Македонските манастири и цркви и древното културно наследство, зачувано од Охридската архиепископија, стануваат сѐ почеста дестинација за православните верници од другите држави, што е големо признание за самата Македонска православна црква и за нејзиниот жив дух, но од друга страна и за развојот на популарниот манастирски туризам, кој го практикуваат многу православни држави

Острошкиот манастир во Црна Гора, Рилскиот манастир во Бугарија и Ерусалим во Израел се само некои од местата, кои во летниот период се честа дестинација за посета на Македонците, особено за оние што сакаат љубопитно да нурнат во духовност и спокој, како и да откријат нови тајни од историја на православниот живот.
Ништо помалку не се посетуваат и местата низ земјава, особено поголемите манастирски комплекси, како Бигорскиот манастир, Лесновскиот, Осоговскиот, манастирот „Свети Наум“, манастирите во Зрзе и Трескавец… Ова, според искуството на верниците, е одличен начин да се запознае духовното наследство во нашата земја, но и да се посетат различни дестинации каде што православието оставило печат, како и да се едуцираат луѓето за она што ја отсликува православната вера.
Многу често за ваквите патувања луѓето се информираат преку социјалните мрежи и преку Македонската православна црква – Охридска архиепископија, која најчесто е организатор на ваквите посети.

Бигорски манастир  Фото: Ненад Андонов

Според црковната терминологија, овој вид патувања по духовните светилишта во и надвор од државата се нарекуваат поклонички патувања и како што велат свештениците се можност верниот народ да се поклони и помоли пред светињите што се посетуваат.

Македонските манастири и цркви и древното културно наследство зачувано од Охридската архиепископија стануваат сѐ почеста дестинација за православните верници од другите држави, што е големо признание за самата Македонска црква и за нејзиниот жив дух, но од друга страна и за развојот на популарниот манастирски туризам, кој го практикуваат многу православни држави. Македонија од поодамна се обидува да го внесе манастирскиот туризам во мапата на туристички понуди, но засега тоа се одвива без некоја сериозна државна стратегија.

Отец Бобан Митевски вели дека треба да се прави разлика меѓу поклоничките патувања и обичните туристички патувања, а посетителите треба да го знаат тоа и да го имаат на ум, зашто при поклоничките патувања се става акцент единствено на духовното и имаат црковен аспект. Тоа подразбира дека во тие посети на манастирите треба да се учествува со вера, да се почитува типикот и да се запазува редот во местата што се посетуваат.

– Најчесто поклоничките патувања се насочени кон посета на свети места, храмови и манастири во кои има мошти на светители и чудотворни икони. Поклонички патувања се изведуваат и по светињите низ Македонија и во православните земји, како и секаде каде што има православни светилишта. Инаку, поклонички патувања треба да се организираат само со благослов на црквата, зашто инаку постои опасност од претворање на поклоничкото патување во суеверие или магизам – објаснува отецот.
Според отец Митевски, патувањата надвор од земјава најчесто се организираат на поблиските дестинации.

– Интересна дестинација за посета е градот Солун во соседна Грција, каде што се оди на поклонение на моштите на свети Димитриј и многу други свети места низ градот. Потоа, во манастирот „Суроти“, каде што се наоѓа гробот на новообјавениот светител Пајсиј Светогорец. Одиме и на Егина, каде што се моштите на големиот чудотворец, кој им помага на болните од рак, свети Нектариј Егински, на Евија, каде што се моштите на свети Јован Руски, потоа на островот Крф на моштите на свети Спиродон Чудотворец. Често се организираат тури и до манастирот „Острог“. Има патувања и до Рилскиот манастир, потоа по светите места низ Романија. Сега брзо беше организирано и патување во Украина и во Русија – посочува отецот.

Тој вели дека се организираат и поклонички патувања за Светата Земја, но поретко, еднаш до двапати во две години, зашто е подалеку и бара подобра организација и подготовка.

– Оваа година скопската епархија, во соработка со една туристичка агенција, организира патување за Ерусалим и други светињи по Израел. Патувањето ќе се спроведе од 9 до 16 ноември. Групата се наполни релативно брзо, па дури се собра речиси уште половина група за в година – објаснува отецот.
Според неговите сознанија, македонските свети места и манастири најмногу ги посетуваат гости од Грција, Бугарија, Русија и од Србија.

– Се посетуваат Охрид и светите места низ Охридско, Бигорскиот манастир, Трескавец, Варош, Водоча и Вељуса, Лесновскиот и Осоговскиот манастир, потоа градот Битола и тамошните храмови – додава отец Митевски.

Инаку, според последните податоци во Македонија има околу 2.000 цркви и манастири, кои потекнуваат од различни периоди.


Муслиманите ревносни кон аџилакот

Околу илјада муслимани од Македонија секоја година ги посетуваат светите места Мека и Медина во Саудиска Арабија. Таму го извршуваат петдневниот ритуал што секој возрасен муслиман, ако е во можност, треба да го изврши барем еднаш во текот на својот живот. Тоа се смета за еден од најзначајните духовни подвизи при практикување на исламската вера. Годинава од Македонија заминаа 672 верници во Мека и во Медина. Наедно, тоа е најголемиот собир на луѓе од светот, на кој присуствуваат повеќе од милион верници.