Министерствата и органите на државната управа до среда треба да достават информации за средствата кои ги имаат на располагање за референдумот, а Владата на седница да ја одреди сумата што ќе се одвои за кампања. Планирањето на кампањата е во тек, информациите се собираат и се дефинираат деталите за концептот. Некои од институциите веќе доставуваат и ги знаат бројките, а пари за кампањата бараат и здруженијата кои се противат на референдумот за кампањата „Македонија бојкотира“.
Меѓу оние институции што објавија колку одвоиле е Министерството за одбрана. Одвои помалку од 60 милиони денари, средства кои, како што вели министерката за одбрана Радмила Шекеринска, беа насочени кон активност во поддршка во нашите НАТО интеграции, но кои не беа во делот на логистика, ниту потреби на АРМ.
– Ниту еден денар од парите наменети за Армијата на Република Македонија не е опфатен со измената, односно со одвоените 60 милиони денари од Министерството за одбрана за кампања за референдумот.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека додека војниците немаат платен превоз, работат во стари униформи, а нивното мени е се посиромашно, Шекеринска од буџетот на Министерството за одбрана дава милион евра за референдумска кампања за, како што наведоа, разубавување на капитуланскиот договор со Грција.
Владата на последната седница ги задолжи министерствата и органите на државната управа до Министерството за финансии да достават информација за средствата коишто ги имаат на располагање, а кои би можеле да се пренаменат за кампањата за референдумот.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски вчера посочи дека не е запознат со податоците колку средства можат да одвојат, но оти тоа е обврска и сигурно ќе ја исполнат и ќе ја информираат Владата.
Пари од државата за кампања „Македонија бојкотира“ побараа здруженијата кои се против референдумот. Посочуваат дека и доколку Владата не обезбеди средства за овие 28 здруженија, тие ќе одвојат свои пари за пропаганда против референдумот.
– Решени сме да бојкотираме, ако Владата не даде средства ние ќе се снајдеме, но секако очекуваме да се следи примерот на развиените демократии каде секој има еднакво право да ги промовира своите идеи – вели Солза Грчева од Глас за Македонија.
Одлуката за кампања за претстојниот референдум беше донесена на последната владина седница. Од Владата најавија дека кампањата ќе биде информативна со цел да се споделат информации од јавен интерес околу содржината на Договорот со Грција, придобивките од интеграцијата на Република Македонија во НАТО и ЕУ и планот по кој земјата ќе се движи кон Алијансата и кон Унијата.
Од среда, за кога е закажана координативна средба и на пратеничките групи со претседателот на Собранието Талат Џафери, се очекува да се добие одговор на прашањето за улогата на Собранието во јавната пропаганда и другите активности за референдумот на 30 септември.
Инаку, според податоците на Државната изборна комисија најголем интрес за гласање на иселениците има во Берн и Љубљана.
ДИК веќе ги избира членовите за избирачките одбори во дипломатските конзуларни претставништва и конзуларни канцеларии на РМ во странство. Се бираат членови на вкупно 50-те ДКП на земјава во странство, но гласање ќе се спроведе само онаму каде што ќе има над 10 пријавени до 23 август на полноќ кога завршува можноста за пријавување на иселениците за гласање на референдумот.
Според информациите од ДИК, досега во 15 ДКП нема пријавено доволен број иселеници за гласање на референдумот.