Авиокомпаниите ги пренасочија летовите за да го избегнат белорускиот воздушен простор, а белоруските авиони се соочени со забрана за летање во Европа додека расте гневот на меѓународната заедница поради принудното слетување на авионот на „Рајанер“ и апсењето на опозицискиот новинар. Експертите навестуваат европска и светска криза во воздухопловството
На повидок глобална криза во воздухопловството поради случајот со „Рајанер“
Глобалната авијација се соочува со најголемата политичка криза во последните неколку години откако властите во Белорусија минатата недела принудно слетаа патнички авион на компанијата „Рајанер“, поради лажни информации за бомба, при што беа приведени новинарот Роман Проташевич и неговата девојка. Ваквиот чекор предизвика негодување кај Европа и САД и, како што наведува „Си-ен-ен“, дури некои европски авиокомпании веднаш започнаа да го избегнуваат воздушниот простор на Белорусија, кој е клучен коридор меѓу Западна Европа и Москва, кој во исто време е пат на неколку долги интерконтинентални летови. Во тој контекст, Агенцијата за воздушна безбедност на Европската Унија (ЕАСА) веднаш препорача „претпазливост“ во однос на Белорусија, а воздушниот простор над земјата да се избегнува по секоја цена од страна на авиопревозниците. Како резултат на ова, меѓу првите авиокомпании што донесоа одлука за заобиколување на белоруското небо беше „Ер Франс“, но и нејзината подружница „Ер Франс КЛМ“ од Холандија. Истото тоа го стори и финската авиокомпанија „Фин Ер“, како и „Луфтханза“ скандинавски „САС“ и така натаму.
– Со оглед на развојот на моменталната состојба, засега ги прекинуваме активностите во воздушниот простор на Белорусија – соопшти „Луфтханза“.
Колку е сериозен проблемот?
Во меѓувреме, експертите предупредуваат дека повиците на некои западни политичари за затворање на белорускиот воздушен простор ќе бидат невозможни да се спроведат на дело бидејќи ќе ја потресат авијациската мапа на Европа, а со тоа и на светот. Со други зборови кажано, летовите на пример од Азија до Европа доколку се заобиколува Белорусија би траеле неколку часа подолго, при што авионите би биле принудени да слетуваат за дополнување гориво, а со тоа по автоматизам би поскапела и така високата авиокарта за оваа дестинација. Накратко, како што наведува „Си-ен-ен“, доколку не се реши проблемот, оваа ситуација сериозно би можела да предизвика глобална криза во европскиот, а со тоа и светскиот воздушен простор. Инаку, според глобалните авијациски правила, ниту Интернационалната цивилна авиоорганизација (ИЦАО) ниту која било нација не може да го затвори туѓиот воздушен простор. Во таа насока, руската агенција за воздушен сообраќај соопшти дека промената на маршрутите од Европа кон Русија, бидејќи некои авиокомпании го избегнуваат белорускиот воздушен простор поради спорот меѓу Минск и Западот, може да резултира со подолго чекање дозвола како резултат на зголемениот број такви барања.
Хорор за авиокомпаниите
Во исто време западните медиуми пишуваат дека интересни се ставовите на авиокомпаниите за случувањата во Белорусија. Еден висок челник на светска реномираната авиокомпанија, кој зборуваше под услов да остане анонимен, вели дека внимателно се следат случувањата во Минск, но првите заклучоци се дека состојбата е ужасна.
– Случувањата со приземјувањето на авионот на „Рајанер“ симболизираат дека се прави нешто навистина големо. Универзално прифатено правило е дека авиокомпаниите имаат право да прелетуваат врз странска земја без притоа да бидат присилно принудени да слетаат. Последниот случај покажува дека овој преседан може да го прави секој, а тоа со сигурност би ја загрозила безбедноста на светската цивилна авијација – вели челник на реномирана авиокомпанија.
За потсетување, западните земји ја обвинуваат Белорусија за киднапирање авион на „Рајанер“, во кој пред една недела беше новинарот Роман Проташевич, опозициски критичар на актуелната власт во Минск. Според извештаите на новинските агенции, летот од Грција до Литванија пред неколку дена беше пренасочен поради наводна закана со бомба. Сепак, заканата беше лажна, а Проташевич беше уапсен по слетувањето во Минск, по што авионот го продолжи летот. Белоруските власти минатиот понеделник објавија видео од Проташевич, кое се чини дека е снимено под присила, каде што тој се согласува со обвиненијата на белоруските власти.