илинден“ и на другите слични здруженија не треба да им бидe оспорено регистрирањето, или, пак, тие да бидат распуштени врз основа на причини што се однесуваат на нивните цели, а причини што се веќе отфрлени од страна на Европскиот суд. Ова свое потсетување Комитетот на министри не случајно го придружи со свое барање адресирано до бугарски власти да испратат порака и да ги продолжат своите напори за зголемување на свеста дека на здруженијата што сакаат да го остварат „признавањето на македонското малцинство во Бугарија“ не треба да им биде одбиена регистрацијата врз основа на причини поврзани со целите на тие здруженија и средствата на следењето на тие цели, причини што се спротивни на пресудите на Европскиот суд во овие случаи, како и дека таквите здруженија не треба да бидат предмет на постапки на распуштање врз основа на слични причини.
Видно од претходното е фактот дека овој пат тоа не е Коминтерната ниту пак другарот Тито, кои упатуваат вакви пораки до Република Бугарија, туку тоа е Комитетот на министри – највисокото одлучувачко тело на Советот на Европа, каде што Бугарија (за разлика од нејзиното моментално право на вето во рамките на ЕУ, кое таа упорно и гордо го вежба спрема нашата држава на штета дури и на самата ЕУ) нема право да стави какво било вето на натамошното процесирање на процесот на мониторинг над извршувањето на оваа група пресуди на Европскиот суд. Претходно наведената содржина на пораките и барањата на Комитетот на министри до Р Бугарија не е израз и/или последица на неговата љубов и/или лични симпатии спрема македонското малцинство во Р Бугарија или некаква инвестиција дизајнирана за навредување и/или уништување на бугарската држава, туку тоа е резултат на неговата клучна обврска во рамките на севкупниот систем на ЕКЧП (утврдена во член 46 од Конвенцијата), а обврска што се состои во вршење мониторинг над извршувањето на секоја пресуда на Европскиот суд од која било држава – договорна страна што се појавува како одговорна држава за извршувањето на конкретна пресуда, нешто што е фактички главен предуслов и претпоставка за функционирањето на системот на судска заштита на основните човекови права и слободи загарантирани со самата европската конвенција. Токму во овој контекст станува јасно зошто во својата погоренаведена привремена резолуција, Комитетот на министри ја потсети Република Бугарија на нејзината обврска од став 1 на членот 46 од ЕКЧП.
Оттука, сосема е јасно дека, доколку Р Бугарија нема да стави нешто ново на мониторинг-масата на Комитетот на министри во смисла на претходно наведеното, тогаш едно е сигурно: Враќање назад нема! Комитетот на министри мора да постапува во согласност со својот мандат, во согласност со Конвенцијата и во согласност со својот Правилник за супервизија на извршувањето на пресудите на Европскиот суд, преземајќи ги во тој поглед сите последователно сосема логички мерки. Така, од перспектива на последново, со огромна сигурност може да се претпостави дека за време на својата претстојна јунска сесија Комитетот на министри нема да донесе своја нова привремена резолуција во случајот на овде наведената група пресуди против Р Бугарија, со која тој повторно би го изразил фактички своето исто незадоволство и/или загриженост од досегашното неизвршување на овде наведената група пресуди од страна на Р Бугарија. Туку истиот тој ќе донесе своја привремена резолуција, во која тој децидно ќе констатира дека Р Бугарија одбива да ги изврши пресудите на Европскиот суд опфатени во овде наведената група случаи, консеквентно на што (по своето претходно формално известување на Р Бугарија во тој поглед) тој ќе се обрати до Европскиот суд иницирајќи ја фактички постапката за утврдување на евентуалното прекршување на обврската на Бугарија за задолжително извршување на овде наведената група пресуди (infringement proceedings)1. Ова е истовремено дополнително реафирмирано и операционализирано во Правилникот на Комитетот за супервизија над извршувањето на пресудите и одлуките на Европскиот суд. Консеквентно, доколку Судот утврди повреда на ставот 1 на членот 46 од Конвенцијата во конкретниот случај, тогаш тој случајот ќе го упати до Комитетот на министри за разгледување на мерките што треба да се преземат. Во рамките на претходното истовремено сосема е јасна и недвосмислена применливоста и на одредбата на членот 8 од Статутот на Организацијата на Советот на Европа во однос на Р Бугарија, одредба според која, Комитетот на министри има ПРАВО ДА ГО СУСПЕНДИРА ЧЛЕНСТВОТО НА КОЈА БИЛО ДРЖАВА-ЧЛЕНКА ПОРАДИ ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 3 НА СТАТУТОТ, А ВО СОГЛАСНОСТ СО ЧЛЕНОТ СЕКОЈА ДРЖАВА-ЧЛЕНКА НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА, ВКЛУЧУВАЈЌИ ЈА ТУКА БУГАРИЈА, МОРА ДА ГИ ПРИФАТИ ПРИНЦИПИТЕ НА ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО И УЖИВАЊЕТО НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА И ОСНОВНИ СЛОБОДИ ОД СТРАНА НА СЕКОЈ ПОЕДИНЕЦ ПОД НЕЈЗИНА ЈУРИСДИКЦИЈА, КАКО И ИСКРЕНО И ЕФИКАСНО ДА СОРАБОТУВА ВО РЕАЛИЗИРАЊЕТО НА ЦЕЛТА НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА УТВРДЕНА СО НЕЈЗИНИОТ СТАТУТ.
(авторот е адвокат и застапник на македонските здруженија од Бугарија пред ЕСЧП)