Трендовите за вооружување што сега се актуелни се во корист на големите нуклеарни арсенали, бидејќи се верува дека се зголемуваат шансите за избивање на скапи војни кои носат потенцијал за ескалација, велат Стивен Блен и Питер Хјуси од „Нешенел интерест“
Пандемијата не го намали апетитот за глобалното вооружуваање
Тековните руски намери кон Украина и истовременото ослободување на буџетот на администрацијата на Бајден претставуваат добар повод за анализа на потребата од нуклеарна модернизација на САД. Буџетот на Бајден очекувано ги разгневи подеднакво воинствените политичари и пацифистите, затоа што неочекувано се зголемија трошоците за одбраната. На пацифистите не им се допадна самиот чин, а воинствените политичари реагираа затоа што зголемувањето на буџетот беше скромно. Тоа исто така ја покажа потребата за нуклеарна модернизација, што им се допадна на воинствениот табор, но не и на пацифистите.
Во меѓувреме, мобилизацијата на Русија и распоредувањето на повеќе од осумдесет илјади сили околу Украина, вклучувајќи ги и ракетите „Искандер“ со капацитет за нуклеарно оружје, кажува нешто за руската нуклеарна стратегија. Во двата случаи, и покрај силно изразената загриженост, нуклеарното оружје не служи на друга цел освен за да одврати друго нуклеарно оружје. Владите дејствуваат според убедувањето дека ова оружје служи на голем број критични воено-политички и стратегиски функции. Покрај тоа, трендот се спротивставува на намалувањето во корист на поголемите нуклеарни арсенали, бидејќи се верува дека се зголемуваат шансите за скапи војни кои имаат силен потенцијал за ескалација.
Јакнење на постојните капацитети
Потребата од нуклеарна модернизација треба да се разгледа низ оваа призма. Додека противниците на нуклеарното оружје апелираат за еднострано намалување или за кратење на буџетот за да се елиминира една или друга гранка од тријадата, другите влади, покрај Русија и Кина, модернизираат и градат нови и иновациски вселенски и нуклеарни платформи. Овој тренд не се однесува само на противниците на САД. Велика Британија соопшти дека има намера да го зголеми својот нуклеарен арсенал за 40 проценти, поточно од 180 на 260 оружја. Слично на тоа, француската војска сега смета дека треба да се подготви за пожестока војна.
Украинската криза покажува дека оваа процена е основана и дека Москва е убедена дека дејствува според претпоставката дека нуклеарните оружја се во служба на повеќе позитивни безбедносни цели. Русија јасно верува и вели дека нејзиното нуклеарно оружје ги спречува конвенционалните закани, односно за да се одбрани самата и државите кои порано беа советската сфера на влијание на заканите на НАТО.
Неизоставен дел од стратегиите
Со распоредување на стратегиски бомбардери и на ракетите „Искандер“ околу Украина за време на кризата, Москва исто така го покажа своето убедување дека ваквото покажување на сила ќе ги заплаши и Украина и НАТО, а со тоа и САД. Со други зборови, во реалниот свет, идејата за користење на нуклеарното оружје само за одвраќање на друго нуклеарно оружје и идејата дека една или повеќе гранки од тријадата се заменливи, не се прифатливи во практика од страна на нуклеарно вооружените влади.
Разни влади како Русија сè уште бараат начини да ги користат нуклеарните оружја како активни состојки во нивната воено-политичка стратегија. Во случајот на Русија, таа во моментов работи на над 20 програми за нуклеарно оружје или системи за испорака додека Пентагон очекува Кина барем да го удвои својот арсенал во тековната деценија. Затоа, објективната процена на американскиот нуклеарен арсенал и лекциите од историјата покажуваат дека е неопходна модернизација. Америка никогаш не постигнала напредок во разоружувањето без да ја убеди Москва дека Вашингтон е способен да се вооружи за да одговори и да надмине сè што ќе излезе од „кујната“ на Москва. Тоа вклучува нуклеарно оружје со ниска експлозивност, за кое Москва се бореше од 1999 година, односно пред Владимир Путин да стане претседател, и за кое високи функционери повеќе пати рекоа дека може да се користи во војување.
Колку е изводливо разоружувањето?
Практично е невозможно да се случи еднострано разоружување на една земја која располага со нуклеарно оружје и такви политики. Британската влада заклучи дека нејзината нуклеарна програма мора да остане веродостојна сега и во иднина со оглед на моменталната состојба на меѓународната сцена. Ваквата состојба несомнено ги опфаќа напорите на Москва да доминира во ескалацијата во секоја фаза од кризата со поседување веродостојни и видливо распоредени нуклеарни капацитети со краток, среден и долг дострел, како и дополнителни капацитети за контра и еднаков удар.
Во однос на тековната криза во Украина, Москва се обиде да доминира, мобилизирајќи огромен број комбинирани конвенционални сили, покрај нуклеарните оружја додека апелираше дека Киев е под голем ризик за уништување. Ова се должи на тоа што Украина и САД тврдеа дека ќе ги бранат своите интереси против постојаните руски закани со „низок интензитет“ додека сè уште трае војната која Москва ја започна во 2014 година.
Многубројни стратези забележаа дека во војна другата страна има право на став и ако тој став не се сфати сериозно, тогаш таквиот неуспех неизбежно ќе прерасне во загуба. Неможноста да се сфати стратегиската реалност дека американските противници го сметаат нуклеарното оружје за мултифункционално и употребливо, нема да ја намали веродостојноста за нивната единствена употреба. Желбата да се случи еднострано разоружување само врз убедувањето дека другите ќе го следат моралното водство на Америка или подеднакво неоправдано нереалните стратегиски перспективи всушност нема да го направат светот побезбеден, туку ќе се случи токму спротивното.
Политичките препораки против нуклеарната модернизација доведуваат до еднострано разоружување и предавство на сојузниците на САД. Ваквите препораки не треба сериозно да се разгледаат, без оглед дали станува збор за укинување на Копнената стратегиска одбрана, намалување на бројот на подморници од класата „Колумбија“ или повлекувањето на оружјето за долг дострел или крстосувачките ракети за бомбардери, како и подобрувањето на регионалната проширена одбрана на Америка во склоп на НАТО. Ако Вашингтон покаже воздржаност, тогаш и неговите противници ќе го сторат истото, што е триумф на надежта над реалноста. На крајот на краиштата, „надежта не е стратегија“.