Европскиот магазин „Политико“ пишува дека на Австрија не ѝ се туѓи политичките скандали, но ниту еден канцелар никогаш претходно не се соочил со кривична истрага додека бил на функција
Позицијата на австрискиот канцелар Себастијан Курц во средата беше доведена во прашање, откако австриското јавно обвинителство отвори истрага дали канцеларот изнел невистини во истрагата на парламентарниот комитет за обвиненијата за корупција од страна на членови на неговата претходна влада. Курц ги негираше обвиненијата за лажно сведочење и изрази уверување дека ќе го врати кредибилитетот на својот углед.
Европскиот магазин „Политико“ во своето видување на оваа тема пишува дека на Австрија не ѝ се туѓи политичките скандали, но ниту еден канцелар никогаш претходно не се соочил со кривична истрага додека бил на функција. Доколку биде обвинет и осуден, Курц може да добие до три години казна затвор, бидејќи, според австриските закони, секој што сведочи пред парламентарен трибунал мора да ја каже вистината и мора да одговара исто како пред судот. Австрискиот канцелар веднаш излезе со изјава и порача дека нема намера да поднесе оставка. Правните аналитичари велат дека во наредните недели тој ќе се најде под зголемен притисок да се повлече од функцијата, бидејќи тогаш треба да се донесе пресудата. Од друга страна, „Еурактив“ ја пренесе изјавата на австриската опозиција на социјалдемократите дека „додека се води истрага и е отворен случај за еден канцелар, тој не може да продолжи да ги извршува своите должности и ќе мора да се соочи со последиците“.
Вестите за истрагата одекнаа во европскиот политички пејзаж, а особено во Германија, каде што Курц има углед на политичка ѕвезда и е вистински пример за конзервативните политичари на Стариот Континент, поради што во вторникот австрискиот канцелар беше во посета на Минхен за да прими посебна медиумска награда. Но изминатиот период дома му беше турбулентен. Кривичната истрага е само последниот удар за Курц, чија центристичко-десничарска партија беше вмешана во широката парламентарна истрага во она што во австриските медиуми стана актуелно како „скандал со казината“.
„Политико“ во својата анализа наведува дека во центарот на сложената истрага е наводен систем на непотизам и сомнителни финансиски текови што вклучуваат членови на најблискиот круг на Курц, неговиот поранешен коалициски партнер, Партијата за слобода од крајната десница, и австриските оператори на казината. Во кривичната истрага на 58 страници што ја објавија австриските медиуми во средата се опфатени напорите на владата на Курц да инсталира близок соработник што ќе биде на чело на државниот холдинг УБАГ. Австриската влада имала издвоено државни влогови во висина од 28 милијарди евра во неколку од најголемите компании од УБАГ во државата.
Во текот на парламентарното сослушување минатото лето, Курц негираше дека разговарал со својот советник Томас Шмит за раководењето со УБАГ. Но оттогаш беа објавени низа текстуални пораки меѓу Шмит, Курц и други што покажуваат дека Курц не само што разговарал со Шмит туку и го гарантирал неговото место на чело на холдингот. Австриското обвинителство ќе испитува дали Курц лажно сведочел за неговите односи со некои од членовите на одборот.
Австрискиот канцелар не е единствената јавна политичка фигура што се најде во центарот на истрагата за корупција. Меѓу другите се вклучени и министерот за финансии, Гернот Блумел, кој му е близок соработник на Курц, поранешниот министер за финансии Хартвиг Лугер и поранешниот министер за правда Волфганг Брандстетер, кој во моментот претседава со австрискиот уставен суд. Истражните власти исто така имаат долга листа на владини претставници од вториот ешалон што се поврзани со аферата, меѓу кои е и Бернард Бонели, шефот на кабинетот на Курц, кој исто така се соочува со обвиненија за лажно сведочење, како и Шмит, шефот на УБАГ.
Истрагите се тест за стабилноста на австриската демократија, но не затоа што високи владини претставници се во фокусот на скандалот, туку затоа што презедоа чекори за да го нарушат процесот. Дури и пред да се соочи со истрагата, Курц ги стави под знак прашалник компетентноста и мотивацијата на јавното обвинителство, што многумина во правната сфера во Австрија го сфатија како напад врз независното судство.
Најфлагрантното прекршување на демократските норми потекна од министерот за финансии Блумел, кој со недели одбиваше да соработува и по наредба на судот да му ги предаде преписките преку електронска пошта и други видови комуникација на парламентарниот комитет што раководи со истрагата за наводна корупција. Минатата недела тој ги предаде материјалите по ургенција на австрискиот претседател Александар ван дер Белен.
Во средата, Уставниот суд му нареди на Курц да достави слични докази за комуникација, а тој сигнализира дека ќе соработува, откако со месеци беше воздржан на барањата на комитетот. Но минатиот месец, Волфганг Соботка, претседателот на австрискиот парламент и сојузник на канцеларот, даде ненадеен предлог да се укине барањето за казнивост за лажно сведочење пред комитетот.