Фото: Игор Бансколиев

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, само во главниот град, и тоа за период од само три месеци, односно од јануари до април, се евидентирани дури 180 случаи на украдени велосипеди, од кои само еден е тротинет

КРАЖБИТЕ НА ВЕЛОСИПЕДИ КАКО ПОВОД

Со пролетта и појавата на сончевите денови, граѓаните на Скопје почнаа масовно да ги користат велосипедите и електричните тротинети како превозно средство. Масовноста навистина е видлива и може да се забележи по зголеменото учество токму на велосипедистите и возачите на тротинети на улиците, а, за жал, сепак најмногу може да се забележи по појавата на кражбите на велосипеди и електрични тротинети.

СРЕДЕ БЕЛ ДЕН СЕ КРАДАТ ВЕЛОСИПЕДИ И ТРОТИНЕТИ ОД ДВОРОВИ

Топлите временски услови секогаш значат дополнителна причина за главоболки за сопствениците на екопревозните средства, како што се велосипедите и електричните тротинети, бидејќи крадците токму на овие превозни средства ги користат топлите денови за да украдат и да ги продадат овие предмети.
За жал, иако нема период од годината кога кражбите ги нема, сепак овој период истите тие се зачестени, а сопствениците постојано наоѓаат начини како да ги заштитат од кражби, кои би им предизвикале голема материјална штета, особено за оние што голем дел од финансиските средства ги инвестирале во овие превозни средства.
– Јас сум од Бутел, неодамна на соседот што живее до мене од дворот му го украдоа електричниот тротинет, и тоа среде бел ден, додека сите беа во куќата. За среќа, брзо се најде сторителот бидејќи соседите имаат камери во дворот, па успеаја да си го земат назад тротинетот. И јас секојдневно сум надвор во дворот со своите деца, а често играме и на улицата пред вратата, која ни е заедничка со соседот. Со децата заедно знаеме да прошетаме и да оставиме сѐ во дворот, и велосипеди и тротинети, а често јас и телефонот го оставам на маса. Досега вакво нешто не ни се случило. Сега веќе знаеме дека има крадец што си работи на наш терен, па мораме да биде попретпазливи – вели Стојан С., жител на оваа населба.
Дека на големо се крадат велосипеди може да се забележи и на социјалните мрежи, каде што сопствениците постојано објавуваат фотографии од велосипедите што им биле украдени, за кои бараат помош од преостанатите доколку го забележат велосипедот веднаш да пријават.
– Ми го украдоа велосипедот од влез во зграда во Аеродром. Не ми е јасно како успеале да го украдат кога влезот постојано е заклучен. Украден беше во доцните вечерни часови, а крадецот најверојатно успеал да влезе кога некој од станарите влегувал дома, па не го забележал – вели Елена Димовска.
Во групите за украдени велосипеди на социјалните мрежи веќе може да се забележи дека се појавуваат разни бизниси за дополнителна заштита на велосипедите, за што се продаваат разни катанци, сајли и апарати за дополнителна заштита на велосипедите, и тоа по цени дури и до 30 евра.
– Од нашата мака некој се обидува да си направи бизнис. Истото тоа што тие на социјалните мрежи го нудат за толку високи суми, јас ќе го купам дупло поевтино во специјализирана продавница за велосипеди – вели Боби Мицевски.

КАДЕ СЕ КРАДАТ НАЈМНОГУ ВЕЛОСИПЕДИ

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, само во главниот град, и тоа за период од само три месеци, односно од јануари до април, се евидентирани дури 180 случаи на украдени велосипеди, од кои само еден е тротинет.
Според статистиката на МВР, најмногу се крадат велосипеди во Центар, Карпош и во Аеродром.
Статистиката од ресорните полициски станици покажува дека во ПС-Центар се евидентирани дури 59 вакви кривични дела, во ПС-Карпош 35, а во ПС-Аеродром 40.
Девет кражби на велосипеди се евидентирани во полициските станици Бит Пазар и Ѓорче Петров. Дванаесет се евидентирани во ПС-Гази Баба, 11 во ПС-Кисела Вода и пет во ПС-Чаир.
Убедливо најбезбедна населба за велосипедистите е Драчево, каде што за овие три месеци не е регистриран ниту еден ваков прекршок.
Регистрираните прекршоци се според членовите 235 и 236 од Кривичниот законик.
Според членот 235 ставовите еден и два:
– (1) Тој што од друг ќе одземе туѓ подвижен предмет со намера противправно да го присвои, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години. (2) Ако вредноста на украдениот предмет е помала и сторителот одел кон тоа да присвои предмет од таква вредност, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година – е наведено во членот на законот.
Членот 236, односно делот што се однесува на кражбите на велосипеди вели дека: „(1) Ако кражбата е сторена: 1) со кршење или провалување во затворени простории, со совладување препреки или на друг начин совладување поголеми пречки, 2) од страна на повеќе лица здружени заради вршење кражба, 3) на дрзок начин, 4) од страна на лице кое кај себе имало некакво оружје или опасно орудие заради напад или одбрана, 5) за време на пожар, поплава или слична несреќа и за искористување на немоќта или несреќата на друг, ако предметите се од поголема вредност, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години, а ако предметите се од значителна вредност, сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години.

(2) За кражба на предмети со вредност од големи размери, сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години. (4) Ако вредноста на украдениот предмет од ставот (1) на овој член е помала и сторителот одел кон тоа да присвои предмет од таква вредност, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години“.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека казните се во надлежност на кривичните судови, пред кои се води постапка против сторителите.
– Сепак, во согласност со Кривичниот законик, казните предвидени по членовите 235 и 236 се движат од парична казна или казна затвор од шест месеци до десет години во зависност од подвидот на кривичното дело – велат од МВР.