Програмата за ресоцијализација на осудениците започнува со почнувањето на издржувањето на казната, но далеку дека завршува со излегувањето од затвор. Напротив, токму тогаш треба да почне вистинската инклузија на поранешните затвореници во општеството, кои треба, како и сите други граѓани, да придонесуваат за општиот, но и за својот личен просперитет. Затоа со право се смета дека оние што се огрешиле и тоа ѝ го отплатиле на државата со својата казна, потоа се рамноправни граѓани и ги имаат истите права и обврски како и сите. Но дали во реалноста е навистина така?
За повеќето поранешни затвореници ресоцијализацијата и достоинствениот живот по одлежаната казна се нерешлива загатка. Уште повеќе, пронаоѓањето постојана работа или какво било вработување заради лична егзистенција е вистинска ноќна мора. И едната и другата спомената енигма, поранешните затвореници ги сфаќаат како свој личен предизвик, а во многу случаи како непремостлива пречка. Но таквиот проблем е далеку од само нивен, персонален. Тој е многу повеќе проблем на институциите, односно е системски проблем.
Имено, програмата за ресоцијализација почнува со почнувањето на одлежување на казната, но не се завршува со излегувањето од затвор. Напротив. Токму тогаш треба да почне вистинската инклузија на поранешните затвореници во општеството, кои треба, како и сите други граѓани, да придонесуваат за општиот, но и за својот личен просперитет. Затоа со право се смета дека оние што се огрешиле и тоа ѝ го отплатиле на државата со својата казна, сега се рамноправни граѓани како и сите други и ги имаат истите права и обврски како и сите. Но дали е тоа така?
Примерот на 48-годишникот Славчо Блажевски од Тетово дава слика на состојбата во која се наоѓаат луѓето по издржување затворска казна и покажува како тие се соочуваат со општествените предизвици, но и со стигматизацијата од населението. Блажевски е на слобода од февруари, со примената на амнестијата на дел од затворениците, откако одлежал 24 години затворска казна за сторените разбојништва. Кога бил пуштен од затвор на 22 февруари немал воопшто пари, па во родното Тетово стигнал по ден и пол пешачење.
По шест месеци поминати како бездомник низ Тетово, Центарот за социјални работи го сместува во центарот за згрижување бездомници во Чичино Село. Сепак тој вели дека на овој начин понатаму, и покрај неговата голема волја и напор, тој нема можност да се вклопи во општеството. Тој истакнува дека е трагично за човек како него, работоспособен и во физичка и ментална кондиција, наместо да придонесува за пошироката заедница, деновите му минуваат без ниту една обврска. А смета дека може да работи доколку луѓето имаат повеќе доверба.
– Се обидувам, прашувам за работа, но никој не сака да ме вработи. Луѓето ме избегнуваат бидејќи имам лошо минато. Од друга страна, искрен сум, не сакам да лажам, па кажувам што точно се случувало со мене, дека сум бил во затвор за да не дознаат од друг. Имам диплома за електричар, но би работел што било. Во минатото сум направил многу проблеми, многу грешки. Ама сметам дека сега сум друг човек. Се надевам дека ќе ми се отвори патот за „вториот“ живот. Со работата би средил многу нешта. И би станал уште подобар, човек што придонесува – вели Славчо.
Во Центарот за социјални работи во Тетово тврдат дека со згрижувањето во Центарот за бездомници во Чичино Село се искористени моменталните можности за негова ресоцијализација. Според нив, нема потенцијална можност за сместување на Блажевски во родниот град. Проблем е непостоењето на социјални станови во Тетово, а оние неколку што ги има им се веќе доделени на социјално загрозени семејства. Родителите му се починати, а има сестра што има свое семејство. Немаа одговор на прашањето какви се можностите на центрите за социјални работи за вработување на Славчо или воопшто на поранешни затвореници.
Една од можностите за ресоцијализација на затвореници е Законот за пробација, со кој треба да се вработат т.н. пробациски службеници. Таков службеник би бил одговорен за затвореник, но со условен отпуст под надзор. Во случај на предвремено отпуштање, службеникот треба да му помогне на затвореникот да оствари контакти со други надлежни институции ако нема работа, околу постојано живеалиште односно домување, како и евентуално лекување. Исто така, постојат можности пробациски службеник да го следи животот на осудено лице со алтернативно казнување, наместо затвор, каде што би извршувал општо корисна работа. Има и други алтернативи за ресоцијализација и целосно вклопување на поранешните осуденици и затвореници.
Тие во никој случај не треба да бидат отпишани од државата, бидејќи ако се системски и програмски правилно насочени и интегрирани, тие се голем потенцијал, особено за малите услужни дејности и занаети, кои сега се дефицитни. Многу е интересна иницијативата на некои скандинавски земји, кои искуствата на поранешните осуденици ги користат како предавања и работилници со нивна лична вклученост, што има огромен импакт кај младите генерации во превентивна смисла на феноменот криминалитет.
Блажевски е пуштен на слобода со Законот за амнестија, кој беше донесен за дела сторени до 20 септември 2017 година. Беше образложен како закон со кој ќе се релаксира состојбата во затворите и ќе се подобрат условите во тие установи. Законот опфати 815 затвореници.