Новата серија на Нетфликс, базирана на романот на Харлан Кобен, творецот на ултрапопуларни трилери, се вика „Невин“ и нè носи во шпанското подземје на трговија со луѓе, каде што никој не може да избега од минатото. Во соработка што почнала во 2018 година, со трилерот „Безбеден“, дури 14 наслови на криминалистички романи на писателот Харлан Кобен ќе бидат адаптирани за малите екрани, според петгодишниот договор што Нетфликс го потпиша со американскиот автор.
Оттогаш, на стриминг-сервисот ги гледавме напнатите блокбастери „Странецот“ и полскиот „Шуми“, верувајќи дека Кобен е секогаш во можност повторно да го окупира нашето внимание и дека речиси секоја интрига функционира во неговите приказни. Меѓутоа, неодамна, Нетфликс го издаде можеби најдобриот трилер на Кобен, шпанскиот наслов „Ел иносенте“, кој за кратко време се проби до самиот врв на гледаност и ни понуди шпанска верзија на трилер, во кој гревовите од минатото проголтуваат неколку протагонисти.
Во бездната на сексуалните настраности
Серијата „Невин“ е роман од 2005 година во кој станува збор за млад човек Матео Видал (Марио Касас) и убиството што го извршил од небрежност на една забава, вмешувајќи се во тепачка што не ја започнал. Неколку години по издржувањето на затворската казна, Матео е на слобода, работи во адвокатска канцеларија и гради идиличен живот со својата сопруга Оливија (Аура Гаридо), која е бремена.
Првата епизода не нуди премногу возбуда и главно ја напуштаат гледачите што не ги привлекува приказна за криминал, која на прв поглед изгледа како и секоја од овој жанр. Кога Оливија одеднаш оди на службено патување во Берлин, Матео ќе почне да добива бизарни повици и видеопораки од нејзиниот телефон, што ќе предизвика лавина непријатни настани. Ќе се најде во виорот на убиства, самоубиства и френетични брканици. Одеднаш, со втората епизода, од вкупно осум од оваа лимитирана серија, ситуацијата се претвора во детективска истрага полна со пресврти и бизарни ситуации.
Случајот за самоубиство на калуѓерка во манастир ја вклучува истражителката Лорена Ортиз (Александра Хименез), детективка што рано го изгубила својот татко, растејќи во католичко прифатилиште. Таа работи вредно и почнува да го разоткрива заплетканиот криминал во кој се вклучени државниот врв и разузнавачките служби. Одеднаш, прекрасните улици на Барселона и Марбеља стануваат лавиринт на смртта и стравот.
Серијата нè води во бездната на сексуалните настраности, бордел во кој немаше да се случи ништо спектакуларно доколку главниот макро Анибал Ледесма (Мики Еспарбе) не беше премногу алчен, па организираше забави за најбогатите клиенти и нелегални оргии со малолетнички. Богатите политичари, бизнисмени и другата клиентела, желни за забава и забранети задоволства, ги исполнуваа своите најмрачни желби под маски, а често девојките не се враќаа живи од рацете на сексуалните манијаци. Макрото ги снима сите овие дејства, ги отстранува труповите и ја чува на безбедно својата колекција на видеоснимки, а потоа ги уценува клиентите. Но каква врска има сето ова со главниот лик Матео (Марио Касас), ќе мора да откриете гледајќи ја серијата.
Никој не може да избега од минатото
И во случај да знаете премногу детали за дејството, „Невин“ ќе успее да си поигра со вашите очекувања. Најголемата вредност на серијата лежи во одличниот кастинг и режија, што не занемарува ниту еден детаљ во приказната. Покрај одличната режија, сценариото е беспрекорно драматуршки изведено, така што заплетот го задржува вниманието на гледачот до самиот крај на последната епизода. Грчевитата потрага по вистината на главниот лик нема да ве пушти да се тргнете од пред екранот, бидејќи оваа серија е повеќе од добар материјал за прејадување и вознемирено грицкање на ноктите. Оние што ја гледаа серијата ја опишаа како емотивно патување со ролеркостер.
Со промотивен слоган, кој вели „никој не може да избега од минатото“, серијата „Невин“ ретроспективно ни ја претставува историја на траумите на ликовите. Нема кој не е виновен.
Меѓутоа, иако нашите (анти)херои не можат да избегаат од своите гревови, тие, сепак, можат да ги надминат лошите моменти од минатото и да продолжат да живеат, под услов да не отишле предалеку.
Продукцијата на телевизиски серии е агресивна и речиси е невозможно да се следи количеството на проекти што се произведуваат и се појавуваат на пазарот. Сепак, публиката бара и гледа сè повеќе содржина за криминал, а оние најдобрите наслови секогаш доаѓаат на врвот. Експлоатацијата на темната страна на човечката психа е доминантно идеолошко упатство, а во прикажувањето на необичностите, нарушувањата и болестите се оди подалеку и подалеку, така што сериите се сè пошокантни, динамични и интересни.