Дали ви се случило на телевизија да е пуштена реприза од вашата омилена серија, а вие да ја гледате со големо внимание иако ја знаете секоја реченица напамет? Или по напорен ден да си пуштите филм што сте го гледале 100 пати?
Причината можеби ви изгледа едноставна, дека тој филм многу ви се допаѓа, па затоа не ви досадува, но во заднината се кријат уште неколку објаснувања.
Како што некои посегнуваат по брза храна кога им е тешко, други во моменти на тага и меланхолија се свртуваат кон познати херои, сцени и предвидлив крај, што има смирувачки ефект во овој свет полн со непредвидливости.
Дел од одговорот лежи и во навиките. Луѓето многу од работите ги прават автоматски, па, така, ако видиме епизода од омилената серија на телевизија, ние автоматски седнуваме да ја гледаме бидејќи многупати претходно сме го правеле истото тоа.
По теоријата статус кво, луѓето се држат до порано донесените одлуки, бидејќи носењето нови ментално ги исцрпува.
Така, според наведениот пример, ако знаеме дека таа серија е смешна, тогаш сме сигурни дека со неа ќе се забавуваме и опуштиме, што не е исто и доколку ризикуваме со некоја нова, во која нѐ очекува доза неизвесност.
Исто така една од причините е дека гледајќи одредени серии, се сеќаваме на своето детство, младост, моменти што сме ги поминувале со лицата со кои сме ги гледале. Тие нѐ асоцираат на некои други безгрижни времиња и на драги луѓе, па поради тоа ги гледаме и неколку години, па дури понекогаш и по неколку децении од премиерата.