Поврзаноста со квалитетна инфраструктура со другите земји од регионот е многу битен фактор, особено во периодот кога нашите компании ќе треба да ги вратат своите позиции на странските пазари, бидејќи во периодот на корона-кризата е забележан пад од дури 10 отсто на индустриското производство, што значи дека домашните производи се извезуваат помалку во споредба со периодот пред пандемијата, укажува директорот на СКСЗМ, Дриљон Исени
УШТЕ ЕДЕН УСЛОВ ЗА ПОГОЛЕМА КОНКУРЕНТНОСТ НА КОМПАНИИТЕ
Современа и квалитетна инфраструктура е еден од главните предуслови за побрз економски развој, кој ќе им овозможи на компаниите пристап до поевтини енергенти, но и побрз и полесен транспорт на стоките. Истовремено, со современи патишта и модерна железница може да се забрза и протокот на луѓе, било да е тоа за патување до работните места или, пак, за други цели.
– Патната инфраструктура е клучен елемент за градење конкурентни способности на бизнисот и на економијата во целост. Ние како земја во последните години сме покажале слаби капацитети на реализација на капиталните инвестиции, иако сме свесни дека во тој аспект сме назад во споредба со другите соседни држави. Секако дека тоа ќе влијае врз многу аспекти, како што се привлекување на странските директни инвестиции, ефикасноста на компаниите, ефикасно движење на работната сила помеѓу соседните држави и многу други аспекти што се значителни за развој на земјата – вели Дриљон Исени, извршен директор на Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ).
Исени посочува дека СКСЗМ, како институционален партнер на Светскиот економски форум, кој ја спроведува анкетата за глобалниот индекс на конкурентноста, а во чие рангирање се вклучени вкупно 141 држава, при што појаснува директорот, не е задоволен од тоа што во областите поврзани со инфраструктурните предиспозиции нашата држава покажува слаби резултати.
– Патната поврзаност, според истиот индекс од 2019 г. како индикатор нашата земја е рангирана дури на 91-то место од вкупно 141 земја. Кај квалитетот на инфраструктурата таа се најде на 105-то место. Квалитетот на снабдување со електричната енергија е исто така еден сегмент каде што ние како земја сме слабо рангирани во споредба со другите земји, во оваа категорија според ГИК сме на 90-то место. Поврзаноста со квалитетна инфраструктура со другите земји од регионот е многу битен фактор, особено во периодот кога нашите компании ќе треба да ги вратат своите позиции на странските пазари, бидејќи во периодот на корона-кризата е забележан пад од дури 10 отсто на индустриското производство, што значи дека домашните производи се извезуваат помалку во споредба со периодот пред пандемијата.
Тоа може да биде показател дека пазарите се обидуваат да се приспособат на новите околности и секогаш се во потрага за поповолна алтернатива за снабдување производи и услуги – истакнува Исени.
Министерот за финансии Фатмир Бесими, во своја неодамнешна колумна, истакна дека во насока на забрзување на економскиот раст во планот за јавни инвестиции фокусот е ставен на капиталните проекти во патната, железничката и енергетската инфраструктура.
– Во контекст на забрзаниот раст и подобрувањето на стандардот и условите за живеење во земјава е и Планот за јавни инвестиции 2021-2025 година, кој се фокусира на имплементација на капиталните инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, заштитата на животната средина. Во периодот од 2021 до 2025 година се планираат капитални проекти во износ од 3,2 милијарди евра, од кои со буџетски средства би се финансирале 1,3 милијарда евра, од донации преку ИПА-фондови 112,8 милиони евра, а со средства од мег?ународни финансиски институции/билатерални кредитори капиталните инвестиции би се финансирале со износ од 1,8 милијарда евра – напиша Бесими.
Претставниците на Стопанската комора на Северна Македонија посочуваат дека инвестирањето во инфраструктурата позитивно би влијаело на севкупниот економски развој на земјата со големи придобивки за населението.
– Инвестирањето во инфраструктурата позитивно ќе влијае на социоекономскиот развој на земјата, резултирајќи со придобивки за населението, бизнисот и економијата. Подобрувањето на меѓусебната инфраструктурна поврзаност треба да биде од приоритетно значење за унапредување на меѓусебната соработка на нашата држава со соседните земји, што ќе придонесе за забрзување на вкупните транспортни операции меѓу земјите, а со тоа и до експанзија на обемот на билатерална стоковна размена – посочуваат од комората.
Потпретседателката на Европската инвестициона банка, задолжена за Западен Балкан, Лилјана Павлова, за „Нова Македонија“ истакна дека комплетирањето на железницата по должината на Коридорот осум може значително позитивно да влијае врз економскиот развој, како на Македонија така и на соседните земји.
– Оваа важна паневропска транзитна маршрута ќе ја зајакне регионалната поврзаност меѓу истокот и западот на Европа од Јадранот до Црно Море, бидејќи преминува преку Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Италија. Нашата цел е да помогнеме во заживување на железничките мрежи меѓу земјите од Западен Балкан, промовирајќи го овој почист, поодржлив и ефикасен начин на транспорт во регионот. Со поврзување на најголемите пристаништа и овозможување побрз проток на патници, добра и стоки до европските пазари, пругата по должината на Коридорот осум ќе го зајакне економскиот развој на Северна Македонија, регионот и општините што се наоѓаат по нејзините маршрути – посочи Павлова.