Како членка на НАТО, Турција поднесе апликација за учество во проектот на ЕУ за воена мобилност предводен од Холандија и покрај тензичните односи со Грција и со Кипар, истакнува Александра Бжозовски за „Еурактив“
Европските дипломати поделени околу учеството на Анкара во проектот за воена мобилност на ЕУ
Според извештаите на „Велт ам зонтаг“, Турција како членка на НАТО официјално ја објави својата намера да учествува во проектот за воена мобилност на Европската Унија (ЕУ) во рамките на постојаната структурирана соработка на ЕУ (ПЕСКО) од 46 воени проекти и е знак за подобрување на соработката меѓу ЕУ и НАТО. Воената мобилност има цел да ја поддржи заложбата на членките за поедноставување и стандардизирање на прекуграничните воени транспортни процедури, што се смета за еден вид „магично решение“ за одбранбената соработка меѓу ЕУ и НАТО и е креирана за да обезбеди непречено движење на воена опрема низ ЕУ како одговор на кризите.
Холандското министерство за одбрана, кое го координира проектот, го прими официјалното барање од турската влада, како што потврди холандскиот портпарол за „Еурактив“. Портпаролот истакна дека „Турција навистина ги известила за нејзината желба да учествува во проектот за воена мобилност, а Холандија како координатор на проектот, внимателно го следи процесот на апликација утврден од Советот“. Министрите за одбрана на ЕУ во мај се согласија да им дозволат на САД, Норвешка и на Канада да се приклучат на проектот на блокот за воена мобилност, што е првпат ЕУ да им дозволи на надворешни земји да се приклучат на кој било нејзин воен проект.
Вредностите не се проблем?
Како што „Еурактив“ прв објави лани на крајот на октомври, ЕУ постигна договор за строг сет на политички, правни и „суштински“ услови за да им се дозволи на земјите надвор од блокот да учествуваат во заеднички одбранбени проекти. Според договорот, со посредство на германското претседателство со ЕУ, политичките услови за трети земји го ограничуваат нивното учество на кандидати кога тие обезбедуваат „значителна додадена вредност“ на воениот проект и ги споделуваат „вредностите врз кои е основана ЕУ“, што значи дека тие не се спротивставуваат на нејзините безбедносни и одбранбени интереси. Тогаш многу дипломати на ЕУ се согласија дека сетот на политички услови ефективно ги исклучуваат Русија, Кина, но и Турција, особено откако односите меѓу Брисел и Анкара се влошија во изминатите неколку години.
Како што објави „Еурактив“ во ноември, Турција беше „извесен аутсајдер“, односно беше тргната настрана барем додека не се реши спорот со Кипар околу активностите во источен Медитеран и не се смират тензиите во ќор-сокакот со Грција и со Франција. Турските власти тогаш предупредија дека „ако ПЕСКО преземе погрешни чекори и создаде нови линии на поделба, нема да забележи никакви успеси, ниту ќе придонесе за трансатлантската структура за безбедност“. На прашањето на „Еурактив“, како тече апликацијата заедно со условите за учество на трети земји за ПЕСКО, портпаролот на ЕУ за надворешни работи, Питер Стано, рече дека „Холандија, како координатор на проектот, посочи дека барањето ќе го разгледуваат членовите на проектот во согласност со утврдените процедури, како и со претходните барања“.
„Тројански коњ“
Вкупно 24 земји на ЕУ во моментов учествуваат во проектот ПЕСКО. Се очекува Кипар и Грција, како членки на проектот, да реагираат негативно на турското барање, бидејќи го гледаат како „тројански коњ“. Постојат многу причини што ги поддржуваат ваквите стравови. Кипар, кој за разлика од Турција не е член на НАТО, нема безбедносен договор со Алијансата за размена на класифицирани документи, бидејќи Турција стави вето на предлогот.
Според дипломатските кругови на кои се повика „Велт ам зонтаг“, сепак делумно постои надеж дека евентуалната соработка на Турција во ПЕСКО не само што ќе ја подобри соработката меѓу ЕУ и НАТО туку може да доведе и до нормализирање на односите меѓу Турција и Кипар и Грција.
Покрај тоа, постои и стравот дека откако Турција ќе биде примена во воениот проект, тоа може да ја отвори вратата за „слободен пристап за сите“, изјави дипломат на ЕУ за магазинот, затоа што некои во Брисел сметаат дека може да доведе до „разводнување на политичките критериуми“ за други, почувствителни проекти под ПЕСКО и се ризикува „поткопување на првичната идеја на ЕУ за градење единствен европски капацитет за одбрана“.