„Норт Kејп 4.000“ е маратонска велосипедска трка што поминува низ 11 држави, а Талевски ја извози за 12 дена 17 часа и 30 минути
Македонскиот спортист Игор Талевски неодамна успешно го извози ултрадолгиот велосипедски предизвик „Норт Kејп 4.000“ и успеа за 12 дена 17 часа и 30 минути да стигне на целта и да го освои 10-то место. За комплетирање на маршрутата му беа потребни просечно 350 километри возење на ден.
„Норт Kејп 4.000“ е маратонска велосипедска трка што годинава почна во италијанскиот град Арко, а се возеше до Северниот ’Рт во Норвешка.
За годинашното издание, организаторот на трката предвиде сите учесници да следат иста патека од почетокот до крајот, за што имаше обезбедено ГПС-линија и нејзината должина изнесуваше околу 4.300 километри. Патеката беше претежно по асфалтирани патишта, со релативно кратко возење по пат што не е асфалтиран (околу седумдесетина километри) и поради тоа доминантно беше користењето на друмски (тркачки) велосипеди. Тие 4.300 километри до целта поминуваа низ 11 земји, и тоа: Италија, Австрија, Швајцарија, Германија, Чешка, Полска, Латвија, Литванија, Естонија, Финска и Норвешка, а на стартот оваа година имаше околу 130 учесници, ни сподели Игор Талевски.
Што ве поттикна да се пријавите на оваа маратонска велосипедска трка?
– Ова е мое второ вакво искуство, по учеството во трката низ Хрватска пред два месеца, каде што возев 1.400 километри и генерално ме привлекуваат два аспекта: спортскиот со изразен физички и психички предизвик, но и „туристичкиот“. Тоа е можноста и покрај тоа што се вози секојдневно, на што се посветуваат голем дел од концентрацијата и од енергијата, да се ужива и во можноста да се посетат места што досега не сум ги видел и барем накратко да се запознаам со животот на луѓето таму. Mи се допаѓа и тоа што во овие две трки треба да си целосно самостоен и не смееш да имаш никаква поддршка од страна. Треба да си сам со себе и така да го поминеш целиот тој испит на издржливост. Токму тоа за мене секогаш било предизвик, бидејќи сакам да се оспособам секоја ситуација да ја решам сам и да го покажам тоа преку различни активности, па еве и преку велосипедизмот.
Која е фасцинантната страна на „Норт Kејп 4.000“?
– Комплексноста на предизвикот. Во ваква трка, каде што треба да си сам со себе, треба сѐ да функционира беспрекорно: физичката и психичката подготвеност, функционалноста на велосипедот…. И најмалото делче од мозаикот ако не е како што треба, тоа би значело крај на возењето. Поради тоа треба да постои целосна свесност и концентрација сѐ до целта. Човек треба постојано да се проверува себеси и својот велосипед, и во тие денови не постои ништо друго. Тоа е како еден вид тунел. Секако, сето тоа се случува во прекрасни предели, каде што секогаш имавме одлична комуникација и добивавме поддршка од луѓето што попатно ги сретнувавме. Се вози покрај еднакво посветени и мотивирани возачи и на крајот се добива една необјасниво богата целина, исполнета со многу моменти, сите, еднакво важни, кои оставаат многу силен и мотивирачки впечаток кај секој возач. Наедно, инспирираат веднаш да се размислува за следниот предизвик.
Успеавте да се пласирате меѓу првите десетмина. Која е формулата за издржливост?
– На почетокот споменав дека се користи друмски велосипед. Јас тренингот на ваков велосипед го почнав само 4 месеци пред трката во Хрватска, односно 6 месеци пред ова возење до Северниот ’Рт – што е релативно краток период за специфичен тренинг. Но издржливоста ја градев низ годините поминати со планинарење и со алпинизам, каде што повеќепати поминав тури и искачувања што траеле по цел ден или биле повеќедневни искуства во сериозно експонирани планински средини, каде што беше неопходна голема доза самостојност. Тоа што требаше да го направам е ова искуство на повеќечасовно и повеќедневно „малтретирање“, во вид на некаква меморија во мојот ум и тело, да го искористам за седење повеќе часови и денови на велосипед, на што во тој период од 4-6 месеци малку поинтензивно се навикнував. Ова за мене лично, но верувам и за повеќето од учесниците, е пред сѐ „трка со нас самите – трка за наше сопствено надминување“. Резултатот на крајот е тој што ќе го постигнете. Искрено не се надевав дека ќе завршам меѓу првите 10, поради многу краткиот период поминат на ваков велосипед претходно. Се концентрирав само на себе, со желба да се надминам себеси и некои мои проекции, да сум здрав и прав секој ден и способен со исто темпо да продолжам и следниот ден и воопшто не се грижев за тоа на кое место ќе бидам „на табелата“.
Какви искуства собравте од оваа авантура? Што е она што особено ве восхити?
– Пред сѐ тоа дека можам да ја поминам оваа километража. Претходно, за време на моите подготовки во Македонија, имав повеќе возења од 200 до 420 километри во еден ден, потоа поврзував два дена со по 350 километри дневно, па за време на трката во Хрватска поврзав околу 4 дена по 350 километри – и еве на крајот по ова возење, си докажав дека можам таа километража како просек да ја одржувам скоро 13 дена. Најважна лекција што ја научив е да бидам трпелив, да не бидам повлечен од енергијата на трката надвор од мојата подготвеност и постојано да го слушам моето тело: да внимавам на повреди и префорсираност, да внимавам на исхрана…
Какво е чувството на две тркала да се поминат речиси 13 дена, возејќи по 350 километри на ден… Кои мисли ви се вртеа во главата?
– Вообичаено кога се поставува ова прашање, очекуваниот одговор е да кажам како ми било тешко, напорно, мачно… Барем на момент. Но, не беше. Не велам дека е едноставно да се вртат педалите секој ден за да се поминат тие, во просек, 350 километри и така ете скоро 13 дена. Но ова го правев со голема љубов и мотивираност и во ниту еден момент немав некаква посебна тежина. Напротив и во „потешките“ моменти (кога временските услови не беа најповолни, кога патот не беше баш најоптимален, кога имаше некаков технички проблем со велосипедот и слично), често забележував насмевка на лицето, бидејќи возењето навистина ме носеше низ прекрасни предели и беше вистинско уживање да се биде таму. Бев навистина среќен и исполнет што ете ден по ден, успешно го реализирам тој проект за кој почнав да сонувам уште во текот на минатата година – и немав место за други мисли во главата. Само позитивна енергија!
Кои се вашите следни предизвици?
– Има неколку други вакви трки на кои би сакал да учествувам, но во моментов без посебна прва конкретна цел и термин за реализација. Има неколку опции „во воздухот“ и ако се реализира барем едно вакво возење следната година, би бил пресреќен. Во секој случај за сите нив заедничко е тоа што искуството би било самостојно, повеќедневно/повеќенеделно возење на велосипед преку големо растојание. А сите заинтересирани можат да ме следат на социјалната мрежа Фејсубк и на инстаграм-профилот Cycling In Celeste, за навремени најави за моите идни возења и планови.