Во анализата е издвоен Мексиканскиот наркокартел како најмоќната криминална организација во светот, а во петте најмоќни се вбројува и албанската, која е во голем подем во Велика Британија, од каде што доаѓа и предупредувањето дека албанските криминални групи преземаат значителна контрола во шверцот со дрога
Релевантни безбедносни опсервации до кои дојде „Нова Македонија“, а со кои се анализираат феномени во глобални рамки од областа на општиот криминалитет, илегалното здружување и, во тој контекст, извршувањето на криминалните дејства, идентификуваат ранг-листа на најмоќните криминални организации во светот. Ранг-листата е направена според повеќе критериуми, како што се организираноста на криминалната организација, устројството и субординацијата, бројноста, бруталноста, обемот на извршените кривични дела… Во анализите се истакнува дека таквите организации низ годините сѐ повеќе се одликуваат со безмилосност, бруталност, моќ и добра организираност, вклучувајќи и добра опременост со ултрамодерна технологија, која им обезбедува информации за нивните планирани криминални зафати.
Во анализата е издвоен Мексиканскиот наркокартел како најмоќната криминална организација во светот, а во петте најмоќни се вбројува и албанската, која е во голем подем во Велика Британија.
1. Картелот Тихуана е значително ослабнат, но три големи картели и понатаму ја имаат најголемата моќ. Лос Зетас е еден од трите најголеми криминални здруженија, изграден, како што се наведува, врз темелите на поранешни полициски сили, кои прекуноќ прераснаа во организирана „нарковојска“ на Заливскиот картел. Подоцна излегоа од контролата и станаа независна организација. Сечење глави, измачување, атентати, киднапирања… се само некои од нивните тактики, а оваа групација со седиште во Нуево Ларедо денес се одликува со поларизација на групите „Браво“ и „Зетас“, кои се во постојан судир со конкурентскиот Картел дел Норесте.
2. На второ место е италијанската мафија со најбруталните претставници – Коза ностра, Сакра Корона Унита, потоа Ндрангета, т.е. Калабрези, како и неаполската Гомора. Освен со наркотици, тие се занимаваат со рекетирање, лихварство, подмитување, шверц, коцкање и илегално обложување. Остваруваат десетици милијарди долари во текот на годината, но не се веќе толку моќни како во минатиот век.
3. Руската мафија се најде на третото место, а Солнчевскаја братва претставува мрежа од десет одвоени т.н. „бригади“ што дејствуваат независно, но заеднички ги држат „руската страна“ и заедничките финансии. Големото надзорно тело е составено од 12 водачи, кои ја водат целата организација. Поврзаноста со тајните служби им дава специфичен контекст, а главниот бизнис се состои во соработката со производителите на афион во Авганистан, помеѓу кои, како што вели урбаната легенда, има и претставници од американската војска. Медиумите најмногу ги етикетираат нив како трговци со бели робје, сексуални робинки и педофилија.
4. Следни на листата се американските гангстери и уличните банди во САД. Особено се опасни „Крипсите“, афроамериканска улична банда, основана во Лос Анџелес. Познати се по наркодилерство, убиства и кражби. Во САД се многу моќни и латинобандите што одржуваат блиски врски со мексиканските наркокартели. Најмногу членови доаѓаат од Салвадор, а познати се по суровата и бескрупулозна одмазда. Моќни се и расистичките банди – Ариевци, „братство“ што дејствува на слобода, но и по затворите.
5. Меѓу петте најсилни мафии, според процените на полициските експерти во светот, се вбројува и албанската мафија. Крвната одмазда, култот на семејството и специфичниот сет на правила и симболи го прават албанскиот систем различен од класичната хиерархија.
„Албанската мафија има свои разграноци низ светот и таа им е значаен соработник на сите организации што продаваат дрога“, се вели, меѓу другото, во истражувањето.
Како што се констатира, „тајните аеродроми, политичката и правосудна немоќ, вооружените војници што ги штитат плантажите и целосното игнорирање на сите државни системи ја прават албанската мафија посилна од официјална Тирана“.
Се смета дека според уделот на пазарот на наркотици ги претекнаа мафијашите од Колумбија, дури со 75 проценти учество во европската трговија со дрога. Четирите најмоќни албански мафијашки организации се Кула, Абази, Борици и Брокај. Во мај во британските медиуми нашироко се пишуваше за „бруталното издигнување“ на албанската мафија, која ја контролира трговијата со кокаин во Британија. Во текстот се наведе дека Британската национална агенција за борба против криминал (НЦА) уште во 2017-та предупредила дека албанските криминални групи преземаат значителна контрола во шверцот со дрога. Пред три години, Албанците беа шести на листата на најголемите криминални групи што ги означи НЦА. Н.М.