Во текот на викендов кинеската ракета наречена „Долг марш 5Б“ ќе падне на Земјата и поголемиот дел од неа веројатно ќе согори при враќањето. Американските воени експерти очекуваат бустерот од ракетата да се се спушти денеска или утре, но предупредија оти е тешко да се предвиди каде ќе биде падот како и колку остатоци од ракетата ќе удрат на тлото. Кинеската влада соопшти дека веројатноста за причинување на штета на авиосообраќајот или на луѓето при падот на ракетата е екстремно ниска.
Но судбината на бустерот го потенцира поголемиот проблем на вселенскиот отпад, сообено додека вселената станува цел, не само за националните вселенски програми, туку и за растечкиот приватен сектор. Приватните компании, кои се очекува да испратат 45 илјади сателити во земјината орбита во наредните неколку години, се под правна одговорност на државите-домаќини. Згора, се проценува дека околу Земјата веќе орбитираат 9.300 тони вселенски отпад, со што прашањето за можни судири во вселената и за загадувањето предизвикуваат загриженост.
– Вселенскиот отпад е познат веќе извесно време, но сега имате поголема конкуренција во вселената. Немате само две нации, туку и Кинезите имаат значајна улога, како и Европската вселенска агенција, меѓудругите. Кога имате повеќе играчи, работите стануваат покомплицирани – вели американската универзитеска професорка Џоен Габриновиц која е упатена во тематиката.
Експертите постојано изразуваат загриженост за ризиците од судир, уште од 2009 годна, кога два сателита – „Иридиум 33“ и „Космос 2251“ се судрија над Сибир со брзина над 41 илјада километри на час, распрснувајќи се на илјадници парчиња. А Европската вселенска агенција минатиот месец одржа голема конференција на оваа тема.
Судбината на кинеската ракета би можела да го сврти вниманието на националните влади и надлежните меѓународни организации кон прашањето на одржливост во вселената и да отвори повеќе можности за компаниите што се подготуваат да се зафатат со проблемот на вселенскиот отпад преку комерцијални сервиси.
Според Европската вселенска агенција, околу 6.900 од вкупно 11.370 сателити во орбитата на Земјата уште циркулираат, додека околу 4.000 се во функционална состојб. Но бројот на отпадни делови кои мрежите за надзор на вселената ги следат изнесува 21.160.