Откако градежниот сектор во првиот квартал годинава се соочи со сериозен пад од 37 отсто, главно поради застој на градежните работи во нискоградбата во земјава, статистиката сега бележи и пад на вкупната вредност на договорените градежни работи во странство, дури за 54,6 отсто
Градежништвото константно забележува негативни резултати, поради што паѓа и учеството на овој сектор во бруто-домашниот производ (БДП), а причина за тоа е намалената активност на градежните компании, како резултат на запирањето или забавувањето на крупните инфраструктурни проекти, забавената инвестициска активност на приватниот сектор, како и пад на договорените градежни работи во странство. Од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ велат дека забавувањето на реализацијата на клучни капитални инвестиции на државата, првенствено на автопатиштата, е главната причина за големата подреализација во првата половина од 2018 година.
– Ова забавување има клучна рефлексија врз вкупниот економски раст во Македонија, со оглед дека капиталните инвестиции на државата се важна детерминанта на заживувањето на економската активност – сметаат од „Фајненс тинк“.
Според Државниот завод за статистика, вкупната вредност на договорените градежни работи во странство изнесува 917.499 илјади денари, што е за 54,6 отсто помалку во споредба со истиот период од претходната година. Градежниците бараат Владата да ги поддржи компаниите за да настапат на странските пазари. Во наведениот период, градежната оператива од Република Македонија во странство извршила градежни работи во вкупна вредност од 698.072 илјади денари, што е за 4,9 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Причина за намалените договорени градежни работи е тоа што проекти на македонските компании во Босна и Херцеговина, каде што се најактивни, се во завршна фаза. Од Здружението на градежници при Стопанска комора на Македонија не се оптимисти дека до крајот на годинава бројките ќе тргнат во нагорна насока.
– Како здружение очекуваме дека до крајот на годинава бројот би се намалил уште повеќе, би имале уште подрастичен пад во однос на извршените работи во странство, со оглед на фактот дека проектите што ги работат нашите компании во странство се во завршна фаза. Имајќи предвид колку македонските компании учествуваат на јавните набавки во странство, очекуваме некој поголем тендер, па, така, можеби бројот на договорени работи ќе претрпи некои измени и нема да има толку драстичен пад – вели Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништво, индустрија со градежни материјали и неметали, при Стопанска комора на Македонија.
Градежниците веќе неколкупати побарале државата да ги поддржи при нивниот настап во странство, бидејќи таму го гледаат потенцијалот на долг рок. Со оглед на тоа што градежништвото е клучен креатор на БДП, се надеваат дека државата ќе им помогне на компаниите да настапат на пазари надвор од земјава, имајќи предвид дека многу поразвиени економии и многу поголеми држави го прават истото тоа.
– Имајќи го предвид фактот дека македонските компании во странство секогаш работат со сопствени ресурси, повлекуваат ресурси и работна сила од матичната земја, цениме дека таа помош би се вратила во следните години – напоменува Серафимовски.
Тој додава дека го следат и настапот на компаниите од другите држави и имаат позитивен пример од Турција, која им дава голема поддршка на компаниите при нивниот настап во странство, сметајќи дека Македонија треба да се огледа на нивниот пример, за да ги зајакне тие компании зашто државата секако би имала многу поголема корист.
Градежниот сектор во првиот квартал годинава се соочи со сериозен пад од 37 отсто главно поради застој на градежните работи во нискоградбата во земјава. Продолжувањето на градежните активности во втората половина годинава ја враќа надежта дека барем на домашниот пазар градежништвото ќе успее да го неутрализира големиот резултатски минус.
Претседателот на градежната комора при Сојузот на стопански комори, Роберт Хот, неодамна истакна дека намалувањето на бројот на нови договори не значи дека се намалува работата во странство.
– Градежништвото не е како другите гранки да може да се склучуваат договори на месечно, квартално или годишно ниво. Нашите договори се потпишуваат на 3-4 години, бидејќи нашите градежни компании во странство претежно работат на инфраструктура и тие се склучуваат на подолго време, затоа секоја година нема ист број на договори за работа – објаснува Хот.
Тој додава дека најбитен е обемот на извршените градежни работи, а не бројот на договори, бидејќи може да има повеќе проекти, а сепак вредноста да е помала.
– Во градежништвото битно е да се остваруваат поголеми приходи, а тоа се прави со капитални проекти, кои се градат неколку години, како што се на пример изградбата на автопатиштата – истакна Хот.
Тој нагласи дека Босна и Херцеговина и некои од другите поранешни југословенски држави се дел од државите што важат за наши традиционални пазари.
– Сосема е нормално и очекувано кон нив да се ориентираат домашните градежни компании, бидејќи сме познати на бившите југословенски пазари уште од времето поради контактите што од претходно ги имале градежниците со тие компании и тие релации сѐ уште се одржуваат – вели Хот.
Според него, најмногу градежни работи се извршени во Босна и Херцеговина затоа што моментално таму се работи на подобрување на патната инфраструктура.
За намалувањето на бројот на нови договори, градежникот Никола Велковски вели дека причината може да е големата изградба на инфраструктурата кај нас, со што се ангажирани многу работници и фирми.
– Во странство, нашите компании најчесто градат инфраструктура, сепак сме најдобри во тој дел. Околу 80 отсто се фокусираат на инфраструктурата, а многу помалку на изградба на згради – вели Велковски.
Според него, проблем со македонските градежни компании е самостојниот настап поради обезбедувањето на банкарските гаранции, со што не може да се задоволат странските пазари.