Ако финансиската поддршка е транспарентна и насочена кон раст и инвестиции, тогаш не треба да се стравува за јавниот долг и за враќањето на кредитите, затоа што зголемениот раст ќе обезбеди поголеми приливи во буџетот и повисок БДП, што ќе придонесе јавниот долг во однос на БДП да се намали
Трилема на релацијаТА буџетски дефицит – јавен долг и раст на БДП
Владите на големите економии продолжија да носат пакети економски мерки и во 2021 година и сѐ уште издвојуваат високи суми за фискален стимул на националните стопанства. И препораките на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) се во насока да се продолжи со поддршка на стопанствата и на граѓаните, сѐ додека трае заздравувањето од кризата предизвикана од пандемијата. Но дали нашата земја ќе може да го издржи тој финансиски товар за нови антикризни мерки сѐ додека економијата не застане на нозе без да западне во уште поголем јавен долг? Дали е доволна само финансиска поддршка или, пак, се потребни и нови форми на развојни мерки за заздравување на компаниите? Тоа се прашањата на кои економските експерти одговараат дека е неминовно значително продлабочување на буџетскиот дефицит и зголемување на јавниот долг, поради што е потребно многу да се внимава за дополнително да не се наруши ликвидноста на економијата, која и така е многу кревка.
Ако нема раст и развој, приходите ќе мора да се генерираат од даноците
– Мислам дека полека завршуваат механизмите на поддржување на стопанството, на крајот ќе снемува и пари и секое друго додавање пари во стопанството ќе биде поврзано со задолжување. Ние веќе издадовме еврообврзница, имаме обврски да враќаме, се задолжуваме и кај домашните банки, така што мислам дека фискалниот простор се затвора – вели Павле Гацов, даночен експерт.
Според него, кога ќе дојде момент да се враќаат парите, ако немаме раст и развој што ќе го поттикне автоматското генерирање повеќе приходи, ние ќе мораме да ги притиснеме обврзниците да даваат повеќе даноци во буџетот за да успееме да го враќаме тоа што сме се задолжиле.
Колку државата може да интервенира?
Како што вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, со завршувањето на здравствената криза, Владата ќе мора да размислува како да се подигне стопанството по кризата и како да се зголеми економскиот раст.
– Многупати досега експерти укажале дека на Македонија ѝ е потребно стапка на економски раст од најмалку 6 отсто, и тоа во еден период од пет до десет години, за да можеме полека да се доближуваме до просекот на Европа. Од историјата е познато дека сите земји, па и оние со најлиберална економија, практикувале државен интервенционизам за поттикнување на економскиот раст – додава Димитров.
Тој споменува дека овој интервенционизам најчесто се користел во форма на јавни работи во областа на инфраструктурата, кои биле финансирани од страна на државата, но дека имало случаи кога некои влади применувале и директни интервенции во економијата.
– Владата на Јужна Кореја во 1973 година изградила државна челичарница, која до 1990 година станала една од најголемите челичарници во светот. Но таа била основа за развој на металопреработувачката индустрија во Кореја. Развојот на индустријата и растот на извозот ќе треба да ни бидат главните задачи во иднина и затоа поттикнувањето од страна на Владата ќе биде потребно да биде насочено спрема поттикнувањето на инвестициите во современа технологија, која ќе ги зголеми продуктивноста и конкурентноста на нашите компании на светските пазари – објаснува Димитров.
Според него, висината на финансиската поддршка ќе зависи од можностите, но во секој случај без државна поддршка нашата конкурентност ќе паѓа, што во иднина уште повеќе би ги намалило шансите за побрз развој.
– Ако поддршката е транспарентна и насочена кон раст и инвестиции, тогаш не треба да се плашиме за јавниот долг и враќањето на кредитите, затоа што зголемениот раст ќе обезбеди поголеми приливи во буџетот и повисок БДП, што ќе придонесе јавниот долг во однос на БДП да се намали – појаснува Димитров.
Новите мерки за поддршка да се носат истовремено со развојните
Министерот за финансии Фатмир Бесими потенцираше дека е неопходно да се продолжи со поддршката на фирмите, но и на граѓаните од социјален аспект за да може да продолжи заздравувањето на економијата.
– Настојувањата, секако, ќе бидат во насока новите мерки што ќе се носат да имаат истовремено и развоен карактер, односно покрај поддршката што ќе ја даваат да поттикнуваат и нови инвестиции, проширување на капацитетите и нови вработувања. Откако установивме дека финансиската поддршка мора да продолжи, прашањето е како истата таа ќе се финансира. Имено, од почетокот на кризата, поради падот на наплатата на приходите и истовремено високиот раст на расходите за потребите за финансирање на здравството и антикризните мерки, буџетските дефицити кај скоро сите земји растеа, што, пак, придонесе кон зголемување на државниот долг. Ако ги земеме предвид земјите од регионот, може да забележиме дека оние што имаат дадено највисок фискален стимул имаат и најголем раст на долгот – вели Бесими.
Новите мерки ќе создадат потреба за нови финансиски средства, вели тој, а новите финансиски средства преку различни механизми, треба да се донесат до инвеститорите и на тој начин ќе се постигне повеќекратен позитивен ефект за економијата.
– Прво ќе се компензираат падот на паричните дознаки од странство и намалените странски инвестиции (до моментот на нивно задоволително закрепнување). Второ, ќе се избегне ефектот на „истиснување“ на реалниот сектор, односно достапноста на капитал за стопанството од домашни извори на финансирање. По еврообврзниците во 2020 г. и во 2021 г. дојде до релаксација на монетарната политика, односно забрзување на растот на паричната маса од 8 отсто пред почетокот на кризата на 10,1 отсто, како и намалување на каматните стапки на пазарот на пари на историско најниско ниво на 1,25 отсто во март 2021 година. Може да се заклучи дека финансирањето на буџетските дефицити преку странски извори, од една страна ќе го стимулира економскиот раст, а од друга создава услови за релаксација на монетарната политика – нагласува Бесими.