Дека ЕУ веќе зачекори во дигиталната деценија зборуваат новите програми и стратегиски рамки на Европската комисија, со кои Унијата ќе се трансформира во светски дигитален предводник. Со програмата „Дигитален компас“ започнува транзицијата, која ќе трае во наредните десет години, а со неа ЕУ сака да ја приближи масовната примена на дигиталните технологии меѓу граѓаните и во претпријатијата. Преку вложувањата во оваа програма, наедно се поддржува и „зелената транзиција“ – настојувањата Европа да стане климатски неутрална до 2050 година, а се јакне и нејзината глобална стратегиска позиција во корист на сите европски граѓани
Најави за почеток на еднодецениска дигитална трансформација на Европа
Ориентирана кон податоци, дигиталната технологија и инфраструктура што би овозможиле Европа да се трансформира во светски дигитален лидер е и клучната област: вештачката интелигенција. Европската комисија неодамна го стави во погон и првиот суперкомпјутер, именуван како Вега. Тој е само еден од неколкуте суперкомпјутери со голем капацитет што ќе создадат нови можности за натпревар во високотехнолошката економија и ќе им помогнат на европските истражувачи и на индустријата да остварат напредок во многу области, како што се медицината или борбата против климатските промени.
Сѐ започнува со поврзување. Нашиот план е да им обезбедиме гигабитна конекција на сите европски домаќинства во наредните десет години (до 2030-та). Истовремено, желба ни е 20 отсто од врвната микроелектроника да се произведува токму во Европа – изјави извршната потпретседателка на Европската комисија, задолжена за дигитална трансформација на економијата, Маргарет Вестагер.
Вештачката интелигенција нуди многу придобивки за одржливиот статус на Европа, нешто што Европската комисија веќе неколкупати го призна како факт. Почнувајќи од подобрена здравствена заштита, преку посигурен сообраќај, па до поевтино и поефикасно производство. Оттука, втора главна цел во наредната деценија е да се вложат 20 милијарди евра во сферата на вештачката интелигенција (ВИ), како и да се произведат повеќе од 25 отсто од сите светски индустриски и лични роботи на територијата на Европската Унија.
Најпрвин стекнување доверба кај граѓаните во употребата на вештачката интелигенција
Довербата на граѓаните во употребата на вештачката интелигенција е од круцијална важност за нејзиниот понатамошен развој. Токму од таа причина, Европската комисија предлага низа мерки за поттикнување на извонредноста во користењето на вештачката интелигенција, сугерирајќи притоа флексибилни правила, кои треба да претставуваат гаранција за безбедноста и почитувањето на основните граѓански права. Европската комисија претстави предлог за регулаторна рамка во однос на вештачката интелигенција, како и новокоординиран план, кој ќе се спроведува во дело во текот на следнава деценија, стриктно во соработка со земјите-членки на ЕУ. Новата стратегиска рамка за вештачка интелигенција се состои од клучни мерки за трансформација на Унијата во сигурна и безбедна целина, со кои таа ќе ја зацврсти водечката позиција на полето на напредната технологија. Планот содржи и дефинира голем број нивоа на вештачка интелигенција. Кратко речено, соочена со брзиот технолошки развој на вештачката интелигенција (во која сѐ повеќе држави вложуваат огромни парични суми), ЕУ мора да се позанимава со предностите на ВИ, но и со потенцијалните ризици што таа ги носи во однос на безбедноста и основните човекови права на граѓаните во рамките на Унијата. Планот ќе биде дополнет со уредбата за машини, односно безбедносни правила што ќе ја зголемат довербата на корисниците во новата генерација производи што доаѓаат. Оваа уредба воедно ќе понуди правна чистота, но ќе ги намали и административниот товар и трошоци, затоа што целосната документација ќе се спроведува во дигитален формат.
Се работи за важни прописи со кои Унијата ги развива новите глобални стандарди, кои ќе бидат гаранција за доверба во вештачката интелигенција – коментира Вестагер.
Дигитализацијата и ВИ носат со себе потенцијални ризици
Европската Унија мора да дејствува во единство доколку сака максимално да ги искористи предностите на ВИ и да ги минимизира потенцијалните ризици, а со оглед на тоа што оваа област раѓа многу предизвици, голема е нужноста од регулаторни прописи. Со Уредбата за вештачка интелигенција, на Европејците им се гарантира доверба во сѐ што таа нуди. Се дефинираат и воспоставуваат флексибилни правила за развој и пазарна употреба на системите што се базираат на потенцијалните ризици од користење вештачка интелигенција. Конкретно, се предлагаат инвестициски мерки заедно со низа барања за безбедно користење и транспарентност кон корисниците, за да се постигнат сигурност и почитување на основните граѓански права.
Наложивме обврски за строг надзор над употребата на високоризичните системи на вештачка интелигенција. Ги нарекуваме така зашто во голема мера влијаат на нашите животи. На пример, зборуваме за вештачка интелигенција што се користи за филтрирање биографски податоци при апликација за работа или факултет, потоа за автомобилски програми во возилата со систем за самоуправување или, пак, за медицински уреди што може да бидат безбедносно ризични – додава Вестагер.
Класификацијата на ризикот се темели врз предвидената намена на вештачката интелигенција и зависи од функцијата што ја врши корисничкиот посредник (интерфејс).
Затоа Комисијата во својата прва законска рамка предлага и нови правила, кои ќе гарантираат дека во ЕУ се користат безбедни, транспарентни и етички системи на вештачка интелигенција – секако, под човечки надзор.
Подетално објаснето, во четирите сектори на ризик ќе бидат селектирани разни системи што ќе мора да поминат низ процена за да бидат во согласност со барањата, а потоа ќе се одреди и во кој сектор на ризик припаѓаат. Така, во неприфатлив ризик ќе спаѓаат системите што претставуваат безбедносна закана и може да влијаат врз однесувањето на корисникот, а во висок ризик ќе бидат разните технологии што користат вештачка интелигенција за оценување, селекција или спроведување закони врз граѓаните. На пример, кај сите сектори во судството, управувањето со човечки ресурси, како и кај основните јавни или приватни услуги. За ваквиот тип на системи, пред излезот на пазар ќе важат строги обврски и сериозни процедури за процена на квалитетот. Во ограничен ризик ќе спаѓаат системите на ВИ во кои треба да се нагласи транспарентноста кон корисникот, како што се, на пример, четботовите, а во минимален ризик ќе се најдат категории како видеоигрите и филтрите за несакана е-пошта, со чија употреба не постои правен и безбедносен ризик за граѓаните.
Вестагер: Доколку сакаме Европа да биде уште поконкурентна во иднина, мора веднаш да вложуваме во дигитализацијата и ВИ
За надзор на високоризичните интерфејс-системи, снабдувачите ќе мора да воведат дополнителни мерки за тестирање на квалитетот и ризикот, а за целосното спроведување на правилата и изработката на стандарди ќе се грижи Европскиот одбор за вештачка интелигенција. Неговите цели ќе бидат насочени кон олеснување на спроведувањето на регулативата од уредбата, како и кон собирање стручно знаење, што ќе резултира со стандардизација на сите активности.
Имајќи за цел Европа да остане дигитално конкурентна, Комисијата се обврза да ги поттикнува иновациите во развојот и користењето на технологијата на вештачка интелигенција во сите сектори на секојдневието. Целта за трансформација на ЕУ во дигитална унија се гледа не само во креирањето стимулативни услови за развој и примена на ВИ туку и во поттикнувањето на нејзината извонредност (од лаборатории до пазари) при ставање во служба на граѓаните.
Европската Унија веќе финансира разни проекти во сферата на вештачката интелигенција и планира така и да продолжи. Еден од проектите е и ЦДАЦ, кој придонесе за развој на иновативни технологии за помош на пациенти што доживеале мозочен удар. „Ви верифај“ е уште еден финансиран проект, односно систем за верификација на интернет-пребарувач што спречува дезинформации и им помага на граѓаните да ја проверат автентичноста на информациите што се пласираат.
Во рамките на своите активности, Комисијата планира да овозможи и дополнителни мрежни центри за размена на знаење и стручност, центри за тестирање и експериментирање, како и вонредни центри, преку кои компаниите може да добијат технички знаења и можност за експерименти. Се планира да се воспостави и платформата „Интерфејс на барање“, која би служела како централна збирка од знаења, развојни алатки или софтверски рамки за индустријата или јавниот сектор. Пристапот до ваквите податоци претставува важен фактор за изградба на интерфејс-систем со високи перформанси, кој ќе биде потпомогнат со разни иницијативи, какви што се Стратегијата за кибернетичка безбедност на ЕУ и Законот за дигитални услуги на пазарот и управување со податоци.
Иако во последниот бран на дигитализација Европа можеби не беше лидер, таа има сѐ што е потребно да ја предводи следната дигитална деценија. Вештачката интелигенција ќе се интегрира во дигиталните технологии и индустрии, како што се производството, чистата енергија и здравството, а токму на овие полиња Европа покажува брилијантни резултати. Доколку сакаме Европа да биде уште поконкурентна во иднина, мора веднаш да вложуваме, во луѓе и технологија, но и во инфраструктура, за да изградиме доверба што ќе ги поттикне луѓето почесто да ја користат технологијата – заклучи извршната потпретседателка Маргарет Вестагер.