Повеќе од 130 волонтери се ангажирани на вакциналните пунктови низ државата и, како што велат од Црвениот крст, на сите исти им се желбата и љубовта кон волонтирањето, само меѓу себе се разликуваат по имињата, полот, годините и по своите лични приказни и впечатоци. „Нова Македонија“ издвои три интересни приказни, сведоштва и доживувања на овие млади херои
ВОЛОНТЕРИТЕ ВО ПРВИТЕ БОРБЕНИ РЕДОВИ ПРОТИВ ПАНДЕМИЈАТА
Во битката со пандемијата на коронавирусот, која трае веќе година и половина, покрај здравствените работници, несебично се вложија и волонтерите. Повеќе од 130 волонтери се ангажирани на вакциналните пунктови низ државата, а 60 од нив се од Скопје и Црвениот крст се гордее со нив, бидејќи, како што велат, на сите исти им се желбата и љубовта кон волонтирањето, само тие се разликуваат по имињата, полот, годините и по своите лични приказни. „Нова Македонија“ издвои три интересни приказни, сведоштва и доживувања на волонтерите. Како тие од свој агол се соочија со ковид-19, кои им се обврските, чувствуваат ли страв, кои моменти им останале најмногу во сеќавање, како им минува денот и сл.?
Марко Дабевски е штотуку завршен матурант од скопската гимназија „Георги Димитров“ и, како што и самиот кажува, почнал да волонтира уште во основното училиште и веќе пет години е активен во Црвениот крст на градот Скопје, а сега работи на вакциналните пунктови во Скопје.
– Минатата година во март штом се прогласи пандемијата и беше кажано дека поради тоа наставата ќе продолжи онлајн, веднаш отидов во Црвениот крст за да се вклучам во активностите што ќе се организираат. Не се плашев од пандемијата, само ме носеше мотивацијата и јас да направам нешто што побргу да заврши и првично она што можев да го правам беше моето онлајн вклучување за промоција на здравствените мерки што треба да се применуваат. Штом наполнив 18 година, бев вклучен во мобилните тимови на Црвениот крст и тоа за мене беше едно ново искуство, но и среќавање луѓе што се нашле во една многу лоша состојба и згора на тоа за време на пандемија. Ме трогна средбата со семејство со 11 деца, кое преживуваше само од платата на таткото, патријархално, би рекол културно запоставено семејство. Повеќе беа гладни отколку сити и секогаш со големо нетрпение и радост ги отвораа пакетите со храна кога ќе им ги оставевме пред вратата.
Најмалото дете беше бебе, најстарото имаше дваесет години, а седум од нив беа ученици. Имаа само еден статичен компјутер и два таблета, а замислете сите живееја во стан од 50 квадратни метри што им го доделила државата. Нѐ прашуваа дали ние јадеме трипати на ден, тоа многу ме погоди, а замислете колку хигиенски средства се потребни сите тие деца да се избањаат и да се одржува хигиената за време на пандемија, а згора на сѐ по две-три деца спиеја во еден кревет – вели Марко Дабевски. И уште додава колку е само невозможно дури и да имаа седум компјутери сите да учат од дома во толку мал простор.
Како убаво искуство што го имал пред пандемијата вели дека била грижата за деца од социјално ранливи категории, сериозна обврска што ја имал како волонтер во проект за деца со попреченост на летен инклузивен камп во Љубаништа, каде што како многу млад извршувал обврски што имале сериозна тежина.
И неговиот имењак Марко Бојаровски е мошне млад волонтер, кој сега помага на вакциналните пунктови. Тој е средношколец на 16 година и ќе заврши втора година во Средното медицинско училиште во Скопје. Веќе три години волонтира во Црвениот крст, а започнал сосема случајно, најпрвин во основното училиште интересирајќи се за давањето прва помош. Откако преку извидници запознал лица што биле во Црвениот крст, веднаш се вклучил и тој и почнал да волонтира. Пред да започне пандемијата се нашол на самото место на несакана случка, каде што на непознато момче во инцидент му бил отсечен прстот на раката. Не дозволил да крвави, веднаш во најблиската аптека купил што му е потребно и интервенирал со преврска и психолошки, убедувајќи го преплашеното момче дека ќе му го спаси прстот, оти тоа го може и умее, дека не му е првпат, иако не било така. Го смирил и успешно го направил тоа за да не искрвави до неговиот дом, кој бил малку повеќе оддалечен од местото на случката. Затоа што на момчето му го спасил прстот, вели се чувствува посебно горд.
– За време на пандемијава учествував во проектот „Подари пакетче, подари радост“, а наша задача, на волонтерите што работевме на ова, беше да подготвиме пакетчиња за децата од училиштето „Златан Сремец“. Маскиран во Супермен, оние што не можеа да дојдат во училиштето ги посетував, но до пред нивните домови поради заштитните мерки и им давав пакетчиња. Посетив 17 деца и се чувствував како Дедо Мраз, се чувствував горд што ги правев среќни и измамував насмевки на нивните лица. Тоа во мене предизвикуваше многу емоции. За мене материјалното нема значење, она што ме мотивира да бидам волонтер се човечките вредности и среќата што ме исполнува, тие се на прво место. Да ги направите другите среќни ме исполнува на начин што не можам да го објаснам – раскажува Бојаровски.
Младата деветнаесетгодишна студентка на Медицинскиот факултет во Штип, Елена Кузмановска, ја најдовме на вакциналниот пункт во „Борис Трајковски“, како ги извршува своите волонтерски задолженија. За себе вели дека првите контакти со Црвениот крст ги остварила преку натпреварите за прва помош, а потоа во 2018 година станала волонтерка во Центарот за грижа на стари лица, а исто така е членка во клубот на млади на Црвениот крст. Секоја година учествува во изготвување подароци за децата со церебрална парализа, кои своите желби ги закачуваат на новогодишното и на велигденското дрво, како и на дрвото со желби за Рамазан.
– Она што ме трогна за време на пандемијава како волонтер се посетите што ги правевме на стари лица за да помагаме и да им даваме психолошка подршка. Јас од 2018 година сѐ уште посетувам една деведесетгодишна баба, која нема никој близок овде, децата ѝ се по странски земји и нема кој да ѝ купи храна, лекови.. Се случи десет дена да бидам надвор од земјава и кога се вратив ме барала десет пати. Тоа многу ме растажи и веднаш отидов да ја посетам. Неверојатно е колку на овие осамени луѓе им значи разговорот со нас. Сега од февруари сум на пунктовите за имунизација и секогаш притрчувам кога ќе видам како надвор чекаат стари лица, а се чека два-три часа. Поради тоа баравме од докторите на ваквите лица да им излезат во пресрет ако треба надвор да ги вакцинираат за да не чекаат. Мојата мотивација да бидам волонтер е токму тоа, можноста да направиме некакви промени во општеството, да оствариме што повеќе контакти со луѓе што ќе ни користат во животот за заеднички да направиме многу промени – вели Кузмановска.
Црвен крст: Волонтерите ги прават промените во општеството и дејствуваат
Поради пандемијата на ковид-19, дел од активностите на Црвениот крст се реорганизирани токму поради грижата за здравјето на волонтерите, но и на здравјето на заедницата. Од организацијата велат дека дел од обуките и семинарите што се организирале на редовна основа ги пренасочиле преку онлајн средби.
– Во рамките на ПХВ-програмата (промоција на хумани вредности), која е наменета за младите, секој четврток се организираат онлајн обуки. Планирано е да се опфатат 4.000 учесници и на тој начин да се зајакнат нивните капацитети и да бидат поподготвени кога нештата ќе се вратат „во нормала“. На почетокот на пандемијата беа формирани мобилни тимови составени од волонтери и на ниво на целата држава повеќе од 250 волонтери им помагаа на лицата во изолација, самоизолација, на самохраните родители, на старите лица, лицата во ризик и на секој што имаше потреба. Тие добија обука за заштита на сопственото здравје како и СОС-поддршка за целиот период. Ова се стандардни процедури што ги користиме во случај на одредена криза. Во согласност со улогата и мандатот на Црвениот крст, во изминатите неколку месеци нашите волонтери даваат и административна и логистичка поддршка во процесот на имунизација на населението.
Повеќе од 130 млади волонтери се вклучени во овој процес. За време на нивниот ангажман во процесот на имунизација, тие добиваат надомест со кој им се покрива трошокот за оброк и транспорт до вакциналните пунктови. Ова го практикуваме секогаш кога имаат активности што траат и кои бараат повеќе часови ангажман од нивна страна. Ние, како организатори на волонтерската работа, мора да мислиме и да се грижиме и за овие нешта – вели Александра Ристовски, координаторка на ПХВ-програмата на Црвниот крст на градот Скопје.
Од Црвениот крст додаваат дека треба многу да се работи со волонтерите. Да се работи на нивната мотивација и на зајакнување на нивните лични капацитети. Велат дека има огромни разлики меѓу младите што волонтираат и оние што поради некои причини не се вклучуваат во волонтерски активности. Првите се повеќе отворени кон промени, полесно им оди социјализацијата, полесно комуницираат, имаат подобри презентерски способности, учат од мали нозе да прават добри нешта во својата зедница и да негуваат алтруистички пристап. Тие ги прават промените во општеството и дејствуваат.